Организацијата „Лулка“ го прослави 8.роденден

Единствената организација во Македонија која работи на едукација и поддршка на бремените жени и родителите одбележува 8 години постоење

0
41

Во текот на Јуни организацијата Лулка го одбележа своето 8 годишно постоење. Лулка – Здружение за грижа и едукација на бремени жени, мајки и деца Скопје, како невладина и непрофитна организација е основана на 27-ми Јуни 2009 година. Денес Организацијата е препознатлива по континуираната, стабилна и системска поддршка која ја дава на семејствата. Лулка работи на едукација на младите луѓе, подобрување на нивните родителски вештини, знаења од областа на јавното здравје и превенцијата, правилната исхрана, нега и воспитување на децата.
Во изминатите години организацијата Лулка спроведе голем број предвања, работилници за бременост и породување, работилници за доење кои беа посетени од над 1500 трудници. Лулка организираше и Школа за родителство, трибини и панел дискусии во повеќе општини во Скопје, Битола, Куманово.
Организацијата Лулка е застапник (endorser) на WABA во Република Македонија, глобална организација за заштита и промоција на доењето. Партнерството со EFCNI – Европската фондација за грижа за новородени пак, ни овозможи да се занимаваме со подобрување на условите за нега и следење на предвреме родените бебиња и деца. Во партнерство со WABA и EFCNI секоја година организацијата Лулка ги одбележува Светската недела на доењето и Светскиот ден на предвременото породување во Македонија.
Организацијата Лулка денес, на почетокот на својата 9-та година од постоењето, работи во три програмски насоки:
– Поддршка на граѓаните во текот на бременоста и породувањето;
– Промоција, заштита и поддршка на доењето во Р. Македонија;
– Поддршка на семејствата кои имаат предвреме родено бебе/дете.
Нaшата цел во иднина, како и досега, ќе биде подобрување на условите во кои се раѓаат и живеат децата, преку едукација и поддршка на родителите и на младите пред забременување, во текот на бременоста и по породувањето.
Нашата мисија и понатаму останува општество во кое граѓаните се информирани и свесни за значењето на семејството и потомството, за превентивните мерки за одржување на здравјето пред и во текот на бременоста. Општество во кое родителите се правилно информирани и знаат како правилно и совесно да се грижат за своите деца, применувајќи ги современите јавно здравствени упатства и доктрини. Општество во кое на граѓаните им се достапни центри за ваков тип на едукација и поддршка на локално ниво. Општество во кое законските прописи ги препознаваат и се прилагодени кон специфичните потреби на оваа голема целна група во која речиси секој се вбројува во определен период од животот, се вели во соопштението од „Лулка“.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР

Please enter your comment!
Please enter your name here