ШТО Е ТОА ШТО НИКАКО НЕ ТРЕБА ДА МУ ГО ВЕЛИТЕ НА ВАШЕТО ДЕТЕ

0
4834

Кога имате за цел да го промените однесувањето на вашето дете, внимавајте да не му велите дека е лошо, несмасно, трапаво, неспособно, глупаво, просто, смотано, плашливо, неписмено, неодлучно, тврдоглаво, за ништо не те бива… Овие зборови не само што не водат до промена на непожелната постапка, за која целнајчесто и се употребени, туку ја етикетираат личноста на детето и директно влијаат на создавање негативна слика за себе, односно ја намалуваат самодовербата и себепочитувањето на детето.

Употребувајќи ги зборовите лошо дете, затоа што тоа не сака да ги собере играчките, не само што не го учите детето која постапка не е пожелна, туку придонесувате едно мало дете да прифати дека е лошо дете и да расте со таа етикета. Децата имаат инфантилна логика која е сосема различна од логиката на возрасните, па навидум едноставните зборови често пати кажани во деминутив (лошко, смотанко, глупчо, тупчо, трапчо…) доколку често ги употребувате стануваат дел од сликата за себе која детето ја гради токму во првите години од животот. Понатаму таа се зацврстува и станува дел од идентитетот на личноста.

КАКО ПРАВИЛНО ДА МУ СЕ ОБРАТИТЕ

Еве неколку предлози кои водат до промена на однесувањето, а при тоа не нанесуваат штета врз самодовербата и себепочитувањето кај детето.

– Наместо ти си лошо дете, дајте му информација на детето која постапка не е добра и предложете му замена за непожелната постапка. На пример, не е добро играчките да се остават растурени низ целиот стан, по завршување на играта тие се ставаат во корпата…

Или употребете „не ми е допаѓа што… не ги собираш играчките, го удираш братчето, се качуваш на комодата, не го враќаш пешкирот на закачалка “…

Ако добро забележавте во овие примери критиката е насочена кон непожелната постапка на детето, што воедно му кажува на детето што е тоа што не е добро, а при тоа не се етикетира личноста на детето. Важно е да се укаже дека помеѓу личноста на индивидуата и нејзиното однесување нема знак на еднаквост.

Доколку често се етикетира личноста на детето со гореспоменатите зборови, подоцнатоа се развива во возрасна индивидуа, која има проблем да застане цврсто на нозе, несигурна во себе, со ниска самодоверба и да се соочи со препреките на патот. Овде е важно да се нагласи дека децата треба да добиваат пофалби на личноста, на пример:паметно, способно, креативно, вредно дете итн.

Катерина Н. Ристовска,
лиценциран психолог, тренер по емоционална писменост
Едукатор во работилници за родители
Центар за едукација Гравитрон-Скопје

gravitron.mk@gmail.com
Garvitron-Skopje

 

loading...