УНИЦЕФ: Дигиталниот свет да стане побезбеден за децата

Во дигиталниот свет, нашиот двоен предизвик е како да ги ублажиме штетите, истовремено извлекувајќи најмногу од придобивките на интернет за секое дете.

0
43

И покрај масовното присуство на децата на интернет – 1 од 3 интернет-корисници во светот е дете – се прави премалку за тие да се заштитат од опасностите на дигиталниот свет и да се зголеми нивниот пристап до безбедни онлајн-содржини, вели УНИЦЕФ во својот годишен извештај објавен денеска.

Состојбата на децата во светот 2017: децата во дигиталниот свет го претставува првиот сеопфатен поглед на УНИЦЕФ врз различните начини на кои дигиталната технологија ги засега животот и животните можности на децата, посочувајќи опасности, како и можности. Во него се расправа за тоа дека владите и приватниот сектор не се во чекор со промените, изложувајќи ги децата на нови ризици и штети.

„За подобро или полошо, дигиталната технологија сега е неповратен животен факт“, рече извршниот директор на УНИЦЕФ, Ентони Лејк. „Во дигиталниот свет, нашиот двоен предизвик е како да ги ублажиме штетите, истовремено извлекувајќи најмногу од придобивките на интернет за секое дете“.

Во извештајот се истражуваат придобивките што дигиталната технологија може да им ги понуди на најзагрозените деца, вклучувајќи ги и оние кои растат во сиромаштија или се погодени од хуманитарни катастрофи. Тие вклучуваат зголемување на нивниот пристап до информации, градење вештини за дигитално работно место, и платформа за поврзување и соопштување на ставовите.

Но, во извештајот се покажува дека милиони деца се изоставени. Околу една третина од младите во светот – 346 милиони – не се онлајн, влошувајќи ја нееднаквоста и намалувајќи ја можноста децата да учествуваат во сé подигитализираната економија.

Исто така, во извештајот се испитува како интернет ја зголемува ранливоста на децата на ризици и штети, вклучувајќи и злоупотреба на нивните приватни информации, пристап до штетни содржини, и интернет-малтретрирање. Со сеприсутните мобилни уреди, се вели во извештајот, многу деца имаат пристап до интернет без многу надзор – па тој станува потенцијално опасен.

И дигиталните мрежи како Дарк веб и крипто-валутите овозможуваат најлоши форми на експлоатација и злоупотреба, вклучувајќи трговија и „готова за нарачка“ онлајн-сексуална злоупотреба на деца.

Во извештајот се презентирани актуелните податоци и анализи за користењето интернет кај децата и влијанието на дигиталната технологија врз нивната благосостојба, разгледувајќи ги сé почестите дебати за дигиталната „зависност“ и можните последици врз развојот на мозокот од седењето пред екран.

Другите факти од извештајот се:

• Младите се најконектираната возрасна група. Во светот, 71 отсто се онлајн во споредба со 48 проценти од вкупното население.
• Африканската младина е најмалку конектирана, со околу 3 од 5 млади офлајн, во споредба со само 1 од 25 во Европа.
• Околу 56 отсто од сите веб-сајтови се на англиски јазик, а многу деца не можат да најдат содржини што ги разбираат или што се културно релевантни.
• Над 9 од 10 интернет-адреси на кои е откриена сексуална злоупотреба на деца во светот се хостирани во пет земји – Канада, Франција, Холандија, Русија и САД.

Само со заедничка акција – на владите, приватниот сектор, детските организации, академските институции, семејствата и самите деца – може да се изедначи дигиталниот простор и интернет да стане побезбеден и подостапен за децата, се вели во извештајот.

Практичните препораки за поефективно креирање политики и поодговорни бизнис-практики во корист на децата се:

• На сите деца да им се обезбеди пристап до квалитетни интернет-ресурси.
• Да се заштитат децата од онлајн-штети – вклучувајќи злоупотреба, експлоатација, трговија со луѓе, малтретирање преку интернет и изложеност на несоодветни материјали.
• Да се заштити приватноста и идентитетот на децата на интернет.
• Децата да се научат на дигитална писменост за да останат информирани, вклучени и безбедни онлајн.
• Да се искористи моќта на приватниот сектор заради унапредување на етичките стандарди и практики со кои ќе се заштитат и ќе им се користи на децата онлајн.
• Да се стават децата во центарот на дигиталните политики.

„Интернет беше наменет за возрасни, но сé повеќе го користат децата и младите – а дигиталната технологија сé повеќе влијае врз нивниот живот и иднина. Затоа, дигиталните политики, практики и производи треба подобро да ги одразуваат потребите на децата, нивната перспектива и глас“, рече Лејк.

loading...