Како правилно да се одбере пастата за заби?

Четката за заби се воведува околу првата година. Таа треба да има меки влакна, без остри врвови, прилагодена на возраста на детето.

0
327

Никнењето на млечните заби започнува меѓу шестиот и дванаесеттиот месец во животот на детето и завршува некаде околу втората година. Голем дел од млечните заби се менуваат околу десетtата година од животот и важно е тие да се сочуваат.

На почетокот, низ игра детето треба да го прифати миењето на забите. Да ја земе четката, да научи зошто се употребува. До третата година родителот треба да ги мие детските заби, а таа задача да ја преземат децата меѓу четвртата и петтата година.

Пастата за заби се воведува кога ќе изникнат поголемиот дел од забите. Тие можат да бидат на природна база, без флуор и пасти за заби што содржат флуор во својот состав. Иако се кревало голема прашина околу флуорот, досега нема никакви докази за штетното дејство на флуорот во пастите за заби. Внимателно треба да се одбира неговата концентрација. До третата година се користат пасти со помала количина на флуор (500 ppm), а од шестата година количината се зголемува (1.000 ppm). Флуорот гради заштитна решетка околу забите и на тој начин ги заштитува забите од дејството на кариогените бактерии.

Во некои општества се врши флуоризација на водата, млекото, се со цел да се постигне поголема профилакса од кариес. Кај нас најчесто се користат таблетите Fluonatril, во различна доза во завистост од возраста. Многу е важно правилно да се употребува и во пропишаната доза. Несаканите дејства т.н. флуороза настанува многу ретко при земање на многу големи дози од лекот.

Забите треба да се мијат 2-3 пати дневно, најважно е сабајле и навечер пред легнување. Миењето на првите заби е со стерилна газа намотана околу прст, намокрена со вода. Во денешно време има и силиконски додатоци кои се користат за миење на првите заби.

Важно е тие често да се менуваат. Четката за заби се воведува околу првата година. Таа треба да има меки влакна, без остри врвови, прилагодена на возраста на детето. Количината на пастата се менува – во почетокот е колку зрно ориз, па после третата година во големина на зрно грашок. Миењето се прави со кружни движења, од непцата накај забите, од горе надолу. Миењето секогаш треба да е под надзор на родител.

Околу десеттата година се воведува забниот конец и интерденталните четки. Се користи за отстранување на забните наслаги помеѓу забите, места каде четките за заби не можат да допрат и убаво да го отстранат забниот плак.

Со правилното четкање на забите, контролирано внесување шеќери, користењето на флуор, профилаксата и редовното одење на контроли кај стоматолог, во голем дел се намалува појавата на забниот кариес и компликациите од него.

Пишува: д-р Јасмина Трајковска Пети

loading...