Неточното дефинирање на еднородителските семејства ќе има многу негативни последици

Со исправнo определување на еднородителските семејства по развод, ќе се обезбеди државата своите фондови за поддршка на овој тип семејства да ги насочи кон оние семејства во кои објективно само еден родител се грижи за децата, се вели во соопштението од двете граѓански иницијативи

0
464

Во однос на наодите презентирани во медиумите од Вториот форум за родова еднаквост организиран од фондацијата Фридрих Еберт – канцеларија Скопје во соработка со Прогрес институт за социјална демократија граѓанската Иницијативата за заедничко и одговорно родителство по развод и граѓанската Иницијатива за изедначување на правата на лицата со посебни потреби 5 ДО 12, ги имаат следните заеднички ставови:

  • Ги поздравуваме заложбите да се дефинира поимот еднородителско семејство, земајќи предвид дека навистина многу деца кои живеат со само еден родител не ја имаат соодветната поддршка од државата. Го поддржуваме ставот дека и децата со еден родител имаат семејство и дека навистина кога еден родител сам одгледува дете, соочен е со поголеми предизвици отколку кога двајцата родители се присутни. Државата треба да ја признае таа реалност и да обезбеди сеопфатна поддршка за овие семејства.
  • Сепак, за да се обезбеди функционален систем кој ќе овозможи здраво и среќно детство на секое дете, нужно е поимот еднородителско семејство да се дефинира точно и прецизно. Според тоа што беше презентирано во медиумите, дадените препораки не водат кон исправно дефинирање на еднородителските семејства во случај на развод.
  • Презентираниот предлог е, во случај на развод, за родител од еднородителско семејство да се прогласи родителот кој го добива детето на чување, воспитување и издржување. Според сегашниот еднородителски систем по развод, кадешто без исклучок при секој развод децата се доделуваат на чување и воспитување на само еден родител, ова би значело дека од секој развод би произлегувало еднородителско семејство.

Ваквото решение нема врска со реалноста, бидејќи во повеќето случаи, независно од разводот и доделувањето на детето на само еден родител, се уште двајцата родители сакаат, можат и се подобни да учествуваат во одгледувањето на децата. А во случај кога детето и после разводот се уште ги има на располагање двајцата родители, тогаш не може да стане збор за еднородителско семејство.

  • Доколку државата го прифати ваквото неточно дефинирање на еднородителските семејства, во услови на сегашниот еднородителски систем по развод, тоа би можело да има далекусежни негативни последици по целото општество, како на пример:

1. Доколку од секој развод може да произлезе еднородителско семејство, тоа ќе води до огромен број на еднородителски семејства. Кога буџетот наменет од државата ќе се распредели на толку голем број семејства, секое семејство поединечно ќе добие многу мала поддршка. Доколку не се утврдува каква е родителската улога и на родителот на кој децата не му се доделени на чување и воспитување по развод, најмногу ќе бидат засегнати оние семејства во кои реално има само еден родител кој ја извршува родителската функција (голем дел од ваквите семејства се оние во кои има деца со посебни потреби).

2. Можноста да од секој развод произлезе еднородителско семејство кое ќе добива поддршка од државата, ќе ги стимулира разводите, особено во посиромашните средини. Со ваква дефиниција, наместо да се оди кон намалување на тензиите при развод, се прави спротивното, односно се разгоруваат тензиите. Досега се води борбата само за правото на чување и воспитување на децата, а при ваква дефиниција борбата би била и за државната помош која би следувала со добивањето на правото на чување и воспитување.

3. Дури и во случаи на спогодбени и мирни разводи, се остава можност да родителот кој ги добил децата на чување и воспитување побара поддршка од државата како еднородителско семејство, иако другиот родител е активно вклучен во подмирувањето на потребите на децата. Тоа би било класична злоупотреба на државните фондови, повторно на штета на оние семејства во кои реално само едниот родител ја извршува својата родителска функција.

4. Најлошо од се, со ваква дефиниција на еднородителските семејства, се помага, односно се официјализира оттуѓувањето на децата од родителот на кого децата не му се доделени на чување и воспитување. Од вака предложената дефиниција произлегува дека родителот со кого не живеат децата повеќе не е дел од семејството на децата.

Со тоа, наместо да се спречи, уште повеќе ќе се стимулира родителското оттуѓување– појава која и сега се јавува во загрижувачки размери и во многу држави е признаена како тип на насилство врз децата.

  • Поради сето ова, заедничка заложба на двете иницијативи е државата да ја воведе опцијата за заедничко родителство по развод, како предуслов за точно дефинирање на еднородителските семејства кои произлегуваат по развод. Во сите случаи кога независно од разводот, двајцата родители сакаат, можат и се подобни да ги задоволуваат финансиските и емотивните потреби на децата, државата треба тоа да го дозволи.

Секој оној родител кој нема да ја искористи можноста за заедничко родителство, ќе му остави простор на другиот родител да побара помош од државата по основ на постоење на еднородителско семејство. Секако, евентуалното откажување од родителските права на било кој родител, во никој случај не смее да значи и ослободување од родителските обврски, независно и од евентуалната дополнителна поддршка од државата.

На овој начин, со исправнo определување на еднородителските семејства по развод, ќе се обезбеди државата своите фондови за поддршка на овој тип семејства да ги насочи кон оние семејства во кои објективно само еден родител се грижи за децата.

  • Дополнително, апелираме при дефинирање на еднородителските семејства, задолжително да се земат предвид еднородителски семејства со деца со попреченост, хендикеп или посебни потреби и да се воведе категорија „еднородителско семејство од социјален ризик“ – категорија, односно статус на еднородителско семејство, потврден од соодветна Комисија од Центар за социјални грижи и извештај од социјален работник од МТСП. Еднородителски семејства со деца/лица со хендикеп, по автоматизам спаѓаат во оваа категорија, а државата е должна да обезбеди соодветна помош, се вели во соопштението.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here