Што ни фалело нас порано!?

Токму ова „ Што ни фалело нас порано“ е првото нешто против кое се бориме затоа што тоа што „ни фали денес“ произлегува од начинот на исхрана кој се практикувал пред 30-40 години и е медицински докажано, велат авторките на Бебе Готвач.

0
2941

Двете млади мајки Ирина Наков и Елена Петковска се авторки на првиот македонски готвач полн со здрави рецепти за бебиња и деца. Книгата им ја посветуваат на нивните семејства, особено на децата кои се и инспирација за оваа нивна приказна. Ирина работи во маркетинг агенцијата Идеа Плус, го има тригодишното синче Леон и очекува уште едно дете, а Елена е по професија новинар, инаку сопственик на „Ариза“ и мајка на тригодишната Теодора и двомесечниот Михаил.
Цената на овој Бебе Готвач е 990 денари.

Како дојдовте на идеја да го направите овој готвач и како ги собиравте рецептите?
Потребата од ваков готвач беше огромна, а неговата реализација дојде спонтано. Групата Здрава храна, здрави деца беше првиот чекор кон остварување на печатеното издание на Бебе Готвач. На почетокот, во групата направивме датотека со одговори во вид на статии кои родителите, најчесто мајките ги бараа со секојдневните прашања. Тоа го сторивме за да биде пребарувањето полесно, а објавивме се што научивме и истраживме како мајки. Почнавме да ги собираме нешите рецепти од одброците кои ги готвевме за нашите деца да ги ставаме во еден документ кој го нарековме Бебе Готвач. Потоа на иницијатива на Александар Јордановски ја изработивме апликацијата за андроид уреди. Во меѓувреме мајките ни праќаа фотографии од испечатени рецепти од апликацијата и мини Бебе готвачот за да ни покажат дека на тој начин им оставале на своите мајки и свекрви план што да зготват тој ден. И тоа беше главниот поттик да почнеме со реализација на печатеното издание на Бебе Готвач.

Дали самите имавте проблем кога на вашите деца требаше да им понудите цврста храна и што ви беше најголем проблем?
На почетокот, кога стана збор за дохраната на нашите бебиња се соочивме со многу различни совети. Ние доевме ексклузивно до полни 6 месеци на бебињата и тоа беше една одллука која беше поврзана и со почетокот на дохраната. Педијатрите ни даваа совети кои не се поистоветуваа со нашата одлука за ексклузивно доење, а на интернет најдовме безброј различни насоки за тоа што е правилно, а што не. Тоа беше многу збунувачко за нас. Токму од нашето искуство и тешкотии кои ги имавме со нашите деца, дојдовме до идеја за да ја основаме групата, а потоа и апликацијата Бебе Готвач. На почетокот сакавме да си олесниме самите на себе, но во исто време сакавме да им понудиме на родителите една алтернатива, која се заснова на добро истражени извори.

Применувавте ли некои совети од повозрасните, од мајките и бабите евентуално во поглед на исхраната на вашите деца или се во вашиот готвач е производ на новото време?
Секако дека го користиме она што мислиме дека е соодветно на новите истражувања, а се применувало и порано. Она што сметавме дека е во согласност со новите препораки, е ставено во готвачот.

Сметате ли дека она што понекогаш го велиме сите: „што ни фалело нас порано“, е издржано или пак секое време си има свој „вистински“ начин на исхрана? Која е главната разлика во исхраната на децата порано и денес, што прифативте, а што сменивте?

„Што ни фалело нас порано“ е првото нешто против кое се бориме. Тоа што „ни фали денес“, од начинот на исхрана кој се практикувал пред 30-40 години и повеќе, е медицински докажано. Појава на гастритис, холестерол, алергии, проблеми со дигестивниот систем и сл. се дел од медицински докажаните појави кои се поврзани со прерано воведување дохрана. Кравјото млеко и соолта се исклучени од исхраната на бебиња помали од една година. Како што светот оди напред, така одат и медицината и сфаќањата поврзани со начинот на исхрана на бебињата. Разликата во начинот на дохрана денес и порано е тоа што со поголема сигурност може да се каже што е добро, а што не е, а тоа е засновано на медицински и научни докази. Со сигурност можеме да кажеме дека мајчиното млеко е најдобро за бебето и што подолго се дои тоа е подобро за бебето. Тоа е првата разлика. Редоследот на воведување на намирниците исто така е многу важен. Во Бебе Говач рецептите и советите се засноваат токму на оваа препорака, ексклузивно доење до 6 месеци, а потоа воведување дохрана.

Сакаат ли вашите деца да јадат се што ќе им зготвите и имате ли доволно време да го правите тоа секојдневно?
Не секогаш и тоа е сосем нормално. Исто како и кај нас возрасните, секоја комбинација на намирници не секогаш ни се допаѓа. Е кај бебињата и децата е малку потешко бидејќи тие не знаат да ни објаснат што им се допаѓа во оброкот, а што не сакаат, па треба да се потрудиме да ги најдеме правите намирници и истите да ги искомбинираме во прифатлив оброк за нашето дете. Мора да напоменеме дека одбивањето на храна или одредена храна не треба да ги очајува мајките, туку да ги поттикне да ја пронајдат вистинската комбинација. Особено кога ќе се соочат со период на вадење заби, на настинки или кога се случуваат скокови во развојот, да бидат трпеливи и да не посегнуваат по нездравата храна само колку детето да јаде. Полесно е кога ќе сфатиме дека и децата се како нас и некогаш не им се јаде, не можат да јадат, не јадат секој ден иста количина. За време за готвење, секогаш се наоѓа, особено што подготовката на бебешката храна не трае многу. Да сварите неколку парчиња зеленчук на пареа и да спремите житарки обично трае околу 15 минути. Речиси сите детски оброци, особено бебешките се подготуваат за максимум 30 минути. Така, времето и брзиот и динамичен живот не треба да ни бидат оправдување за неподготвувањето домашни оброци.

Дали имате забелешка на начинот на исхрана во градинките и училиштата и дали според вас би можело нешто да се смени?
Забележуваме дека секоја градинка и училиште имаат различно мени. Во глобала исхраната се подобрува, но се уште мора многу да се работи на оваа тема. Има многу работи кои треба да се сменат, особено во исхраната на децата во јасли.

Какви сте биле вие како деца и сега како возрасни во поглед на исхраната…имате ли омилени и омразени намирници…дали она што им го нудите на децата денес е делумно резултат и на вашите желби и афинитети?
За нас две можеме да кажеме дека и додека сме растеле не сме биле изложени на џанк фуд и дека нашите родители внимавале што и како ни подготувваат. Нормално дека ниту ние ниту нашите деца не сакаме се да јадеме и имаме омилени и неомилени зеленчуци и овошја. Начинот на кој се храни целото семејство влијае врз децата. Затоа е сосема во ред ова што денес го правиме и практикуваме. Ако ние како мајки сме растеле со нездрава храна и нездрави намирници, денес ќе одговаравме со омилената реченица на некои родители: Па нас како не растеле, еве ништо не ни фали!
Она што ние сме го јаделе, а сметаме дека е соодветно, го готвиме и ние. Многумина знаат да кажат дека ги чуваме децата во звоно и тераме мода, но иако не е така, подобро да сме модерни мајки со деца со здрави навики. Како родители првенствено ги слушаме и следиме нашите деца и нивните потреби и желби како во животот воопшто, така и во исхраната. Но секако дека им наметнуваме подобар избор и здрави навики во исхраната.

Дали мислите дека понекогаш на децата треба да им се дозволат и некои мали, нездрави задоволства од типот на лижавчиња, чипс, смоки, саламче,…или сте строги во овој поглед?
Никако не ги држиме децата во стаклено ѕвоно. Се трудиме да ги храниме здраво, да имаат добро избалансирани оброци и да ги внесуваат сите потребни хранливи материи. Понекогаш може да јадат чоколадо или грисини, но тоа не е многу често и никако не смее да им пречи на главните оброци. Сметаме дека се треба да е умерено и избалансирано.

Дали и самите уживате во некој од овие бебешки рецепти…кој ви е омилениот?
Да. Секој оброк што го подготвуваме за децата прво го пробуваме. И имаме омилени рецепти, особено здравите верзии на чоколадни десерти и пудинзи кои денес можат да се подготват на сосема поинаков начин отколку што сме навикнати и да бидат подеднакво вкусни, само многу поздрави и побогати нутритивно.

Текст: Драгица Христова

loading...