Мила Царовска: Борбата против детската сиромаштија е приоритет број еден на Владата

На конференцијата во Сараево организирана од УНИЦЕФ беше усвоен Повик за акција кој ја потврдува посветеноста на земјите во регионот да го подобрат системот на социјална заштита во кој децата заземаат важно место.

0
258

Во Сараево беше одржана тридневна конференција насловена како: „Социјална заштита на децата – размена на добри практики“ на која донесувачите на одлуки и стручњаците што работат во областа на социјалната заштита од Босна и Херцеговина, Албанија, Србија, Црна Гора, Македонија, Словенија, Грузија и Молдавија ги повикаа владите од регионот да продолжат со натамошни инвестиции и посоодветен систем на социјална заштита на децата.

Тридневната конференција ја организираше УНИЦЕФ Босна и Херцеговина со поддршка од регионалната канцеларија на УНИЦЕФ за Европа и Централна Азија и канцелариите на терен на УНИЦЕФ од земјите учеснички.

Делегацијата на нашата земја предводена од Мила Царовска, министер за труд и социјална политика и Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во земјата учествуваше на настанот и сподели искуства во креирање политики кои се потпираат на факти  и осмислување програми за социјална заштита.

„Борбата против детската сиромаштија е приоритет број еден на Владата. Затоа Министерството за труд и социјална политика започна со амбициозна и сложена реформа на системот за социјална заштита во земјата за да одговори поефикасно и да ги заштити децата и семејствата со деца од негативните ефекти на сиромаштијата“, рече Мила Царовска, министер за труд и социјална политика во своето обраќање.

„Особеноста на детската сиромаштија е во тоа што подоцна не можете да ги смените последиците. Физичкиот, емоционалниот и когнитивниот развој од дете во здрав возрасен човек е поткопан од повеќекратните последици од детската сиромаштија. Но, добрата вест е дека можеме да ја смениме детската сиромаштија ако таа ни стане национален приоритет”, рече Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ во земјата.

Душан Томшиќ, специјален советник во кабинетот на министерот за труд и социјална политика и Сузана Борнарова, професорка на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“на конференцијата ги презентираа научените лекции и искуствата со електронската база на податоци на корисниците на социјална помош и грижа и со лиценцирањето на професионалци за социјална помош и нега.

Учесниците на крајот од конференцијат усвоија Повик за акција кој дополнително ја потврдува посветеноста на земјите во регионот да го подобрат системот на социјална заштита во кој децата заземаат важно место преку обезбедување:

Зајакнување на системите и политиките за социјална заштита со помош на планирање, следење и иновации базирани на докази;

Социјалните трансфери за семејствата и децата значително да придонесуваат за намалување на детската сиромаштија и лишувања, а во исто време одржливо ја подобруваат нивната благосостојба

  • Социјалните трансфери да бидат поврзани и да се координираат со други клучни комплементарни интервенции кои ја подобруваат благосостојбата на децата преку сеопфатен системски пристап
  • Програмите за социјална заштита да ги опфаќаат најсиромашните и најранливите деца
  • Соодветни фискални ресурси да бидат наменети за социјална заштита

Зајакнувањето на социјалната заштита на децата е од интерес за сите земји во регионот затоа што тоа е најефикасниот начин да се победи сиромаштијата и социјалната исклученост, како и да се овозможи децата да имаат барем минимални услови на живот. Со решавање на проблемот со сиромаштијата и социјалната исклученост на децата, социјалната заштита може да им помогне на децата да ги остварат своите права на опстанок, развој, учење и целосно и правично учество во општеството.

loading...