Елена Петреска: Секоја мајка е успешна

Поп пејачката често имаше живи свирки во скопските кафулиња, а истовремено е и мецосопран и дел од ансамблот на Македонската опера и балет. Сега има полни раце работа со нејзините две деца, Михаил кој наскоро ќе полни 2 години и тримесечната Софиа, па се друго е во втор план.

0
993

Како на Вас како личност влијаеше мајчинството и родителството?

Мајчинството многу ме разнежни, станав многу почуствителна, повнимателна, поодговорна. Едноставно начинот на живот кој се води претходно не се споредува, ако претходно сме на некој начин егоисти и сконцентрирани на самите себе, родителството не учи на една нова лекција, дека фокусот може да се пренасочи во една прекрасна и чиста енергија, во безусловна љубов која ја чувствуваме кон децата.

На какви вредности ве научиле Вашите родители и на какви вредности Вие ги учите или планирате да ги научите Вашите деца?

Моите родители и бабите ми пренесоа љубов кон блиските и верба во Бога. Тоа се две вредни работи кои се закоренети во мене, фамилијата секогаш да ми е на прво место, вербата во Бог на кој му се заблагодарувам за сите искушенија и научени лекции и за се што имам во животот, пред се духовно, а и материјално. Тие вредности ќе им бидат пренесени на моите деца, но и многу ми е битно нивната свест да биде подигната на повисоко ниво, да ги надминат предрасудите и клатната кои ги создало ова наше општество. Сакам да бидат сигурни во себе и во она што го поседуваат, да носат правилни одлуки во животот, да не бидат ограничени и да не се фрустрираат кога ќе згрешат, туку секоја грешка да им биде научена лекција која ќе ги однесе на вистинскиот пат.

Дали ќе ги воспитувате децата на традиционален начин во смисла – девочјињата треба да знаат да работат женски работи по дома, а момчињата машки или воопшто да не работат домашни работи?

Нема да правам полови поделби во таа смисла. Секако дека ќе ги научам на битните секојдневни навики кои мора да ги поседуваат двајцата, но во никој случај нема да ги поделам на машки и на женски обврски. Еве на пример Михаел кога го гледа татко му со штрафцигер во рака веднаш и тој зема да работи, тоа можеби природно си оди синот да се огледува на таткото, но исто така знае и мене кога расчистувам по дома да ми додаде некој предмет со што ќе ми помогне додека чистам, тоа го прави своеволно и можеби така несвесно добива некаква слика за машко-женските поделби кои кај нас фала Богу и не се толку изразени зашто не функционираме толку традиционално.

Кои Ваши животни лекции сакате да им ги предадете на Вашите деца без самите непотребно да ги осетат на своја кожа?

Секој родител сака да го заштити и да го поштеди своето дете со тоа што ќе му ги пренесе своите негативни и позитивни искуства. Мислам дека тоа на некој начин се наши фрустрации и наши искуства кои и не мора да значи дека за детето ќе бидат исти такви или пак дека ќе ги доживее како ние што сме ги доживувале. Сигурно ќе живеат во поразличен свет од овој нашиов зашто се се менува со огромна брзина, и којзнае уште што не ќе биде поразлично од ова што ние го живееме, па затоа незнам колку ќе успеам да влијаам на нив позитивно или негативно. Битно ми е да бидат сигурни во себе, да им го искоренам овој наш македонски синдром дека сите се повредни од нас! Сакам да веруваат во себе зашто сите ние сме на некој начин посебни и вредни, и заслужуваме да си го живееме сопствениот филм без да се заморуваме со тоа кој како не доживува.

media-share-0-02-05-7930454158eaaf7cb0c55a0120f810190b2e2676cb22c1c0d358cfe690393495-picture

Вашиот рецепт за успешна мајка е:

Нема рецепт за успешна мајка. Секоја мајка е успешна со тоа што станува на секои 2 часа навечер за да го нахрани детето, со тоа што по цел ден му пее, му зборува, му готви, пере и патем, ако има време, ќе испие едно кафе… Едноставно мислам дека секоја жена, каква и да е, е совршено успешна мајка заради љубовта кон своето дете.

Со оглед на забрзаниот современ начин на живот и кусокот време – како го поминувате времето со Вашите деца и дали е тоа доволно за нив?

Во моментов сум им максимално посветена на децата. Активна сум со настапи, но тие се редуцирани и се навечер кога децата спијат, одам на факултет, но тоа се 2 до 3 часа дневно максимум. Преостанатото време сум со нив, Михаел е поголем и не е толку зависен од мене, но Софиа има три месеци, ја дојам па нормално е дека не можам да бидам многу отсутна од дома. А искрено во моментов и најбитно ми е да сум со нив, да им пружам максимално внимание и љубов…

Колку сте строг, а колку попустлив родител?

Во принцип сум многу попустлива, но има моменти кога навистина е напорно, особено со две деца кои се мала разлика во годините и бараат големо внимание. Знам да му викнам на Михаел кога прави лудории по дома, но тоа трае кратко, додека не ме шармира со една насмевка.

Што Ви помага да го негувате детето во себе?

Во мене е тоа едно гласче кое ми зборува за фантазијата, за мечтаењето, за сонувањето со отворени очи. Тоа дете е секојдневно со мене, ме одделува од реалноста, ме враќа назад, ми создава големи желби и верба во чуда…

[better-ads type='banner' banner='999' ]