Се создава лажна слика за мајките како неодговорни и незаинтересирани

Сакаме да повикаме на одговорност и свесност поради небулозните изјави на еден тукушто апсолвиран и тримесечен практикант во Меѓаши... Нема да молчиме, да не молчиме! - се вели во реакцијата на здружението „Една може“ на текстот: „Татковците стануваат поодговорни родители од мајките“, објавен на нашиот портал

0
1336

Здружението на еднородителски семејства „Една може“, реагираше на текстот со наслов: „Татковците стануваат поодговорни родители од мајките“, објавен на нашиот портал.

Станува збор за изјавата на Кристијан Павловски (психолог кој 3 месеци работи на СОС телефонот на „Меѓаши“), дека е фрапиран од сознанието дека има се поголем број мајки кои не одат на закажаните средби со децата кои им се доделени на татковците или пак децата не сакаат да се сретнат со нив.

Во текстот стоеше и податокот дека нашиот соговорник зборува врз основа на тримесечно искуство кое, се разбира дека не се однесува генерално, на сите мајки, туку на толку случаи за колку што тој во своето скромно искуство имал можност да слушне. Останува фактот дека дури и да се вкупно 3, тоа сепак значи дека сите мајки не се совршени, како што и сите татковци не се лоши родители. Ние како портал кој е главно посветен на мајките и децата, понекогаш се соочуваме со појави, макар и исклучително ретки, кои не се во согласност со сознанијата со кои располага здружението „Една може“, но само поради тоа што се реткост или се несоодветни на општата слика за мајките, не значи дека треба да ги занемариме. За објавите на „Една може“ секогаш имало и ќе има место на нашиот портал во кој, патем, работат и две самохрани мајки кои си ги пораснаа синовите без финансиска поддршка од татковците, соочувајќи се притоа со голем број проблеми со кои се соочуваат и многу други самохрани мајки.

Ја објавуваме реакцијата на „Една може“ во интегрална форма:

Сакаме да повикаме на одговорност и свесност поради небулозните изјави на еден тукушто апсолвиран и тримесечен практикант во Меѓаши- првата детска амбасада во светот, Кристијан Павловски. Нема да молчиме, да не молчиме!

Интересно е како портал „Мајка и дете“ во рубрика “совети за тато” објавуваат крајно нерелевантен текст, кој ја дискриминира секоја мајка, посебно самохраните мајките кои сами се грижат за своите деца, а можеби некои од нив лично побарале помош од Меѓаши.

Необјасниво е како Меѓаши, преку неискусен и нестручен кадар, со парцијални податоци, фокусирајќи се на индивидуални случаи, за кои дополнително е дискутабилно дали се жртва со оглед  дека втората страна е исчезната, го пуштија кутриов да разорува, притоа создавајќи лажна слика за мајките во државава, наркувајќи ги “неодговорни и незаинтересирани” и притоа потенцирајќи дека наводно сега улогите се смениле. И можеби некако и би го проголтале тој податок, да не стоеше во друго соопштение, објавено во истиот портал дека Меѓаши во последната година одговориле на не повеќе ни помалку, туку на 44 повици, од кои 27 во врска со бракоразводни постапки. Значи, заклучокот врз кој се базира целата статија е врз основа на не повеќе од 8 повици во текот на неговото искуство во Меѓаши, со оглед на фактот дека таму е практикант цели 3 месеци.

Во услови на високо-конфликтни односи, во денови каде насилството врз жените е во подем за што говори и фактот дека 73% од самохраните мајки се или биле жртви на насилство, а 70% од сите жени, биле жртви на родово базирано насисилство некогаш во животот, во земја каде броиме точно од 01.01.2015 до денска 16 фемицида, а две жени се преживеани и се со доживотни последици. Ги повикуваме Меѓаши да се едуцираат родово и ако веќе сакаат да го прошируваат своето поле на дејствување, да прават заложби за ратификување на Истанбулската конвенција. Исто така би можеле да го насочат својот фокус кон обезбедување на елементарни услови за живеење на децата од ранливите категории, особено кога месечната издршка ја нема, немаат помош од државата, па се борат буквално за парче леб.

Она што исто така вџашува е фактот што  психологогот врз основа на 8 (ајде нека се и 10) јавувања категорично зазема страна, и ја нарушува својата професионална должност и етика,( а тоа е грижата за добрата психичка и балансирана емотивна состојба на граѓаните и граѓанките и непристрасно вршење на својата должност) и притоа покажува дека насоката на дејствување на Меѓаши за жал го променила својот тек и наместо за права и можности за сите деца, тежнее кон права на ним симпатични индивидуи.  Сметаме дека секоја една мајка, која го прочитала овој произволен, субјективен и дискриминирачки текст, е ставена во незавидна положба, особено жртвите на насилство, а официјалните податоци велат дека тоа се минимум 70% од жените.

Ја имаме во предвид начелната мисија и визија на Меѓаши, и ако ставот на Кристијан го изразува ставот на Меѓаши, тогаш добробитот и можноста за остварување на детските права и слободи се сериозно ставени под удар од тие што треба да ги застапуваат, па предлагаме да и се вратат и посветат на истата и да не се мешаат каде не им е работа, а посебно да си ги преиспитаат вредносните системи кои ги мотивиират да го прават горенаведеното.

Порталите да проверуваат што објавуваат и да не сечат и лепат напразно, и конечно сите да се едуцираме за антидискриминација.

Сите ние, да престанеме да се сакатиме едни со други.

Посебно болно е дека во последнава недела гледам како мало момче од еднородителско семејство, е емотивно ураганизирано поради овој вид на несензибилност, на цели три пати, поради фактот дека потекнува од различен семеен конструкт, сочинет од мама и него.

Нема да молчиме, ние кои едни сме, а можеме.

 

Тимот на Една може!

[better-ads type='banner' banner='999' ]