Голготата на еден татко 

Жал ми е за детето и копнеам по него, вели нашиот соговорник кој во рок од 2 ипол години, успева да „извојува“ само две видувања со својот син, едно викенд и едно двонеделно уживање - цели 15 дена заедно, татко и син

0
3870

Лазо Наунов од село Ратавица, кај Пробиштип, од неодамна е дел од Иницијативата за заедничко родителство после развод чија идеја е спроведување на заедничко родителство после развод во услови кога постојат двајца родители кои сакаат, можат и се подобни да се грижат за своето дете. Притоа, нивните предлози за заедничко и одговорно родителство по развод не важат за неподобните родители, меѓу кои и такви за кои во судска постапка со правосилна пресуда е докажано дека се извршители на насилство. Истовремено, тие потенцираат дека во моментов постои огромен број деца кои трпат насилство во форма на родителско оттуѓување (изолирање од едниот родител). Тоа е токму она што му се случува и на нашиот соговорник.

Лазо Наунов изгледа како прилично скромен и кроток човек, посветен татко кој за жал, својот седумгодишен син за две ипол години успеал да го земе кај себе само два пати иако со решение од Центарот за социјални работи – Пробиштип, но и со судска одлука, му се утврдени видувања со неговото дете секој втор и секој четврти викенд во месецот.
За се друго, Наунов е опструиран од поранешната сопруга и нејзината мајка. За истото, односно за кривично дело „Одземање дете“, неговата поранешна сопруга од основниот суд во Штип е осудувана условно веќе неколку пати.
Доколку осудената во рок од три месеци од денот на правосилноста на пресудата не се придржува во целост кон обврските утврдени со Решението на Центарот за социјални работи – Пробиштип во врска со доверувањето на детето на неговиот татко, судот во Пробиштип наведува дека изречената условна казна ќе се отповика и ќе биде заменета со казна затвор. Меѓутоа, судот постојано и дава нови шанси и таа во два наврати, само за да ја избегне затворската казна, го исполнува ветеното. Тоа е токму тогаш кога се случуваат оние два пати кога Лазо успева да добие еден викенд и првите 15 дена со својот син.
Истовремено, и покрај се, мајката е се уште законски старател на детето иако стручните служби ја упатуваат во Советувалиште за подигнување на нејзините родителски капацитети, а нејзината мајка пак, бабата, која своеволно ја презема родителската улога, ја прогласуваат за доминантна и е посочена од нив и од мајката како причина поради која осудената не се придржува кон решението на Центарот за социјални работи. Имено, поранешната сопруга на Лазо и мајка на малолетниот Ј.која живее со своите родители, изјавила дека од мајка си добивала предупредувања дека доколку го однесе детето кај таткото ќе биде избркана од дома. Во меѓувреме, само за да избегне затворска казна, во два наврати дозволува детето да замине со таткото, а кога тоа не сака да се врати кај нив, заедно со мајка си го одземаат од таткото на насилен начин.
„Додека детето плаче и ме моли да не го враќам кај нив, иако јас цел ден му објаснувам зошто морам да го сторам тоа, тие доаѓаат и насилно, без трошка озбири кон неговите чувства и кон тоа што станува збор за наше дете, мое и нивно, за нивна крв, го фаќаат за врат, за јака, за ракав, го тегнат и го пикаат во такси. Судот постојано и дава нови шанси, детето расте во нездрава средина, се соочува со немили сцени, со агресивност и насилство, а јас како татко немам право ниту да го слушнам, ниту да го видам. Се обидував да го поштедам, не сакам пред него да правиме сцени затоа што сум свесен што значи сето тоа и како се одразува врз психата на едно седумгодишно момче, но не можам ниту да се откажам од своите родителски права, не сакам да расте без мене, не сакам никој да го оттуѓи моето дете од мене како што и јас не сакав да го оттуѓувам од нив“, ја почнува приказната за својата голгота овој татко.

Родителско право

„Не ми е целта мојата бивша сопруга да оди во затвор, свесен сум за последиците, свесен сум дека е таа сепак мајка на моето дете, но не гледам начин. Доколку можев да го остварам своето родителско право, доколку ми дозволеа да му бидам родител на своето дете, сигурно дека немаше да одиме по судови. Но за двеипол години, со триста маки, жалби и поплаки успеав да бидам со синот само два пати – еден викенд и со решение на Центарот за социјални работи како надокнада за повеќе пропуштени средби, 15 дена во јуни годинава. Беше распуст. Многу ни беше убаво, игравме фудбал, му покажував некои вежби кои ги знам од времето кога играв фудбал во ФК „Рудар“ во Пробиштип кога беше во првата лига. Толку беше среќен со мене што кога мајка му и баба му се јавуваа по телефон, ме молеше да ги исклучам и да не разговарам со нив. Ми велеше дека му е подобро кај мене, дека е подготвен и да се префрли во друго училиште само да биде со мене. Уживаше, се радуваше, го носев во рибникот кај Злетово, им даваше храна на рибите, го носев на ручек, се шетавме, му готвев,…Тоа беа најубавите 15 дена во мојот, а за жал, мислам дека беа најубави и во животот на моето дете кое не сакаше да си замине назад во домот на мајка му и баба му, ме молеше да не го враќам, повраќаше, па дури и качи температура. Што мислите, какво е чувството кога знаете дека детето сака да остане со вас, а вие мора да го вратите назад и не знаете кога следен пат ќе ви биде овозможено да го видите, кога знаете дека кај мајка му и баба му се соочува со страшни притисоци, па дури и со насилно однесување и агресија?
Кога го почнав брачниот живот со мојата поранешна сопруга, јас ниту на сон не мислев дека еден ден ќе ми се случуваат вакви работи. Почнавме заеднички живот во мојот дом во село Ратавица, мојата сопруга се породи во Систина, и не го покажуваше своето вистинско лице првите неколку месеци, иако се соочив со проблеми од страна на нејзината мајка уште кога отидов кај неа и кај таткото на мојата сопруга за да им го честитам раѓањето на нашиот син, а нивен внук. Уште тогаш таа почна да ме напаѓа за се и сешто. Потоа продолжи со тоа, доаѓаше кај нас и постојано ни се мешаше, се додека синчето малку не потпркна, а тогаш мојата сопруга почна се почесто да оди кај нејзините во Пробиштип, заедно со детето. Тоа одеше дотаму што јас бев повеќе сам отколку со нив. Реновирав дома за да создадам подобри услови, и давав пари, правев се, но сепак бев почесто сам отколку со своето семејство. Во една пригода, мојата сопруга ја нападна мајка ми со која живеевме во заедница и таа заврши со 7 конци на главата. Тогаш веќе почна да си го покажува лицето. И самата жртва на семејно насилство од страна на мајка си, мојата поранешна сопруга почна да покажува агресија. Во самите документи, во решенија и судските одлуки, секаде можете да прочитате дека таа самата признава дека добивала предупредување од својата мајка дека доколку го донесе детето кај мене, ќе биде избркана од дома, за потоа заедно со мајка си да му направи притисок и да го принуди нашиот син да каже пред судот дека не сака да дојде кај мене, и на крајот по којзнае кој пат повторно да ветува дека нема да прави опструкции. Затоа поднесов барање за развод, сфатив дека не оди. Разведени сме од 2014.година, но голготата се уште трае.

Шанса за нормално детство

Од неодамна станав дел од Иницијативата за заедничко родителство после развод и добив поддршка, се запознав и со други родители кои поминуваат низ исти или слични голготи, и добив надеж дека моето дете ќе добие некаква шанса за нормално детство. Иако е направен увид и е констатирано од надлежните служби дека е детето емоционално поврзано со мене, тие, без присуство на психолог и на своја рака, го изведоа пред судијата и кога тој го праша дали сака да дојде кај мене, мајка му му се обрати и гласно, пред судијата му нареди: „кажи не“!
Се разбира дека кажа „не“. Како поинаку да постапи едно седумгодишно дете со постојано место на живеење кај таа иста мајка и кај бабата која со сила и за врат, го пика во такси и го зема од прегратките на татко му, освен да послуша и да одговори како што му велат затоа што знае дека повторно ќе мора да се врати со нив, дури и ако го пуштат кај мене на викенд или како минатиот пат, на 15 дена. Затоа јас поведов и постапка за измена на судската одлука за старателство“, раскажува Лазо.
Тој вели дека никогаш не сакал неговото дете да живее без мајка, но не сака да живее ниту без татко, под притисок, со тепање и со насилство, во тотално нездрава средина. „Не сакам да поминат уште две ипол години за да го земам на викенд и не сакам никогаш повеќе да се повтори сликата од декември минатата година кога Центарот ми дозволи да го земам на 1 час за да одиме заедно да му купам новогодишно пакетче, да го израдувам, да го држам за рака, а не поминаа ниту 15 минути кога баба му влета во маркетот во кој бевме влегле по пакетче, го отргна насила од мене и го пикна во такси додека тој плачеше а мене срцето ми се кинеше“, објаснува овој татко со насолзени очи, но подготвен да оди до крај, па и по оваа цена, да излезе и да ја раскаже својата приказна јавно и на тој начин да го сврти вниманието на јавноста кон овој проблем со кој се соочуваат и други родители кои немаат среќа, ниту дозвола да ги гледаат своите деца.

„Украдени моменти“

Засега, Лазо ги надополнува изгубените моменти со своето дете со тоа што секој слободен ден и секој слободен час оди во училиштето на својот син и успева да се види со него на пет минути, за време на одморот, да му купи нешто за јадење, да го прегрне и да го бакне.
Алиментација плаќа редовно, но кога би имал можност, вели, би правел уште многу други работи за своето дете.
„Сум се обидел да разговарам со поранешната сопруга, да се договорам, но ништо не можам да постигнам затоа што таа постојано се вади со мајка и. Нејзините примања не се доволни за да си замине од дома, ниту пак би се осмелила да го направи тоа дури и да има доволно финансиски средства за истото. Едноставно, нема свое ЈАС, ја слуша мајка си и прави се што таа ќе и каже. Бабата одлучува за нашето дете. Центарот за социјални работи е добро запознаен со се, ме поддржуваат, но велат дека не се моќни да сторат нешто повеќе. На пример, тие имаат решение да одат да извршат контрола во нивниот дом, но бабата им кажува кога може да дојдат. Жената е очигледно психички болна. Нејзиниот сопруг, дедото на син ми, е поразумен човек, но и самиот е жртва на жената. Што да кажам друго за жена која се осмелува на судијата на судското рочиште за нашиот случај да му каже: „Јас сум закон тука, не ти“, а полицијата не може да ја избрка од судницата. Не можам да ви опишам и веројатно нормален човек не може ни да замисли како сето тоа може да се случува и тоа внатре, во институциите на системот.
А јас правам се според процедурата, имам поднесено и претставка до Скопје, од таму има одговор дека се констатирани неправилности во работата на центарот за социјални работи, дека ќе постапуваат по решение што е издадено од нивна страна, за остварување на видувања два пати во месецот, но за жал ништо од тоа не се остварува. И така се вртиме во круг, јас по решение од центарот за социјални работи одам во Центарот во сабота во 12 часот, тие не ми го носат, јас пријавувам дека не го донеле и во Центарот и во полиција, тие преземаат натамошни постапки, случајот оди на суд, неа ја осудуваат условно, и се се повторува. Се придржувам кон правилата бидејќи не сакам да ги применувам нивните насилни методи, не сакам да ме обвинат дека ги вознемирувам, а и самиот не сакам да го ставам под дополнителен стрес своето дете. Жал ми за детето и копнеам по него. Тоа е тоа!
Не се плашат од ништо затоа што не се преземени соодветни мерки. Мојата цел не е да ја ставам во затвор туку да си ги остварам родителските права. Ако неа ја праќаат на советување за да ги подобри своите родителски капацитети, тоа значи дека признаваат самите стручни служби дека е неподобен родител, а ако не е подобна, тогаш зошто при жив и здрав друг родител-татко, кој си го сака своето дете, него го чува уште понеподобна и насилна баба?! Зошто да не ми го доверат мене, а неговата мајка да поработи на себе за да докаже дека може и сака да биде подобен родител, зошто во една среќна идна приказна нашето дете да нема двајца родители кои не се во брак, но се еднакво добри родители кои се секогаш тука за него?!“, прашува Лазо.

Драгица Христова

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here