Работи околу кои непотребно се нервираат повеќето родители

Ајде да видиме кои се сите оние нешта кои не се вредни за нив да си ги трошите вашите нерви и времето.

0
675

Во моментот кога станувате родител добивате многу одговорности, а со самото тоа и многу нови работи околу кои ќе се нервирате. Многу од тие работи навистина не се вредни за тоа, односно, непотребно ви го одземаат времето и ви ги трошат нервите.

Неред
На детето не му е важно дали е дома се средено, важно му е времето што го минува со вас, особено кога добро се забавувате. Секако, тоа не значи дека треба да живеете во хаос, но кога сте уморни или повеќе би сакале да си играте со детето, направете го тоа, а чистењето и средувањето можат да почекаат.

Доење
Повеќето новопечени мајки губат многу нерви кога имаат проблем со доењето. Дури кога ќе престанете да се нервирате, доењето веројатно ќе стане многу полесно.

Дотерување на детето
Вие сте испланирале прекрасна комбинација, а вашето дете не сака да слушне да го облечете така? Малку шаренило и несклад нема никому да штети.

Маѓепсаниот круг на расфрлани играчки

Додека ги раскревате играчките веројатно ви е јасно дека веќе за десет минути се ќе изгледа повторно исто. Наместо постојано да раскревате, седнете на под и уживајте играјќи си со детето. Можеби така полесно ќе го наговорите да ви помогне заедно да раскренете кога ќе завршите со играњето.

Време за јадење

Често родителите ги вади од такт неможноста да го нахранат детето тогаш кога намислиле затоа што тоа во моментот има нешто поинтересно за правење. Наместо да се нервирате, едноставно не го терајте да јаде. Кога ќе заврши со играњето, детето ќе почувствува глад и само ќе си побара.

Стресни утра

Стресот во утринските часови е сосема нормален, но можете да го избегнете такашто ќе станете десет минути порано. Хаотично секако ќе биде, но ако имате време претходно во тишина да с енапиете кафе, полесно ќе поднесете.

Работи кои не се ни случиле

Не губете време и нерви на работи кои не се ни случиле. Стравовите што би било кога би било се најлош начин на губење на време. Кога проблемот ќе се појави, тогаш ќе го решавате.

Пари
Помирете се со тоа дека никогаш нема да имате доволно пари за да ги исполните сите свои и сите желби на детето. И тоа е сосема во ред.

Мислење на другите за вашите воспитни методи

Секогаш ќе се најде некој кој ќе мисли дека знае и може подобро од вас. Иако советите се често добронамерни, ако се нервирате заради нив, научете да ги игнорирате.

Недостиг од време

Престанете да се нервирате околу ова! Токму на тој начин го губите времето кое и онака го имате премалку. Освен тоа, на тој начин станувате помалку продуктивни. Забавете го ритамот и не брзајте секогаш.

loading...