Како да воспитате син феминист?

Ние ги воспитуваме нашите ќерки да се борат против стереотипите и да ги следат своите соништа, но не го правиме истото и за нашите синови.

0
314
Ги воспитуваме ќерките да се борат против стереотипите во потрага по своите соништа, но не го правиме тоа и со синовите, тврдат социјалните проучувачи. Девојчињата ги охрабруваме дека можат да бидат и астронаути и мајки, но ги обесхрабруваме момчињата да имаат интерес за нешто што се смета за женствено. Нив ги учиме да се цврсти по секоја цена.

Ако сакаме да создадеме рамноправно општество, во кое секој ќе може да напредува, мора и на момчињата да им дадеме поголем избор, велат стручњаците.

-Среќна сум што почнавме да ги воспитуваме ќерките како што ги воспитуваме синовите, но тоа нема да е успешно се додека не почнеме повеќе да ги воспитуваме синовите како ќерките – вели Глорија Стеинем, американска феминистка и новинарка.

Во литературата постојат книги за воспитување на ќерки феминистки, но како да се воспита син феминист?

Еве неколку одговори, кои ги понудиле психолози, економисти, невролози и други стручњаци, кои вршат истражување на родовите прашања во САД. Но, овие совети може да ги практикуваат сите заинтересирани родители, кои сакаат да воспитаат потомци што ќе бидат љубезни, доверливи и кои ќе ги следат своите соништа.

Споделувајте ги домашните работи. Охрабрувајте пријателство со девојчиња. Дозволете им да плачат. Ова се некои од стручните одговори на прашањето како да се воспита син кој верува во машко-женската еднаквост

Дозволете му да плаче

Момчињата и девојчињата плачат исто додека се бебиња и мали деца, покажуваат истражувањата. На 5-годишна возраст момчињата почнуваат да ги примаат нашите пораки дека лутината е прифатлива, но и дека од нив не се очекува да покажат други чувства, како ранливост, на пример. На ќерките им е дозволено да се човечки битија, а синовите ги учиме да бидат роботи. Напротив, треба да ги учиме да кажат: не сум лут, ама сум исплашен или чувствата ми се повредени или ми треба помош“.

Дајте му пример

Момчињата се особено отворени да учат од практични примери, дури и повеќе од девојчињата. Докажано е дека момчињата, израснати во средина без татковска фигура, полошо се снаоѓаат со однесувањето, учењето и заработувачката. Но, на синовите им треба и силен женски пример. Зборувајте им за достигнувањата на познатите жени во спортот, политиката и медиумите. Синовите на самохраните мајки обично имаат голема почит за нивните достигнувања, па треба да се охрабруваат и другите жени да ги гледаат на таков начин.

Дозволете им да си бидат свои

Иако родовите разлики се надминуваат, производите за деца стануваат родово се поподелени. Сега дури и повеќе отколку пред 50 години, велат истражувањата. Розовите принцези и сините камиони веќе не се само одредници за играчки, туку и за торти, облека, четкички за заби.

Но, невролозите велат дека децата не се родени со такви преференции. Се до средината на 20 век, розовата била и боја за момчиња, а сината и за девојчиња. Ваквата сегрегации по играчки и по бои долгорочно предизвикува процепи во академските, просторните и социјалните вештини, тврдат стручњаците. За да ги достигнат децата своите целосни потенцијали, треба да си ги следат интересите, без оглед дали се традиционални или не. Оставете ги да го прават тоа. Идејата не е сите деца да сакаат да ги прават истите нешта, туку да знаат дека не се ограничени во изборот. Нека си играат девојчињата со коцки или со глина. Нека одат момчињата на часови по уметност или по балет. Излезете од стеротипиите.

Учете ги да се грижат за себе

Некои мајки ги воспитуваат своите ќерки, а ги сакаат своите синови, велат експертите. Ги подучуваат ќерките на дисциплина, на учење, на воншколски активности, но не го прават тоа и со синовите. Учете ги синовите да готват, да чистат и да се грижат за себе за да бидат подеднакво компететни во домашните работи како што ги учите ќерките да бидат компетентни на работа.

Споделувајте ги обврските

Кога е можно, дајте и отпор на родовата поделба во домаќинството и во грижата за децата. Акцијата кажува повеќе од зборовите.

Охрабрувајте пријателства со девојчиња

Во градинка децата почнуваат да се делат по полот што ги засилува родовите стереотипии. Но, докажано е дека децата кои се дружат со врсници од другиот пол подобро ги учат животните лекции по комуникација и решавање на проблеми.

Не значи не

Ова е друг начин да се учат почит и дозвола. Учете ги децата да побараат дозвола пред да го допрат другарчето. Учете ги и за силата на зборот „не“. Престанете да ги скокоткате или да се борите со нив кога ќе ви речат „не“. Детската изложеност на ваквата „дисциплина“ се поврзува со успешните решенија на конфликтите во нивните идни романтични врски.

 

loading...