Што се тоа шумски градинки?

Нов начин на воспитување на децата преку радикално враќање во природата, кадешто на децата им е дозволено да се качуваат по дрвја и да си играат со оган е мошне популарен во Германија. Засега има над 1.500 такви „шумски градинки“ во оваа земја, а движењето кое почнало во Данска сега, освен во Германија се шири и во други европски земји, но и во Јапонија, Јужна Кореја, а интерес покажаа и Американците и Канаѓаните.

0
540

Во богатите земји се отвораат се повеќе градинки во шума. Можеби звучи по малку „сурово“ за нашите поими за воспитување деца, но во Германија се попопуларен тренд станува отворањето „шумски градинки“. Повеќе од 1.500 такви градинки во Германија се отворени во изминатите две декади, по углед на слични градинки што одамна се тренд во Данска. Во шумските детски градинки без покрив и ѕидови дневната прогама се одвива на отворено, без оглед на временските услови, односно, на тоа дали паѓа дожд или снег, дали е жешко или студено. Децата добиваат сознанија за светот што ги опкружува во истиот момент, гледајќи ја природата, учејќи од искуствата на воспитувачите и другите деца, како и од сопствен пример. Вакви шумски градинки стануваат се попопуларни и во Јужна Кореја како одговор на ригидното образование, строгите норми и стресот во општествата обземени со софистицирана технологија. Замислете го своето тригодишно дете како цел ден трча низ шума на минусни температури, се качува на дрвја, нурка во суви лисја, лови полжави и бубачки, …

– Без разлика какво е времето остануваме надвор, на децата никогаш не им е студено. Тие и нивните родители знаат како да се облечат, раскажува раководителот на една од градинките Торстен Рајнеке.

Сепак Рајнеке инсистира децата да поминуваат поголем дел од времето на отворено, дури и тогаш кога снегот формира снежна покривка до еден метар.

Како што забележуваат наставниците децата не покажуваат какви било знаци на загриженост.

– Можеби немам толкава контрола, ниту можам секогаш да ги видам, но знам каде се наоѓаат. Нашето отсуство им овозможува подобро да ги проценуваат ризиците. Идејата е децата некои работи сами да ги учат, да учат едни од други, како и да учат на сопствените искуства и грешки, појаснува Рајнеке.

Доколку студот се спушти до екстремно ниски темпаратури, децата и наставниците можат да влезат во преносливите логорски шатори (во кои има можност да се запали оган) или во мала дрвена училница. Оваа филозофија се однесува и на огнот.

Децата се повешти кога се сами, отколку во присуство на родителите Нихал Оз, една од воспитувачките се потсети на едно момче, од „шумската градинка“, кое долго стоело пред огнот за да види што ќе се случи.

– Дојде и ми кажа дека нозете не му изгореле. Така сите седнавме на земјата, а јас им зборував за огнот, покажувајќи им што се случува, доколку некои работи бидат изложени на дејството на пламенот. Дискусиите како оваа се блиски и непосредни, така што на тој начин секое дете има можност да ги „почувствува овие лекции и да ги доживее, нагласи таа.

По ужинката, децата си играат, а најчесто се качуват на дрвја. Никаде во градинката нема вградени скали, бидејќи, како што вели Рајнеке „тука секое дрво е за качување“. Децата можат да се качуваат на кое било дрво, кога ќе посакаат, а единствено правило е дека наставниците можат да им помагаат само кога се симнуваат, но не и при качувањето.

– Сето тоа ги прави многу повнимателни, бидејќи мораат да стекнат доверба во себе. Паѓаат од дрвјата единствено кога нивните родители ќе дојдат тука, бидејќи тогаш помислуваат дека мама и тато ќе ги спасат, додава Рајнеке.

Претседателката на германскиот Сојуз на градинки во природа и шуми Уте Шулте Остерман изјави дека освен една скршена нога, немало посериозни повреди во текот на дваесетгодишната историја на оваа организација.

Таа додаде дека престојувањето на отворено ги јакне децата, намалувајќи ги кај нив случаите на грип и настинки.

– Кај децата, кои своето најрано детство го поминале во шумски градинки се формира многу подлабоко разбирање на светот кој ги опкружува, а докажано е дека и многу често поседуваат многу поголема самодоверба кога подоцна ќе тргнат на училиште, нагласи таа.

Ова движење настанало во Данска во 1950 година, а првите вакви градинки во Германија се отворени во 60-тите години од минатиот век.

Шулте Остерман вели дека ваквите „градинки во природа“ веројатно започнале во времето на хипиците, додека денеска во нив се вклучени деца од сите слоеви. „Имаме се повеќе барања за прием на деца отколку што сме во состојба да примиме. Никако да најдеме доволно места за сите иако постојано се отвораат нови градинки“, вели таа.

Напоредно со ова германско движење кое напредува со брзо темпо, Шулте-Остерман го усмерува својот погледот кон остатокот од светот; таа имала главен збор на инаугуралниот Меѓународен конгрес Waldkindergärten во Берлин. На него биле повикани 350 делегати за да ги разгледаат начините за ширење на ваквата филозофија на образование на најмладите во што повеќе земји во светот, посебно во САД и Велика Британија кое досега најмногу се колебале во прифаќањето на отворените градинки.

Првата американска градинка од овој вид, Mother Earth School, е отворена во 2007 година во Портленд, Орегон. Во Велика Британија постојат само неколку, вклучувајќи ги јаслите на отворено „Тајна Градина“ во Фајф, Шкотска, кои работат 49 недели во годината и имаат 40 запишани деца.

Шулте-Остерман мисли дека обземеноста со здравствено-безбедносните прописи во САД и Велика Британија можеби би го забавило прифаќањето на оваа идеја, иако истакнува дека шумските градинки се покажале многу популарни во Јапонија, која е исто така позната по својата екстремна бирократија.

„Наш најголем успех беше да се инсталираат вакви институции во Јапонија кадешто образованието е и тоа како регулирано. Им помогнавме ваквиот метод на предучилишно образование од рацете на власта да се врати помеѓу луѓето од крв и од месо. Некјои родители се загрижени дека Јапонија станува нагласено хај-тек општество, и дека нивните деца, како последица од преголемото влијание на високата технологија, немаат време да комуницираат со природата. Затоа многу го засакале концептот на шумските градинки“, објаснува Хирое Кидо, јапонска студентка која пишува постдокторска теза за движењето на шумските градинки. Во Јапонија ги има повеќе од стотина, а нивниот број наскоро ќе се дуплира.

loading...