Како да препознаете дали вашето дете има Аспергеров синдром?

Станува збор за развојно пореметување од аутистичниот спектар чие основно обележје е недостатокот на емпатија. Детето не може да ги разбере, обработи ниту да ги изрази своите, ниту пак емоциите на другите луѓе. Не покажува сочувство, не може да замисли како е „да биде во кожата на некој друг“.

0
1715

Луѓето со ова пореметување од аутистичниот спектар имаат потешкотии во социјалните интеракции и невербалната комуникација, а обрасците на однесување и интересите им се ограничени и стереотипни.
Точната причина за Аспергеровиот синдром не е позната, но стручњаците сметаат дека значајна улога играат генетските фактори и факторите на околината. Значително е почест кај момчињата.

Како да препознаете дали детето има Аспергеров синдром?

Детето со Аспергеров синдром е тешко да се опише со оглед на тоа што на прв поглед не се разликува од врсниците. Иако, како и останатите развојни пореметувања, почнува во раното детство, симптомите често не се воочливи додека детето не се најде во градинка или во училиште.
Основното обележје на овој синдром е недостатокот на емпатија. Детето не може да ги разбере, обработи ниту да ги изрази своите ниту пак емоциите на другите луѓе. Не покажува сочувство, не може да замисли како е да „биде во кожата на некој друг“. Тоа го отежнува склопувањето на пријателства како и взаемното делење на успесите и неуспесите.

Тие деца се просечно или натпросечно интелигентни и немаат застои во говорниот развој. Напротив, нивниот вокабулар може да биде исклучително богат од најрана возраст. Затоа честопати симптомите се воочуваат подоцна отколку што е тоа случај кај аутизмот затоа што родителите и околината во раната возраст се најмногу усмерени кон прозборувањето на детето. Но, говорот може да биде необичен, речиси „роботизиран“ или „како да пее“, гласен или дисхармоничен.

Не ги разбираат невербалните пораки, фигуративниот говор или хуморот. На пример, мимиката на лицето или положбата на телото кои обично ни помагаат да сфатиме што сакала да ни каже другата личност, дали е некој среќен, тажен, вознемирен. Децата со правилен развој ги совладуваат тие вештини без посебна едукација, спонтано и интуитивно.

Децата со Аспергеров синдром се интензивно окупирани со одредени теми за кои многу знаат и може да се каже дека се повеќе заинтересирани за светот на предметите отколку за луѓето. Бурно реагираат на промени во секојдневниот живот и тешко ги контролираат чувствата. За овој синдром е карактеристична моторичката неспретност. Детето може да има лошо координирани движења и необичен телесен став.

Децата со Аспергеров синдром често го поминуваат периодот на предучилишна возраст без одредена дијагноза. Околината можеби ќе препознае дека се „необични“, понекогаш хиперактивни, агресивни или имаат проблеми со вниманието, но често сето тоа е во друштвено прифатливи рамки.

До вистинската дијагноза најчесто се доаѓа со поаѓањето на училиште кога од детето се очекува подолго време да седи мирно и да не зборува, да не ги прекинува другите додека зборуваат и слично. Тогаш потешкотиите почнуваат се повеќе да го отежнуваат секојдневното функционирање во колективот.

Но во пониските одделенија од основното училиште до израз доаѓаат и талентите на таквите деца како што се познавање на буквите и одлични математички способности.
Во повисоките одделенија потребна е уште поголема поддршка и за детето и за родителите и за наставниците затоа што тогаш доаѓаат до израз способностите за разбирање и прераскажување.

За Аспергеровиот синдром не постои единствен лек. Најважно е да се постави точна дијагноза колку што е можно порано.

Кој ја поставува дијагнозата?

Дијагнозата ја поставува мултидисциплинарен тим составен од педијатри, детски психијатар, психолог, рехабилитатор и логопед. Тие го посматраат детето, ги собираат сите потребни информации и одговараат на прашања кои се однесуваат на три подрачја:

Потешкотии во социјалната интеракција (на пример, дали детето има потешкотии во воспоставувањето и одржувањето на пријателства? Каков му е контактот со очи?)

Комуникациски потешкотии (На пример, го разбира ли детето јазикот многу буквално? Изнесува ли често премалку или премногу информации на поставеното прашање?)

Многу тесни и силни интереси (на пример, Дали е детето експерт за некоја тема? Се вознемирува ли ако го прекинете во неговата рутина?)

Се прави и тест на интелигенција (со кој се утврдува дали станува збор за дете со просечен или натпросечен коефициент на интелигенција) и проценка на јазичниот развој (што е потребно за натамошни логопедски интервенции).

По собраните информации, терапијата е усмерена на учење на друштвените и комуникациските вештини, вежбање на тие вештини во секојдневни околности и давање на психосоцијална поддршка на детето и семејството.

Аспергеровиот синдром кај возрасните

Децата со Аспергеров синдром веројатно ќе пораснат во самостојни и функционални членови на друштвото, а поради своите посебни таленти можат да бидат незаменливи експерти во подрачјата кои ги интересираат.
Некои од тие таленти се:
Забележуваат и памтат детали кои другите луѓе не ги забележуваат
Лесно памтат закони и факти
Исклучително се добри во пишувањето затоа што внимателно бираат зборови кои значат точно она што сакаат да го кажат.
Вешти се во математиката, програмирањето и науката
Уживаат да прават иста работа многу пати
Добри се во цртање, сликарство и фотографија
Она што е карактеристично за оваа група возрасни е почеста склоност кон депресија. Друштвото во целина очекува од секој поединец да биде друштвено ориентиран и заинтересиран за комуникација со другите луѓе, како и да се однесува во согласност со друштвените правила што на лицата со Аспергеров синдром може да им биде тешко.

Важно! Ако го препознавате своето дете во овој текст, тоа не значи дека тоа сигурно има Аспергеров синдром. Дијагнозата ја поставува тим од експерти врз основа на посматрање и цела низа од тестови. Затоа, ако сте загрижени, разговарајте со педијатарот или со предучилишниот или училишниот психолог.

loading...