Кога прв пат да се посети ортодонт?

Најважно е да има добра поставеност и правилно функционирање на виличниот зглоб, да се има правилно џвакање и здраво ткиво што ги опкружува забите.

0
43

Околу седмата година во устата на детето веќе е започната промената на млечните со трајните заби. Тогаш доаѓа до интензивен раст на вилиците и лицевите структури.
Одредени навики како што се цицање на палецот, дишење на уста, буткање на предните заби со јазикот, прерано губење на млечните заби, недостаток на одредени заби или прекубројни заби, доведуваат до одредени аномалии во растот на вилиците и правилното поставување на трајните заби. Затоа во овој период од животот е потребно да се направи првиот преглед кај ортодонт.

Ортодонцијата е гранка од стоматологијата што се грижи за правилното поставување на положбата на забите, воспоставување на правилен однос на горната со долната вилица, со цел правилен развој на лицевите структури.

На првиот преглед се прави преглед на забите што се присутни во устата, се гледа положбата на горната спрема долната вилица. За правилно одредување на терапијата неопходно е да се направи панарамска снимка, земање на отпечаток за студио модел и понекогаш се прави и фотографирање на лицето и забите.

Тeрапијата во тој период најчесто се состои во изработка на мобилен апарат кој се носи во текот на ноќта и по неколу часа преку денот. Пациентите само го вадат и го ставаат апаратот. Потребна е голема соработка и упорност на пациентот, затоа што успешноста на терапијата зависи најмногу од тоа колку упорно се носи апаратот, како и од редовните контроли кај ортодонтот.

Фиксните протези се поставуваат кога ќе изникнат сите трајни заби. Даваат подобри резултати од мобилните протези, зашто се залепени за забите и пациентот не може да ја извади протезата. Така се добива континуирано делување на забите. Со развојот на стоматолошките материјали во голема мера е подобрена естетиката на фиксната протеза, постојат техники на нејзино поставување кога таа е скоро невидлива. После вадењето на протезата се изработува фиксен или мобилен ретејнер, чија функција е да се задржи посакуваната положба на забите.

Со правилната положба на забите и вилиците не се добива само убава насмевка. Најважно е да има добра поставеност и правилно функционирање на виличниот зглоб, да се има правилно џвакање и здраво ткиво што ги опкружува забите.

Пишува: Јасмина Трајковска – Пети

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here