Кога мајка ми стана дете

Не знам зошто не можам да се помирам со оваа состојба - дека мојата мајка повеќе не е иста и никогаш нема да биде. И не е проблем тоа што е стара, што има повеќе брчки, што е смалена и потешко оди, проблем е што таа жена која изгледа како мојата мајка, повеќе никогаш нема да биде тоа што беше.

0
808

Еден човек имал мајка која делумно поради болест, делумно поради годините, паднала во кревет. Деновите ѝ минувале меѓу четири ѕида, без никакви можности за уживање во животот. Бидејќи била религиозна, синот одлучил секоја недела да ја носи на миса во црква, а бидејќи црквата им била близу, ја носел мајка си на грб. Ја ставал на клупата и чекал мисата да заврши за да ја стави повторно на грб и да ја врати дома.
Една недела на враќање дома мајка му почнала да плаче.
Зошто плачеш мајко? – ја прашал тој.
Како да не плачам, кој ќе ме носи мене вака во црква кога ти ќе умреш, му рекла таа.

Ете оваа приказна ме потсетува на нешто слично што неодамна ми го кажа мојата мајка. Честопати се жали затоа што нема со кого да зборува и по цел ден е сама. На мојата забелешка дека треба да е среќна и со толку, бидејќи не има нас, ќерка и син, снаа, внуци, сите во иста куќа, кој горе, кој долу, но сепак тука близу и секогаш на услуга, и дека мене мојот единствен син, сигурно нема да ме чува ни толку, прво, затоа што е машко, а некои работи, нели најчесто, барем кога станува збор за чување на немоќни мајки, ги прави само ќерката, ниту пак син ми ќе ми прави друштво повеќе од тоа колку ние ѝ правиме друштво нејзе, едноставно, затоа што е времето такво и сите имаат свои обврски, таа ми одговори: јас ќе те чувам!

Замислете! Да не знае човек дали да плаче или да се смее! Мајка ми има 78 години и иако нејзината состојба (Деменција), постои веќе извесно време, се уште не можам да ја прифатам како состојба која никогаш нема да се промени кон подобро.
Јас упорно се карам со неа и ѝ објаснувам, сѐ додека не го изгубам трпението и не сфатам дека, за жал, сѐ е залудно.

Ми велат да не се трудам да ѝ објаснувам дека во собата нема никој друг освен ние две кога таа ѝ се обраќа на облеката која е префрлена преку наслонот од фотелјата или пак на закачалката со алишта. Постојано гледа луѓе, жени, деца, понекогаш ѝ пречат понекогаш не, но постојано им се обраќа. Се сомнева дека ѝ ги крадат работите, дека ѝ ги кријат или ѝ ги криеме, за да ја нервираат, односно, за да ја нервираме.

Понекогаш кога ќе се скараме, а потоа, нормално, и ќе се смириме, ми вели: Ти си подобра од таа жената што доаѓа да ми помага. Кога ќе ѝ кажам дека не постои никаква друга жена, дека јас сум таа што ѝ помага, ми вели: добро де добро не се лути, сум згрешила.

Не знам зошто не можам да се помирам со оваа состојба, со тоа дека мојата мајка повеќе не е иста и никогаш нема да биде. И не е проблем тоа што е стара, што има повеќе брчки, што е смалена и потешко оди, што не може повеќе да ни готви, да чисти, ниту пак да сади цвеќиња во двор, мислам, не ми пречи староста како таква, кога таа значи само физичко, но не и психичко пропаѓање, односно, барем не до таа фаза до каква што доведува дијагнозата на мојата мајка. Ми пречи тоа што таа жена која изгледа како мојата мајка, повеќе не се однесува како мајка ми, туку како дете.

Најстрашно е, велат, кога човек не може да се грижи за самиот себе, но јас би додала, уште пострашно, барем за најблиските, е кога не можеш да се разбереш со него затоа што, едноставно, не те разбира, неговиот мозок не функционира повеќе како инаку. Тоа е пострашно од староста сама по себе.

А знаеме дека таа, староста, генерално, на некој чуден начин знае да ги изобличи луѓето. Ако во текот на животот човекот имал некои маани, а сите ги имаме, и тие биле маскирани со младоста, со желбата да се вклопи во средината, да биде прифатен и слично, кога ќе остари, неговите обиди да се прикријат тие маани, не успеваат, а многу од луѓето повеќе не се ни обидуваат да се прикажат подобри отколку што се.
Тие кои секогаш биле себични стануваат неверојатно себични, оние кои биле посесивни, стануваат неподносливо посесивни. На сличен начин се однесуваат малите деца, но ним сѐ лесно им простуваме. На старите луѓе ни е потешко да им простиме, бидејќи ни треба време да прифатиме дека улогите се смениле и дека оние кои до вчера толку се грижеле за тебе, иако си веќе возрасен човек со деца, со свое семејство и свои грижи, сега тргнал на патот наназад и додека да се свестиме, забележуваме дека покрај оние редовни грижи сме добиле уште една – грижата за нашите родители или родител, кој повторно станал дете.

Староста сама по себе носи низа промени, како физиолошки, така и психички, но кога овие вторите се толку доминантни, тоа е навистина посебна приказна.
Замислете како е кога вашата мајка која од секогаш сакала да црта, особено цвеќиња, небо и сонце, наеднаш не знае да нацрта ниту обичен цвет, барем онака детски, со стебленце, цвет и листови.
Ја гледав мајка ми цели два часа колку што траеше психолошката анализа која ѝ ја правеа за да се утврдат промените и интензитетот на нејзините когнитивни способности.

Ја прашуваа основни работи…почнувајќи од тоа која година сме сега. Одговорот беше: 700, 39-та, и натаму, бесмислено редење на броеви. Знаеше дека е есен, но не знаеше кој месец е сега, иако се уште знае да ги каже по редослед со тоа што сепак знае да запне кај јуни, јули и август.

Вели дека знае да гледа на часовник…но кога ѝ рекоа да нацрта часовник и стрелки на 10 часот и 10 минути, таа црташе безброј кругчиња во нејзиниот часовник во форма на круг.
Во заклучокот од наодот на докторката во кој и онака нема ништо добро за состојбата на мајка ми, пишува: На бихевиорален план евидентно е отсуство на увид и критичност во сопствениот дефицит, што ја води кон неадекватно поведение….

Си велам, аха, значи, поведение – непримерно. така некако нѐ оценуваа додека одевме на училиште, се сеќавате? Епа ете, очигледно тоа нѐ чека и некаде при крајот од патот.

Доаѓа време кога децата им стануваат родители на своите родители. Tоа е нездрав принцип кога си мал, но нужен кога родителите почнуваат да се „смалуваат“ под товарот на годините.

Велат дека секако со годините интелектуалните способности стануваат помали, некои луѓе стануваат позаборавни, дементни, а болеста и годините здружени знаат да го сменат човекот до непрепознатливост.

Староста не мора да е лоша доколку е човек способен и натаму да се грижи самиот за себе и да води колку толку активен социјален живот. Во такви случаи староста може да биде само пат во нешто ново, позрело, посмело и временски неограничено време кога ќе се посветите сами на себе. Но што да се прави кога не е така?

Знаете ли какво е чувството кога ќе ја видите вашата мајка која без кармин не одеше ниту на ургентно, како ја закопчала кошулата со едно две копчиња подолу или погоре, сеедно, како се исчешлала само однапред, додека на тилот, кадешто до пред една година задолжително се ставаа барем по витлер или два, сега косата ѝ е смачкана од лежење, а служењето со нож и со вилушка за неа е речиси како да ја терате да оди со велосипед по жица.

Знаете ли како е кога вашата мајка се вадеше од такт ако не сте ги измиле садовите кога таа уморна ќе се вратеше од работа, или дека не сте си го наместиле ниту креветот затоа што ви биле другарките на кафе?

Сега е обратно.

Доаѓате уморни од работа, а таа ги оставила на маса лебот, кашкавалот, путерот и сето она што сте ѝ го извадиле утрото за појадок. Бидејќи се уште не можете да ја прифатите состојбата, прекорно ѝ велите: па добро, зошто не ги стави барем овие работи назад во фрижидерот, знаеш дека ќе се расипат, не е добро да стојат тука, а таа ви вели: па мислев дека ќе јаде некој од децава, а вие знаете дека дома, освен вас, нема никој друг. Или пак ви вели: не можев да дофатам, а само најгоре имаше место.

Ја гледате и забележувате дека иако никогаш не била висока жена, сега е уште помалечка, речиси како дете. Погледот ѝ е збунет и знае дека ништо не знае. До толку е свесна за тоа колку работи заборавила, што на пример, за време на тестирањето за проценка на когнитивните способности, токму како дете кое не се подготвило за годишниот тест, се врти кон вас и ви вели: Де бе, кажи нешто, шепни ми, да не се срамам толку што ништо не можам да погодам. Се смеете заедно со докторките, но веднаш потоа, ви доаѓа да заплачете. Тоа е вашата мајка!

Таа истата што одеше на работа, доаѓаше дома, ви готвеше, ви переше, ве пеглаше, ве негуваше кога бевте болни, ви се тресеше како да сте од стакло, а вие не смеевте да ѝ кажете ниту дека глава ве боли за да не ја секирате, затоа што беше најгрижливата и најпосветената мајка. Не од оние мајки, кои се истовремено и другарки со своите ќерки, од оние на кои би можеле да им кажете се, туку баш мајка-мајка, пожртвувана, грижлива, премногу грижлива и мајка на која не можевте да ѝ кажете многу нешта, но не затоа што се плашевте дека ќе ве осуди или дека повеќе нема да ве сака, туку за да не ја загрижите, затоа што грижата за вас ѝ беше нешто што не ѝ даваше никогаш да има мирен сон. Од оние мајки кои не заспиваат додека децата не се приберат дома, што не ни легнуваат кога се децата болни, па дури и напорни кога не ве оставаат да се одморите после напорен ден затоа што мисли дека ако сте легнале да одморите, тоа значи дека не ви е добро.

Затоа и кога не ви е добро, премолчувавте, а сега, сега дури и кога ќе кажете дека немате сила да ѝ ги барате повеќе „изгубените и украдените“ предмети, наместо да ѝ се врати грижата во погледот и како порано да ве праша што ви е, таа загрижено вели: Влегол некој, ми го зел ѓерданот, знам јас, еве го нема, а тука беше, ете така е кога си немам клуч.

Пред да избувнам уште еднаш и да почнам да се карам со неа, ветувам дека ќе го земам уште еднаш извештајот на докторката и внимателно ќе го прочитам, ќе седнам и ќе повторам некое од нејзините прашања, од типот, колку деца имаш, како се викаат, што работат, кои ти се внуци, кога си родена, каде живееме и слично, за да се потсетам дека повеќе немам мајка, туку уште едно дете, дете кое никогаш нема да ги совлада сите тие сега веќе заборавени нешта.

На моменти таа е се уште мојата стара мајка…или како што вели еден пријател, на бранови се враќаат, на бранови се губат… Тоа е моментот кога најмногу сакам да ја гушнам и да ѝ кажам дека ја сакам. Наскоро, а сепак се надевам не многу скоро, можеби нема да знае ни која сум!

Драгица Христова

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here