Која страна да ја заземам кога подеднакво ги сакам?

По разводот на моите родители, роднините, поделени во два табори, војуваа со години. Од нас се очекуваше да заземеме страна. Тие никогаш не сфатија колку е неблагодарно и сурово тоа што го бараат од нас, вели К.И.

0
447

Некогаш дете на разведени родители, денеска мајка на две деца, во прекрасна заедница со нивниот татко, оваа млада жена која и покрај тоа што како дете страдала поради меѓусебните односи на нејзините разведени родители и нивните постапки кон нив како деца, денеска сепак сака да ги заштити па од тие причини својата приказна која ја сподели со нас, ја потпишува само со иницијали.

„Можеби да ги тргнеа настрана суетата и егото барем за момент, ќе им се отвореше видикот за многу нешта. Можеби и ќе забележеа дека детската среќа и исполнетост е на некој начин глума со цел да не ги повредиме. Нас ни беа важни чувствата на нашите родители, дали и нив им беа нашите?“ – се прашува таа.

– Седам удобно сместена меѓу моите две дечиња, ги набљудувам како слатко спијат потпрени на мене и си размислувам колку ги сакам. Колку се само мили, колку ми го разубавуваат животот и покрај тоа што воопшто не е лесно нивното одгледување…колку му даваат смисла на мојот живот, сила да се справам со предизвиците кои ми се попречуваат на патот, колку тие ми се сè во животот… И тука застанав. Се подзамислив малку и  сфатив дека размислувам само во една насока. Ја сменив насоката и почнав да размислувам што сум јас за нив. Како тие ме доживуваат, дали и јас сум им сè. И прво на мисла што ми дојде беше: „Па секако, јас сум им мајка. Сè што им треба сега бараат и добиваат од мене: храна, нега, внимание, поддршка, воспитување, едукација, игри, забава…“

Тоа размислување несвесно ме испрати во минатото, кога јас бев дете. Сакав да „ѕирнам“ малку во моето детство за да ги запознаам потребите на моите деца поблиску. Почнав да се присетувам на моето детство, кое одвај и можеше да се нарече детство. Живеејќи ги секојдневно проблемите на моите родители, присуствувајќи на дел од нивните бракоразводни судски парници, слушајќи ги негативните коментари за тоа кој колку е лош и колку згрешил, некако како да ми беше украден дел од моето детство. Детството би требало да е најбезгрижниот период во животот на еден човек, период во кој се развива физички и психички и каде се гради целиот негов карактер и профил, се создава целосна и единствена личност…

Разводот на моите родители не беше најтажното нешто што ми се случило во животот. Тој, иако во тоа време беше права реткост, сепак можеби бил најприфатливата варијанта за нив. Не навлегувам во тоа. Она што сега, како возрасна личност, сè уште ме навраќа и со горчина потсетува на тој период е нивниот однос и нивните постапки кон нас како деца. Се прашувам дали некогаш некој од нив седнал и почнал да размислува во насоката во која јас размислувам во моментов? Дали некој од нив барем за момент се вратил во своето детство и се присетил на неговите чувства и потреби од тој период, што е тоа што сакал да има, да прави..? Дали можеби се ставил во позиција на своето дете и да проба да почувствува како е да се носи огромен товар на едно мало кревко грпче кое не е соодветно за тој товар?

Одговорот е да, и затоа тие турбуленции престанаа, но почнаа други, за мене уште потешки моменти. Откако татко ми ја прекина дотогашната неуспешна борба со институциите, кои неслучајно секогаш беа во корист на мајка ми, јас долги години живеев без еден родител. Тажно беше што неретко го гледав низ град, тој постоеше, но за мене веќе не беше родител, беше странец. Тој не се откажа од борбата затоа што престана да нè сака, туку во тој момент сфатил дека подобро за нас како деца е да живееме со еден родител отколку да доживуваме трауми и психолошки да нè крши целата таа ситуација. Се откажал со надеж дека еден ден ќе пораснеме и сами ќе одлучиме со кого да живееме. По неколку години неговите прогнози се остварија и тој ги доби своите деца, но за жал, без надомест за изгубеното време поминато сите тие години, без да ги гледа како растат, како се радуваат, како се лутат… Надомест не добивме ни ние.

Дотогаш, моите роднини, поделени во два табори, војуваа со години. Вербално или невербално, директно или индиректно. Од нас се очекуваше да заземеме страна. Која страна да ја заземам кога јас подеднакво ги сакам? Тие никогаш не сфатија колку е неблагодарно и сурово тоа што го бараат од нас. За нив дури и ние бевме непријатели доколку некогаш покажевме позитивен став за сопствената фамилија. Можеби да ги тргнеа настрана суетата и егото барем за момент, ќе им се отвореше видикот за многу нешта. Можеби и ќе забележеа дека детската среќа и исполнетост е на некој начин глума со цел да не ги повредиме. Нас ни беа важни чувствата на нашите родители, дали и нив им беа, се прашувам сега?

И сега, како возрасна личност со веќе оформено свое семејство, понекогаш имам потреба од моите родители. Кога ми е тешко, кога ми е напорно, кога децата ми се болни или ми треба помош макар и за кратко… Некогаш ми треба совет, ми треба родител да се отворам пред него и да споделам убави и тажни моменти. Или едноставно да им го слушнам гласот… Се сеќавам и на моментите кога скришум ги вртев петте бројки кои ги помнев уште од мала, само за да го слушнам неколку пати зборот „ало“ кажани во мојот омилен баритон. Но, ситуацијата која без да сакам ми беше наметната, не само што ми остави последици со кои секојдневно се борам, туку и ми наметна став против бракот како институција. Ова, за среќа, ме донесе до местото каде што сум сега, а тоа е прекрасна заедница надвор од законските рамки на бракот, која засега фунционира беспрекорно.

И така, талкајќи низ времето, едно мало раче ме погали и ме врати во сегашноста. Се појавија едни сонливи очиња, погледнаа наоколу и ме прашаа: „Мамо, каде е тате?“ По нив и други очиња се наѕирнаа и уште недоотворени почнаа да бараат низ собата. Тогаш сфатив дека сепак, јас не сум им сè. Јас сум само една половина од она кое нив им е најпотребно. Како и мене, така и на моите деца им се потребни двајцата родители подеднакво.

Сигурна сум дека има уште многу луѓе како мене кои иако родителите им биле разделени, продолжиле исто да ги сакаат двајцата, но немале ист пристап до двајцата. Време е да се престане со ова, погубно е за децата.

Луѓе, разберете дека на децата не им се толку битни меѓусебните односи на родители колку што им е битно да гледаат дека двајцата родители ги сакаат. Затоа, ако интересите на децата ги ставиме на прво место, се знае што треба да се направи – да им се овозможи на децата да растат и со мајка и со татко, независно дали тие се во брак или не.

Во ситуација кога оваа тема стана актуелна, сметам дека моето искуство како дете на разведени родители од една страна и како мајка од друга страна треба да се сподели. И се надевам дека во интерес на идните генерации, ќе се појават и други да ги кажат своите искуства. Овие проблеми сепак не се само лични, за многу деца се работи – ја завршува својата лична приказна К.И.

loading...