Менде Велјановски: Татко во седмата деценија од животот

Менде Велјановски е жива легенда и зачетник на акробатското летање со параглајдер во Македонија. Има 64 години, но е витален, активен и со кондиција како и пред 40 години. Овојпат со него разговараме на една сосема друга тема – родителството и одгледувањето на две малолетни деца во седмата деценија од животот

0
3576

Менде, вие сте еден од пионерите на параглајдингот во Македонија и досега ве препознававме како таков, но она што не изненади е информацијата дека некој конечно успеал да ве „приземји“?

Мајка ми велеше дека за секое грнче има и поклопче. И покрај тоа што моите најблиски сметаа дека за мене нема, испадна дека мајка ми беше во право. Сепак, ако на некој начин сум приземјен, тоа го направија децата и чувството на одговорност кон нив. Од друга страна пак, и птиците имаат семејства, па не се приземјени, напротив, сите пролетуваат. Како и сите смртници и мене понекогаш ми се случува да се вљубам токму во ликот што го опишувам во моите два романи. Таа „глупост“ ми се случи пред шест години. Но секое „зло“ за добро. Така, Господ нè облагороди со деца и ете го семејството. Синот се роди пред две и пол години, а ќерката пред осум месеци.

14188612_10154401010510528_5138565138499845460_o

Што се смени во вашиот прилично авантуристички и самотнички живот откако станавте родител на две деца?

Од мојот авантуристички и самотнички начин на живеење, се смени само едно: не сум повеќе сам. Авантурата пак, се зголеми. Сега предизвикот е уште поголем, а авантурите уште поинтересни. Од летањето не се откажав, туку го интензивирав, не како натпреварувач туку како мастер инструктор во меѓународната организација со седиште во Швајцарија, APPI (Association of Paragliding Pilots and Instructors). Таму работам во педагошкиот комитет како експерт за едуцирање во акробатско летање со параглајдер и испитувач за полагање на професионални параглајдеристи: тандем пилоти, инструктори и тренери низ целиот свет. Досега одржав работилници, предавања и полагања во: Црна Гора, Бугарија, Русија и Иран. Го интензивирав и летањето и едукацијата на параглајдеристи во Македонија. Често летам тандем во комерцијални цели како и показни летови за новите параглајдеристи и нивна обука. Летните месеци ги поминувам во Охрид како тандем пилот, а воедно и одржувам безбедносни, фри стајл и акробатски курсеви на Галичица. Есента и пролетта ги поминувам со обука на новите ученици, а зимата на скијачките центри, со скијање и спид рајдинг обука. Последниве три години тренирам Бе ем икс, акробации со велосипед, а тоа најчесто го правам ноќе или додека децата спијат. Работам и на неколку развојни програми во параглајдерството за истата организација, но заедно со колегите од мојот клуб, преведуваме и англиска литература на македонски, која ќе биде публикувана во APPI едукативниот систем и ќе им послужи на македонските пилоти во безбедноста во летањето.

_mg_8174

Неодамна објавивме еден текст за познати жени кои станале мајки после 40-тата…генерално, многу често се коментира околу возраста на жените и тој биолошки часовник…се чини како ова да не важи за мажите иако сите знаеме дека и кај нив часовникот чука подеднакво брзо…како се одлучивте вие на оваа возраст да станете татко?

Што се однесува за биолошкиот часовник и за жените и за мажите, очигледно дека во денешно време е прилично поместен, со самото тоа што и животниот век е подолг. Одлуката да се има деца во позрели години е и моја животна филозофија. Како млад „зелен“ не сакав да влегувам во сериозни врски, затоа што смета(м)в дека треба да стекнам доволно животно искуство за квалитетно подигнување на децата. Се испостави дека здравиот живот се исплати, та до сега не сум воочил разлика во кондиција, било физичка или умствена, од тоа кога бев помлад. Од друга страна, стекнатото искуство за кое треба време, ми помага во поефикасно справување со проблемите. Секако дека не сум против тоа дека и на млади години треба да се има деца. Почитувајќи ја и таа животна филозофија, „дозволив“ сопругата да биде нешто помлада од мене.

23b515fbc1599fd1f2fe4b17232d0341e7b1ba52dc549ee75c-pimgpsh_fullsize_distr

Какви се вашите обврски околу децата, кои се вашите задолженија?

Секогаш кога размислував за деца бев свесен дека кога тоа ќе се случи, ќе давам сè од себе за нивно правилно подигнување. „Жртвувањето“ за нив, е тешка но и најубава и најплеменита обврска. Кога се уверив дека и сопругата е подготвена за деца и со слична филозофија како и мојата, одлучивме да имаме барем две. Тешкотиите за нивното одгледување ги делиме двајцата: сопругата не оди на работа за да биде со нив, а јас работам без работно време. Кога сум дома помагам во се: пресоблекување, капење, хранење и играње со нив. Останатите мои активности, ги правам додека децата спијат, затоа што сакам секој можен момент да бидам со нив и со сопругата.

_mg_0026_mg_0027

Дали ги носите децата со себе на летање, како синчето реагира на вашата професија, дали некогаш сте летале со него или е сепак се уште премногу мал?

Многу сакам со мене да ги носам и децата, кога е можно. Ќерка ми е сè уште многу мала, но син ми го носам кога временските услови го дозволуваат тоа. Тој ги набљудува моите спортски активности и секогаш зборува за тоа. Сè уште е мал за да го летам во тандем со мене, но најважно е самиот да изјави желба за тоа. Синот на мојата ученичка по параглајдерство, Силвија Митевска, го летав со тандем кога имаше три и пол години и тоа ми беше незаборавно искуство, а верувам и нему. Сепак, против тоа сум децата да се форсираат да прават нешто како и нивните родители. Треба да се види дали ќе пројават желба за тоа.

_mg_8196

Освен веројатно промена на животниот стил, што друго ви донесе татковството, колку ве промени внатрешно?

Задоволен сум што ги предвидов какви ќе бидат промените во татковството, та влегов со сета љубов и енергија. Ништо не ме изненади. Само времето го организирав поинаку. И покрај тоа што мојата работа, параглајдерството, често ме носи во странство, гледам тоа да биде пократко, а повеќе да работам во Македонија. Свесен сум дека што подолго време сум здрав е подобро за децата, па затоа моите физички активности продолжив да ги правам, но поинаку го организирав времето: го скратив спиењето, ги отфрлив активностите кои и онака малку ги правев, како на пример излегувањето со пријателите. Теоретската обука ја држам во една просторија дома, а децата може во секое време да бидат со мене. За среќа се многу разбрани, па не ми пречат во наставата.

Од друга страна, татковството ме промени  во „одговорноста“. Кога бев сам не се грижев дали и колку ќе заработев, не морав за никој друг да се грижам. Сè што ќе заработев вложував во спортот: летала, тренинг и учество на натпревари. Сега навистина гледам повеќе да работам и да заработам за да може да го издржувам семејството.

img_9025

Едни велат дека деца се чуваат на помлади години, а потоа е се потешко …но други пак сметаат дека родителството во позрели години има други предности. Што мислите вие за ова?

Забележливо е дека луѓето се потолерантни кон своите внуци кога ќе ги добијат. Мислам дека со тоа сакаат да го поправат својот однос што најверојатно не бил коректен кон своите деца. Поаѓајќи од таа забелешка, не сакам да ја правам истата грешка како и другите. Ако ги прашате децата, поголемиот број од нив повеќе би сакале времето да го поминуваат со своите баби и дедовци, отколку родители. Тоа треба да нè научи на многу работи.

img_9022

Каков родител сте, попустлив или строг?

Попустлив сум. Се држам кон таа максима дека на децата треба да им простуваме и кога не се во право, оти животот нема да им простува дури и кога ќе бидат во право. Сметам дека строгоста кон децата може да предизвика две работи: кај тие што имаат поцврст карактер и пргавост, ќе предизвика контраефект, додека пак почувствителните ќе сметаат дека сами не можат да донесуваат одлуки, та може да станат колебливи и без свој став, а ќе потпаѓаат под туѓи влијанија. Последиците можат да имаат влијание на нив дури и кога ќе се осамостојат, нема да имаат доверба во својот суд.

Над строгоста го спротивставувам тивкиот смирен збор и примерот. Децата најдобро учат кога ќе им се даде пример, а не кога ќе се караат. Методите, на пример, секогаш ги практикува(в)м. Долго време работев како ски-учител. Моите ученици израснаа во добри скијачи, најмногу поради тоа што им служев како пример. Скијачките „ликови“ ги демонстирав бавно и чисто, а децата ме копираа и респектираа, а тоа е најдобриот предуслов за да се влијае на нивното правилно учење и развој. Дури и сега, после многу години, по некој инструктор по скијање ќе побрза за да дојде на ски-лифт со мене. Обично ќе ми се претстават и ќе ми кажат дека биле мои ученици.

Најприродно и најефикасно ми е истите методи да ги користам дури и во обуката со возрасни. Единствената разлика е што на некои од нив морам да им објаснувам и да ги храбрам дека и тие можат да го прават тоа што јас го правам. За жал, на таквите мои ученици, додека биле мали им бил „кршен карактерот “, со зборовите: „Што знаеш ти, с уште си мал“, а подоцна: „Сè уште си млад“.

Затоа не го ценам наметнувањето на авторитет. Децата имаат добар инстинкт и наметнувањето нема да го прифатат. Напротив, тие го ценат примерот.

img_9056

Што е она на што сакате да ги научите своите деца, кои вредности сакате да им ги пренесете, како ги воспитувате?

Би сакал моите деца да израснат во чесни и мудри луѓе, да не потклекнуваат кон пороците, да водат здрав живот и да го работат тоа што навистина ќе го сакаат, за да може да вложуваат максимум во својата работа. Да размислуваат „со своја глава“ и да уживаат во животот, а да не потклекнуваат пред проблемите со кои ќе се соочуваат. Сметам дека досега имаат добар пример и од двајцата родители. Мајка им е мултиталент: добро црта, има одличен музички слух, смисол за пишување, цврсто и логичко размислување и така натаму. Им дава добар пример како да си ги организираат игрите и им ја подгрева логичката имагинација.

Јас пак, покрај спортувањето сесрдно работам на снимање и монтажа на видеа. Кога ќе бидат готови, син ми е жири комисија. Ако видеото е доволно динамично и дава порака, тој бара бесконечно да го пуштам. Уште пред едногодишна возраст се обидуваше да пее со музиката од видеата. Честопати ме слуша како свирам на оргуљата, па и тој седнува и свири. Се воодушевува кога одиме во скејт парк и кога ме гледа како скокам со велосипедот. Ги сака моите колеги летачи од клубот и често го зема телефонот и се преправа како договара летање со нив.

img_9051

И за крај, дали се уште пишувате и има ли шанси да напишете некоја книга за деца?

Досега имам објавено две книги, а третата конкурира во министерството за култура. Трите романи се замислени како трилогија и покрај тоа што можат да се читаат одвоено и да се сфати поентата. Првиот роман „Следејќи го сонот“, го издадов пред 2008 година, вториот, „Зад виножитото“, 2011, а третиот, „Скок во времето“, очекувам да излезе на пролет за саемот на книгата.

Што се однесува до пишување детска литература, сè уште не сум се обидел. Пишувањето ми доаѓа спонтано. Кога некоја идеја ќе созрее во мене, сама ќе се наметне и ќе седнам да пишувам. Мотивот во моите книги е животот и вечното прашање кое повеќето луѓе си го поставуваат: Дали сме случајно создадени или со умисла? Дали има живот после животот и ако има во каква форма е? Како до успех во нештата што ги сакаме?

Во досегашните мои романи лајт мотивот е мирисот на дабовите лисја, како симбол на вечно постоење. Имено, дабовите лисја и покрај тоа што не се зимзелени, и покрај тоа што еден дел паѓа на земја, во поголем број остануваат и преку зимата, сè додека на пролет постепено не бидат заменети со нови. Почнувајќи од есента, тие постепено ја менуваат бојата зелена во жолта, златно жолта, боја на старо злато и на крај бакарна боја, а за Божиќ ги красат вратите на домовите како бадникови гранчиња.

Разговараше: Драгица Христова

Фото: Приватна архива

loading...