Седум неочекувани симптоми на бременост

Почетокот од бременоста носи очекувани симптоми кои ни се познати, но и некои потполно неочекувани

0
1322

Првите недели од бременоста носат очекувани и познати симптоми – доцнење на менструацијата, мачнина, одбојност кон одредени намирници и мириси, чувство на надуеност, промени во столицата, лесно покачена температура, замор и поспаност. Но многу мајки сведочат за промени на кои не им се надевале. Тоа не значи дека секоја жена ги има, но она што може да ви се случи и не треба да ве изненади е:

Ноќно потење

Жените кои претходно спиеле цела ноќ „како бебиња“, наеднаш почнуваат да се будат облеани со пот. Жешко им е и никако да ја најдат вистинската температура. Причина за овој симптом, како и за сите останати е наглото зголемување на трудничките хормони во организмот.

Подждригнување

Мачнината е очекуван труднички симптом, но ретко се пишува за тоа како многу жени наеднаш почнуваат да подждригнуваат „како камионџии“. Причините за овој симптом не се до крај разјаснети.

Зголемено лачење на плунка

Лачењето на плунка во првите неделите од бременоста може да се префрли во петта брзина, па жените забележуваат дека повеќе немаат каде со сета таа течност.

Израстоци на кожата

Нешто што прво била мала и незабележлива кожна израслина, во првото тримесечје може да порасне во забележителни димензии. Разните израстоци на кожата се резултат на силното делување на хормоните на естроген во телото на жената. Повеќето се безопасни, но добро е да се следи нивниот раст и развој.

Полн нос

Секое утро некои трудници се будат со затнат и полн нос. Но за час или два овие симптоми се повлекуваат. Виновник за ова е нашиот пријател естрогенот, а овој симптом има и стручен назив – труднички ринитис.

Забрзано растење на влакна

Се депилиравте наутро, а навечер веќе чувствувате дека почнале да ви растат нови влакна? Тоа е затоа што влакната во првото тримесечје забрзано растат. Веѓите, косата, влакненцата…се може да подивее и да расте како лусо, а вие едноставно мора да се помирите со тоа.

Зголемено чувство за мирис

Без оглед на заморот, безволноста, мачнината и можеби малку послаб апетит, трудничкото сетило за мирис станува супер сетило. Трудницата може да намириса се. Значи, ако некој на другиот крај од салата не ставил дезодоранс, трудницата го чувствува тоа. Може да го почувствува и пивото во здивот на својот партнер кое го испил три дена претходно.

loading...