Каква е таква е, таа им е мајка, но…

Малолетните деца на нашиот соговорник често биле сведоци на насилство и недолично однесување од мајката, а биле учесници и во сообраќајката во која нивната мајка под енормно количество на алкохол во крвта се судрила со бандера

0
1563

Прикaзнaтa штo следувa е вистинскa, бoлнa прикaзнa за вистинско семејствo кое поради бројните недоразбирања помеѓу партнерите и проблематичното однесување на мaјкaта, се распаѓа, а избезумениот тaткo кoј при рaзвoдoт ги губи децaтa кoи oстaнувaaт сo мaјкaтa, е во очекување на разврската од неговото барање за нивно предоделување. Честопати и од страна на надлежните институции и органи се констатирани фaкти и последици од неодговорното однесување на мајката, но истите подоцна се менувaaт под сомнителни околности oд нaдлежните служби штo oтвaрa мнoгу прaшaњa зa oбјективнoтo рaбoтење нa системoт. Зaрaди пoзнaтиoт сoцијaлен стaтус нa ликoвите, нивните имињa кои ѝ се познати на редакцијата, во овој текст се изменети.

Родителската грижа подразбира одговорност, должности и права на родителите, па самиот факт што родителите се разведуваат не значи дека престанува родителската грижа за децата. Но во вистинскиот живот најчесто се случува токму ова. Збунети од новата ситуација и комплицираните односи, татковците и мајките наместо со дијалог, конфликтните ситуации ги „решаваат“ со меѓусебни префрлања, додека во постапката за развод честопати се служат со подметнувања само за да го добијат правото детето да живее токму со нив.

Сѐ поголемата стапка на разводи доведува до тоа сѐ повеќе деца да станат деца на разведени родители, а се повеќе татковци стануваат викенд татковци. Сепак, последниве години сѐ повеќе татковци се осмелуваат и почнуваат да се борат за правото да бидат рамноправни родители на своите деца и по разводот, и тоа, во секој поглед, а не само финански.

За жал, кај нас праксата покажува дека битката за родителството е долготраен, макотрпен и исцрпувачки процес во кој најмногу страдаат децата кои стануваат моќно оружје во нечесната војна. Имено, заради пореметените партнерски улоги, се заборава на родителската и двете страни се подготвени да манипулираат со децата за да дојдат до целта.

Во праксата, 90 отсто од децата им се доделуваат на мајките. Најчесто е така затоа што татковците едноставно сметаат дека и не може да биде поинаку, па не ни поставуваат поинакво барање, втора причина е што често станува збор за деца под тригодишна возраст кои се доделуваат на мајките по препорака на стручњаците, а трета причина е што голем број татковци се за жал, во одреден број на случаи сосема индиферентни.

Во поголемиот број на случаи центрите за социјална работа даваат предлог и мислење детето да живее со мајката, а на мајките речиси никогаш не им се одзема ова еднаш дадено право децата да бидат токму кај нив. Дури, во праксата, вели една госпоѓа, поротник во судските парници која сакаше да остане анонимна, има случаи кога децата им се доделуваат и на мајки алкохоличарки токму за да бидат тие мотив за да се лекуваат.

Напротив, оние кои се соочуваат со слични проблеми со своите поранешни партнерки велат дека можеби токму спротивното би ги мотивирало многу повеќе, па би направиле сѐ, што поскоро да си ги вратат децата или барем да се договорат за заедничка грижа за нив со поранешните сопружници.

Нашиот соговорник Мирослав Георгиевски вели дека многу често токму поради акохолот, тој и неговите деца се соочувале со различни непријатни, но и ситуации кои биле опасни за нивните животи. Она што ја прелеало чашата и го поттикнало овој посветен татко на две деца да поведе постапка за предоделување на децата била несреќата која се случила пред речиси една година во доцните вечерни часови.

Сообраќајка, насилство, повреди, …

„Пред речиси една година мојата поранешна сопруга со двете деца (едното на возраст од 8 и пол, а другото на 7-годишна возраст) во автомобилот удри во бандера при што количеството на алкохол во крвта кое ѝ беше измерено изнесуваше 2,08 промили.
Едно од децата ѝ го зело телефонот и ми заврте, па иако таа му го одзема телефонот, тоа беше доволно за да сфатам дека нешто не е в ред. Бидејќи живееме во близина излегов да ги побарам каде се и кога ги најдов имав што да видам. Автомобилот беше удрен во бандерата. Моите деца и ден денеска кога се во автомобил со мене и кога ќе се подзавртам за да погледнам дали доаѓа од некоја страна друг автомобил или пешак, со страв ме опоменуваат и ми велат: „тато гледај напред!“.

После оваа случка ги земав децата кај мене, и целиот тој период беше навистина страшен, таа постојано се јавуваше, се закануваше, иако ѝ кажав дека ќе ги задржам додека не се стабилизира па и по цена да ме пријави затоа што сум ги зел во период кога не бил мојот термин за земање.

Се разбира, тогаш не ме пријави затоа што имаше извештај од полицијата за тоа во каква состојба ги возела децата. Јас го пријавив истото во Центарот за социјални работи, и во одделот за семејно насилство кадешто и претходно веќе имам пријавено семејно насилство врз мене и врз децата, но не се презема ништо.

Во Центарот како да не можат да сфатат дека кога станува збор за безбедноста на децата, треба да се заборави на нивните правила за прв и втор родител. Јас не велам дека на моите деца не им треба мајка, напротив, велам дека таа каква и да е, е нивна мајка и секогаш ќе биде нивна мајка, но не можам да дозволам да живеат во таква атмосфера.

Минатата година во една пригода кога ѝ ги враќав децата ме нападна физички пред децата, удираше по автомобилот, фрлаше по мене со тегличка со мед, ме удираше со полни пластични шишиња, ме изгоре со цигара на вратот и сето тоа пред очите на децата кои цело време ме држеа за ногавица, не се одлепија од мене додека мајка им беснееше.

Верувајте, додека бевме во брак, јас бев тој што се грижеше децата да бидат навреме однесени во градинка, на лекар, да добијат јадење, да си легнат, а кога едното синче беше оперирано од кила, јас лежев со него во болница. Нивната мајка, иако на почеток од бракот, кога забремени со првото дете ми вети дека нема да консумира алкохол, не се придржуваше кон тоа.

Извесен период живеевме надвор од државата и таму беше во ред, но кога се вративме тука, повторно почна истата приказна. Сфатив откако соседите почнаа да ми велат: блазеси ти комшија, каква жена имаш, секој ден ладни пива ти купува. Јас ниту видов некогаш некое од тие пива ниту пак се напив.

Се случуваше да си дојде од работа во нормална состојба и за само пола час да испие од домашната ракија што ја правеше татко ѝ (без и да забележам дека пие ракија, а не вода, затоа што ракијата беше бела, 55-ка) и да почне да беснее. Понекогаш знаеше да се врати од работа дури во 3-4 часот наутро и да почне да фрла низ дома, да вика, да не буди мене и децата. Најчесто се заклучував со децата во соба се додека не дојдеше време да ги подготвам и да ги однесам во градинка.

Успеав да останам смирен, да одолеам на сите тие провокации (а ме провоцираше и со изјави и информации за тоа каде била до ниедно време на кои малку кој маж би останал мирен), и да поднесам тужба за развод на бракот“, вели Мирослав.

По разделбата, „војната“ станува сѐ повалкана

Во неколку наврати од надлежните во Центарот за социјални работи сопружниците биле упатувани да работат на поправање на односите, но тоа не успевало, бидејќи постојано се повторувале истите работи.

„Еден ден додека бевме на едно такво советување, таа отиде, наводно до тоалетот, но наместо тоа, заминала, ги зела децата од градинка и се вратила во домот на нејзините родители. Не ги видов ниту имав можност да ги слушнам децата цели дваипол месеци.

Целиот тој период не ги носеше ниту во градинка, и правеше најразлични местенки.

На пример, ќе ми нарачаше да им купам и да им донесам нешто дома, па во меѓувреме ќе се јавеше во полиција да им каже дека ги вознемирувам и тие доаѓаа уште пред да тропнам на вратата. Целта ѝ беше пред сѐ, да ја смени адресата на живеење на децата за кога ќе дојде до развод, децата да ги остават кај неа, за да не го менуваат живеалиштето кое практично, таа веќе им го смени.

После два ипол месеци пак, кога првпат ги зедов кај мене, цело време се јавуваше, ме вознемируваше, ме провоцираше, а откако ѝ ги вратив децата во договорениот термин иако тие не сакаа да се разделат од мене, од родителот кој цело време се грижеше за нив и од кој беа насилно одвоени цели два ипол месеци, таа ги однела на психолог и извадила потврда дека сум ги вратил вознемирени. А кој не би бил вознемирен во една ваква ситуација кога ве раздвојуваат од родителот па се плашите дека можеби исто толку долго повторно нема да ви биде дозволено да го видите?!

На почеток се согласи секој понеделник, среда и петок да ги земам од градинка, да бидат со мене 3-4 часа и во 19 часот да ги вратам кај неа. Секако дека се согласив и сакав се да се направи онака како што ќе биде најдобро за децата, но се случуваше таман кога ќе ѝ ги вратев децата и ќе се вратев дома, таа да дојде да проверува дали сум со некого, да вика, да зборува недолични работи и сето тоа пред децата“, продолжува Мирослав.

Конфликтна личност

Според него, неговата поранешна сопруга немала лоши односи само со него, туку е конфликтна личност воопшто и повеќе пати имало непријатни ситуации и со наставно-воспитниот кадар во училиштето во кое учат нивните деца, како и со другите родители.
„Од училиштето дури упатија известување до Меѓуопштинскиот центар за социјални работи Скопје дека иако е информирана за ова, мајката не ги зема децата од училиште до 17 часот, термин до кој училиштето има обврска да ги згрижи од страна на дежурниот наставник. Во истото известување тие го информираат центарот дека неколку денови таа на приватниот телефон на директорката на училиштето испраќала несоодветни пораки и според содржината и според времето кога истите биле испраќани. Тие бараат помош од Центарот да се реши овој проблем со оглед на тоа што чувањето на децата после 17 часот не е во рамките на нивните работни одоворности особено кога тоа постојано се случува.

За односот со родителите на другите деца, доволно зборува и само една преписка на заедничката група на вибер на која комуницираме ние родителите.

На покана за роденден на едно од децата, упатена до сите родители во пристојно време, таа наместо како сите други, со ќе дојдеме, благодарам, или нема да можеме, благодарам, одговара расправајќи се до 4 часот наутро. Нормално дека никој не ѝ одговара на тие несоодветни и срамни пораки што ги испраќа цела ноќ.

И се прашувам, зошто моите деца цело лето мораа да одат во градинка иако и двајцата се веќе ученици, затоа што е нивната мајка на работа, наместо да ми се овозможи мене, како родител кој може да си дозволи да ги прилагоди своите работни обврски кон потребите на децата, да се грижам за нив?!

Уште еден настан кој особено ме исплаши беше кога го удрила нашиот син и после два дена, кога дојдов да го земам затоа што беше „мојот викенд“ тој ми се пожали дека го боли половиот орган. Кога го соблеков да видам што е проблемот видов дека е отечено и го однесов на лекар.

Веднаш го оперираа бидејќи стануваше збор за подлив од повреден крвен сад на тестисите.

Прифаќам дека можеби тоа и било случајно како што се бранеше таа, но неприфатливо е и, ќе признаете, чудно, зошто детето се плаши да ѝ каже на мајка си дека повредата го боли па ме чекало мене за да ми се пожали. Друга работа е што кога дојде во болницата кадешто го оперираа детето, таа беше под дејство на алкохол, а лекарите беа сведоци на нејзиното однесување.

Секако дека почнав постапка за предоделување на децата, зарем вие не би го сториле истото во ваква ситуација“, прашува нашиот соговорник?

Родова дискриминација: Кога мајката е „проблематична“, се оди на советување, кога е таткото – му се одземаат децата

Мојата најголема вина е што сум татко, а не мајка, затоа што доколку улогите беа поинакви, секако ќе бев веднаш обвинет за семејно насилство, додека пак кога насилникот е жената, постапката од надлежните е многу поинаква, па таа се опоменува, не испраќаат и двајцата во Прв семеен центар Хера за продлабочен семеен третман, на кој таа не се ни појави, но никако да се преземе она што би го направиле веднаш доколку беше во прашање маж.

За доброто на децата кои сега очигледно не се безбедни со мајката, кога таа еднаш ќе стане свесна што се случило и ќе поработи на себе, ќе ми биде задоволство да го споделуваме своето заедничко родителство и да продолжиме рамноправно да се грижиме за своите деца на кои им требаат и мајка и татко“, раскажува Георгиевски.

Во меѓувреме, после сообраќајката, Меѓуопштинскиот центар за социјална работа на град Скопје поднел предлог до судот за изречување на привремена мерка за заштита од семејно насилство со тоа што на родителите (на двајцата) им забранува да ги вознемируваат своите деца, а истовремено мајката ја упатуваат задолжително да ја посетува Дневната болница за алкохолизам во Психијатриската болница-Скопје.

Подоцна, следното мислење од Центарот добива поинаква содржина, се заборава на сите овие немили настани и мајката се карактеризира како топла и емотивна личност.

Заклучок

Најчесто борбата на татковците кај нас изгледа како борба со ветерници, но причината е само затоа што целата приказна околу децата е погрешно поставена. Секое дете има потреба од двајцата родители и тоа би требало да биде појдовна точка при секое носење на решение на надлежните служби.

Не треба да се одлучува кој е подобар родител, а кој полош, затоа што и подобриот и полошиот имаат право да бидат со детето.

Очигледно е дека станува збор за двојни критериуми, иако во последно време се наѕира некаква надеж дека по малку се менува перцепцијата, сепак многу тешко се носи одлука децата да живеат кај таткото дури и кога е истото побезбедно за нив. Се применуваат двојни критериуми во односот кон мајката, па сѐ е потребно двојно да се докажува.

Татковците можат да добијат право детето да живее кај нив само ако на ова не се спротивставува мајката и никако поинаку, па дури и по цена да не се безбедни.

Во таа борба се прават различни подметнувања, на децата им се измислуваат разни трауми па се водат кај психолози за да се утврди дека детето има проблем со другиот родител само за да се остварат сопствените цели и да му се ускрати правото на другиот родител.

Институциите мора да најдат начин да ги препознаат тие манипулации и да ги санкционираат, а не да ги оправдуваат заради некои свои зачаурени сфаќања.

Драгица Христова

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here