Кристина Арнаудова: Благодарна сум за привилегијата да бидам мајка

Таа е рок пејачка, хуманитарка, мајка со многу обврски и едно важно правило: И покрај се, секогаш да биде дома најдоцна во 15 часот!

0
2203

Кристина Арнаудова е посветена мајка, енергична и страсна во музиката и воопшто, во се што работи. Неодамна, својата енергија која досега ја насочуваше кон музиката и семејството, ја насочи и во хуманитарни цели и го формираше своето здружение „Проект Среќа“ кое веќе им носи среќа на многумина. За читателите на „Мајка и дете“ зборува за себе и за своите ангажмани, за мајчинството, доењето, воспитувањето, здравата храна и хуманоста…

Колку мајчинството те смени како личност, се сеќаваш ли на „претходниот живот“ и што се се смени од тогаш до сега?

Сега се прашувам често, што сум правела со толку слободно време тогаш. Сега нема време за одмор многу, нема варијанта „денес сакам да лежам и да не правам ништо“. Тој дел го имам и заборавено како изгледа. Мајчинството ме научи да сакам безусловно, да бидам многу потопла како личност, ништо да не ми е тешко, моите две деца ми даваат сила со која можам да направам се. Понекогаш ми фали сон и малку време само за себе, но знам дека во овој период тоа е невозможно. Кога ќе бидат малку поголеми, ќе се одморам можеби, сега за сега тоа е само сон.

Имаш две синчиња, Максим и Матео, како изгледа еден твој ден, се разнесувате наутро по градинки, во училиште?

Двајцата се многу темпераментни, весели и насмеани. Среќни деца. Речиси никогаш и да не плачат, поголемиот Максим е веќе дечко, наскоро втораче во училиште а Матео е година и 4 месеци, не застанува, весел е и постојано сака да оди некаде. Дома е журка, колку и да е напорно, прекрасно е да си мајка на такви деца. Благодарна сум за привилегијата да бидам мајка, и снаоѓањето не ми е проблем. Мајка ми многу ми помага,без неа тоа не би било возможно. Наутро Матео станува многу рано, околу 5.30, а Максим околу 6.30. Максим оди во училиште  со татко му, потоа околу 7.30 доаѓа мајка ми, јас се спремам за мојот работен ден околу Проект Среќа и музичките обврски, состаноци, и слично, а таа до 15 часот е одговорна за Матео, бидејќи тој се уште не оди во градинка.

Дали ги доеше децата и до кога? Што им спремаш сега за јадење, дали практикувате некој посебен режим на исхрана, им дозволуваш ли понекогаш „забранети овошја“ (смоки, чоколади, бонбони,..)?

Максим го доев до 6 месеци, а Матео за жал само 40 дена, но и во тие 40 дена имав многу малку млеко. Едноставно, немав млеко, еден ден кренав температура, и веќе од другиот ден немав ни капка. А многу сакав и секојдневно се борев за тоа. И двајцата беа мрзливи и не сакаа да цицаат па ми отежнуваа дополнително. На исхраната многу внимавам, секогаш се тоа свежо спремени оброци, кои ги готвам со мала термичка обработка, многу овошје, свежо цедени сокови секој ден, риба, органски производи користам колку повеќе можам како би ги избегнале конзервансите и пестицидите. На тоа обрнувам навистина многу внимание. Исхраната кај децата во развој е најважното нешто, заедно со вниманието и времето поминато со родителите. Максим е веќе поголем и тој знае да побара и забранета храна. Но знае колку смее и колку му е доволно.

Имаше ли љубомора кај Максим кога дома пристигна помалото братче, каков е сега нивниот однос?

Можеби имаше но тоа беше незначајно малку. Се виде дека му фали вниманието само за него, но ние се трудевме тој во ниеден момент да не се осети запоставен ниту дека нешто му недостига. Сега почнуваат да си играат со Матео, и се надевам дека навистина многу ќе се сакаат. Ќе се трудам да ги научам дека семејството е најважната работа на свет и дека треба секогаш да се тука еден за друг.

Имаш ли помош и кој ти помага најмногу со децата, и воопшто, во домашните обврски?

Најмногу ми помага мајка ми, без нејзина помош не би можела да се посветам на работата, воопшто. Матео не оди во градинка се уште, па таа е одговорна за него додека не сум дома. Но имам едно правило а тоа е дека најдоцна до 15 часот сум дома, и се посветувам само на нив. Се трудам секогаш тоа да биде така. Моите деца и семејството ми се секогаш број 1 приоритет. Работа секогаш има, особно за воркохолици како мене, но ако не си ставиш точен лимит, тоа ќе нема крај. На мајка ми сум и бескрајно благодарна за нејзината помош и грижа.

Колку време останува за тебе, што се случува со твојата кариера?

Пред две недели пуштив нов сингл, кој можете да гочуете по радио станиците – „Љубена“. Наскоро ќе се снима и спот. Работам активно на проекти во моето здружение „Проект Среќа“  и тоа ми е во моментов некако работен приоритет. Таму поминувам најмногу време. Слободно време останува навистина малку, па се трудам да се одморам за тоа време, а имам среќа што моите деца одат рано во кревет па можам и јас да одморам тогаш. По правило целиот јули и цел јануари ни е за одмор, па само тогаш се одмарам. Остатокот од времето сум како вклучена во струја, мултитаскинг максимално.

Дали евентуално ги заспиваш децата со песнички?

Да да, секако. Максим и сега некогаш го заспивам со песна и приказна, а Матео поретко, тој заспива сам, без помош од никого. Од кога е роден е така, само го ставаш во креветче и заспива, што е навистина олеснителна околност. Но уживам да им пеам, и да им читам и раскажувам, и сакам децата да растат со тие навики на топлина и зближување, преку кои учат многу.

Дали две машки деца се доволно алиби за да се оди на трето? Во смисол, дали посакуваш да имаш и едно девојче? 🙂

Посакувава и девојче, но Матео е прекрасно дете и во ниеден момент не посакав да е женско. Трето немам во план, значи, не, нема алиби.

Како ги воспитувате децата, што е она на што сакаш да ги научиш?

Да бидат добри луѓе, да ги почитуваат останатите, да бидат културни, да помагаат, и да бидат благодарни. Тоа е приоритет за едно дете да стане вистински човек. Сакам да ги научам да не се плашат од никој и од ништо, дека се е предизвик, дека не смеат да се плашат од неуспех, и дека во секоја работа е најважно да дадеш максимум од себе.

Како ви се поделени обврски со сопругот, кој е построг во воспитувањето со оглед на тоа што најчесто во сите семејства, едниот родител е секогаш попопустлив, а другиот построг?

Маж ми го носи Максим во училиште и најчесто го зема, тој е задолжен за учење возење на велосипед, скијање, пливање и авантури. Јас сум задолжена за домот, за здрава храна, за читање, училиште, заспивање на дете, станување во 3 наутро ако Матео се разбуди, па не сака да спие до 6 на пример, и за сите дополнителни домашни активности. Не знам кој е построг, воглавно и двајцата не сме нешто многу строги, сакаме нашите деца да бидат блиски со нас, не сакам да се плашат од нас, сакам да бидам другар со моите деца. Дали тоа е вистинска стратегија, времето ќе покаже.

Какви се твоите обврски во твоето здружение „Проект среќа“, што те натера да го формираш и какви се твоите идни планови и пејачки, и мајчински и се разбира, со здружението?

 

Во „Проект Среќа“ сум некако уан мен шоу. Ги смислувам проектите, ја водам канцеларијата, ги пишувам проектите, наоѓам начин за нивна реалзиација, ги реализирам, со помош на Весна, која е координатор на проекти, значи, има доста работа. Се трудам здружението да застане на силни нозе, па потоа ќе можам да олабавам малку и да ангажирам уште луѓе кои ќе работат со мене. Сега сме на старт, но навистина има многу набиена агенда, па мојата музичка кариера малку трпи на сметка на „Проект Среќа“. Како и да е, музиката останува моја прва љубов, се надевам на есен ќе има ново издание од мене, а Проект Среќа веќе се спрема за следниот проект, тоа е Шарено Лето, кое е спортско-забавен камп за деца кои не можат да си дозволат летен одмор, а потоа Среќна Школска година, во која ќе собираме училишни прибори за сите деца кои не можат да си ги дозволат. Проект Среќа е замислено да создава среќа, па затоа и го оформив. Се надевам дека сите проекти ќе доживеат голем успех, и ќе ставиме насмевки на многу лица.

Драгица Христова

 

loading...