Носам 100 туѓи деца на патувања со недели, а моето не можам да го однесам ниту 1 ден

Додека било бебе, своето дете го гледал најпрвин во автомобил на бензинска пумпа, а откако малку потпораснало, по решение на Центарот за социјални работи, исклучиво во игротека. Засега не добил дозвола ниту за цел викенд, а камоли за одмор.

0
4323

Нашиот соговорник Миле Дебарлиев е уште еден во низата обесправени родители кои грчевито се борат за нормален контакт со своите деца.

Тој е еден од оние случаи за кои се зборува дека се во последниве години многу чести, односно, врски кои престануваат веднаш откако ќе се роди дете.

„По раѓањето на детето, мајките си ги земаат децата и ги напуштаат сопрузите па се добива впечаток дека единствена цел им било токму тоа – да добијат дете и да си заминат.

За да биде оваа цел полесно остварлива и прифатлива во кругот на блиски луѓе , таткото се етикетира дека е насилен, незаинтересиран или дека не плаќа алиментација“, велат од Иницијативата за заедничко родителство после развод чиј член е и Дебарлиев.

„Бев во брак две години, а на 21 јануари 2015, мојата сопруга си замина со нашето дете кое тогаш имаше само две недели. И претходно имавме меѓу нас расправии, но таа вечер сопругата одлучи да си замине. Кај нас тогаш беа моите родители затоа што ни помагаа околу бебето, па и тие се обидоа да ја смират работата, но тоа не се случи. Таткото и братот на сопругата дојдоа и ја земаа. Од тогаш, иако постојано се јавував, пишував пораки и настојував да дознаам нешто за нашето бебе, немав никакви информации ниту контакт со нив.

Конечно, кога бебето имаше 30 дена и кога отидов и им тропнав на врата, успеав да си го видам детето. Сопругата тогаш се обиде да ме излаже дека спие, но на крајот сепак ми дозволи да го видам. Многу плачеше па морав да почекам да ја подои, а јас отидов во автомобилот бидејќи татко ѝ во меѓувреме се врати дома и ме избрка од нивниот имот. Иако беше февруари, беше ладно, а бебето беше малечко, таа сепак ми го донесе во автомобилот. Го подржав 5-6 минути, но ми беше жал затоа што не престануваше да плаче и ѝ го вратив.

Следен пат го видов на 40 дена, кога беа во црква со детето, но постојано со непријатности во односот со неа и со нејзините родители. Накусо, односите меѓу нас беа максимално отежнати па така и видувањата со детето. Вработените во Центарот за социјални работи ми велеа да бидам трпелив, дека е сето тоа последица од постопородилни пореметувања, но излезе дека не е така.

Како и да е, се пожалив дека имам отежнати контакти со детето во социјално и тие, со оглед на тоа што беше зима, а бебето беше многу мало, донесоа решение да го гледам во домот на мајката и нејзините родители по 1 час неделно.

Меѓутоа, нејзините родители не дозволуваа да одам кај нив дома, па мајката детето ми го носеше на бензинската пумпа во Влае. Таму го гледав. Замислете како изгледаа тие видувања од 1 час, во автомобил, на бензинска пумпа!

По некој месец, ЦСР донесе ново решение според кое ми следуваа видувања од два часа неделно во игротеката во Сити Мол. Овој начин на гледање вообичаено се применува за родители кои се под надзор од некоја причина.

Јас немам никаква дамка како родител и не сум под надзор, а сепак, ете морав на тој начин да си го гледам детето. Апсурдот е што во тој период морав да плаќам за да си го гледам детето, а со оглед на тоа што и моите родители сакаа да си го видат внучето, моравме да плаќаме само за влез по 200 денари од човек. Тоа го нема во ниту една држава.

Во периодот кога детето беше на возраст од 6 месеци до една година го гледав моето дете исклучиво во таа игротека. Неколку пати се случуваше во игротеката да има роденден и ние да не можеме да влеземе воопшто, па моравме да се шетаме низ трговскиот, а мајката одеше по нас и извикуваше погрдни зборови.

Во една пригода ми го донесе детето во Сити Мол голо, само по пелена, со објаснување дека не сум плаќал и сум заслужил да го гледам голо. Како да не сфаќа дека на тој начин го повредува детето. Инаку, воопшто не е точно дека не придонесував за детето. Имам и пораки во кои таа ми нарачува што треба да му купам на детето, имам и фискални сметки од сѐ што сум купувал, но таа сепак ги прикажува работите поинаку пред вработените во Центарот за социјални работи.

Настрана од се што му купувам на детето, од февруари 2015 година јас плаќам и времена мерка за издршка на детето која ја додели судот додека да се досуди алиментацијата. Бидејќи Судот се уште не утврдил алиментација, моите плаќања се водат како времена мерка.

Според последното решение од ЦСР, сега ја гледам ќерка ми секој втор викенд, од сабота во 11 часот до недела до 19 часот и секој вторник по 3 часа, од 17-20 часот. Ова се месечно околу 76 часа, односно околу 3 дена или само 10% од времето. Особено се проблематични гледањата од по три часа. Во тие три часа треба да го земам детето од Влае, да го однесам дома кај мене во Кисела Вода и пак да го вратам назад во Влае. Повеќе време се губи во земање и враќање на детето отколку во заеднички квалитетно поминато време.

Сега во јануари, нашата ќерка ќе полни три години, а јас сѐ уште немам ниту цел викенд, ниту одмор со детето. Ѝ се ближи роденденот и веќе знае дека ќе добие две торти, една од мајка ѝ, една од мене. Годинава јас имам право да го прославиме роденденот на самиот ден, а кога ќе видите како се распоредени видувањата за време на празници, не може да не ви се стегне срцето за моето, но и за сите други деца кои се во ваква ситуација. Една година ја гледам на Бадник, друга на Божик. Годинава треба јас да бидам со ќерка ми на 1 јануари, и тоа 9 часа – од 10 до 19 часот, на Бадник да биде со мајка ѝ, а за првпат со мене за Божик, но повторно само 9 часа. Здравје, следната 2019.година ќе биде со мене првпат за Бадник.

Ваквите гледања се премалку за дете кое има двајца совесни родители. Се прашувам како се штитат интересите на децата со ваквите решенија кога едно од основните детски права е непречен контакт со двајцата родители.

Друга приказна е како постапуваат службите и колку се координирани. Во Јануари 2017, побарав да ми одобрат годишен одмор со детето, па после 60 дена добив одговор во кој ме одбија.

Поднесов жалба до Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и мојата жалба на ова решение беше усвоена. МТСП му наложи на ЦСР да определи одмор на детето со мене.

И покрај ова, Центарот носи ново Решение кое е идентично со претходното!!!.

Повторно не ми се одобрува ниту цел викенд ниту годишен одмор со моето дете.

Како може првостепениот орган да не постапува по насоките од второстепениот?! Зошто тогаш постои можност за жалба?

Што да ви кажам… јас сум голем дечар, и самиот работам со деца, имам фолклорен ансамбл во кој членуваат околу 100 деца од кои 90 отсто се малолетни. Сите излегувања од државата со овие деца, тие се со мене, на моја одговорност, со дозвола од нивните родители. Им предочив и во ЦСР дека други родители имаат доверба во мене за своите деца, не покажува ли тоа дека сум кадарен да се грижам за деца? Но, тоа ним ништо не им значи. Одлучуваат по некои свои критериуми според кои јас немам право на ниту ден одмор со своето дете.

Инаку, имам во ансамблот и две деца чии татковци воопшто не ги гледаат и гледам дека сето тоа им влијае – поповлечени се, помалку весели, како да немаат самодоверба. Не сакам тоа да му се случи и на моето дете и затоа правев и се уште правам сѐ за мојата ќерка да има право и можност да биде со двајцата родители, бидејќи јас сум тука, жив сум, здрав сум и сакам да се грижам за неа исто како и мајка ѝ. Зошто тогаш не ми се дава можност за тоа?!

Можам да кажам дека и покрај сето мое настојување и желба да бидам дел од воспитувањето и грижата на моето дете, ова не ми е овозможено.

На пример, самиот дознав во која градинка ми оди детето, како што и сега сам дознав дека повеќе не оди. Повремено одам во градинката да прашам дали е се во ред со детето, како се однесува, дали добро напредува итн. но последниот пат кога отидов ми кажаа дека не доаѓа повеќе, а јас не знам зошто, бидејќи мајка ѝ не сака да ми одговори.

За среќа, и покрај сето ова, благодарение на мојата упорност и на љубовта кон моето дете, успеав тоа да ме запознае и да ме засака иако ми беше одземено на возраст од само две недели.

Таа едвај чека да ме види, кога доаѓам да ја земам трча кон мене со раширени раце, а честопати не сака да си оди бидејќи ни е прекратко времето, па морам да ја излажам за да влезе во автомобил.

Ми се чини дека живеам само за тие моменти кога сум со ќерката. Кога спие кај мене, сум најсреќен татко, цела ноќ ја гледам, око не затварам затоа што не сакам да пропуштам ниту еден момент.

Наутро си стануваме, си појадуваме, излегуваме, шетаме, убаво ѝ е со мене.

Некогаш се преправам дека спијам, и ми вика: „тато стани“. Јас неоти спијам, ја гледам да не се отскрие, да не падне, но сакам да видам како ќе се однесува, како ќе реагира кога ќе ме види, сакам да ѝ го слушам гласчето“, вели Дебарлиев.

Инаку, тој е активен член на Иницијативата за заедничко и одговорно родителство по развод и вели:

„Чувствувам дека оваа Иницијатива е единствена шанса за нас –обесправените родители и нашите деца. Полесно е кога сме сите заедно и верувам дека заедно ќе се избориме да престанат манипулациите со децата по развод.

Еве, да ви доловам една манипулација која ја осетив на своја кожа, а гледам им се случува и на други луѓе.
Секогаш брзам да го вратам детето кај мајката во точно време според решението затоа што во спротивно мајката веднаш ќе ме пријави дека не сум ја вратил.

Така, во една пригода, иако чекав 15 минути пред нејзиниот дом, за да ѝ го вратам детето, иако ѝ ѕвонев и ѝ пишував пораки таа не се јави ниту пак излезе да го земе детето.

За да се заштитам отидов да пријавам во полициска станица во Кисела вода, а госпоѓата кај која го пријавував случајот не ми веруваше, па пред неа, на интерфон, повторно ѝ вртев на бившата сопруга.

Кога увиде дека ја зборувам вистината и дека жената навистина не ми крева телефон, таа почна да пишува записник.

Во меѓувреме, ми се јавија од полициската станица во Карпош кадешто ме пријавила дека не сум го вратил детето.

Се договорив со полицајците во Кисела вода да одам повторно да го вратам детето за да не правиме непотребни проблеми, но таа повторно не излезе да го земе детето.

Си отидов дома. Не дојде по него ниту следниот ден, ниту денот потоа, па на крај сепак отидов јас да го вратам детето затоа што се плашев дека во спротивно ќе имам проблеми да си ги остварам видувањата.

По се изгледа целта беше да се претстави дека јас не го почитувам решението за да се преземат мерки против мене.

Од тогаш немало такви проблеми, но видувањата се исклучиво по решение, што само по себе е проблем. Не можам детето на ниту еден детски роденден да го однесам.

Нема можност за договор со мајката, вика, си имаш решение! Се трудам да добијам повеќе време со моето дете, но таа знае дека детето ми е најголема болка и го користи како оружје заради некои други наши претходни недоразбирања.

Сите вакви ситуации оставаат последици и трауми врз децата, но очигледно вработените во Центарот и несовесните родители кои се пресметуваат преку децата, не сакаат да го видат ова“, ја завршува својата приказна Дебарлиев.

Драгица Христова

loading...