Во Луксембург бебињата одат во градинка од 2 месеци

Елена Дрвошанова Крамди, Македонка која после 13 години живот и работа во Франција, пред две години со сопругот доаѓа во Луксембург раскажува за нејзиното породување на 16.12.2016, за тамошните практики на породување, од природно, до она со хипноза, како и за траењето на породилното отсуство и останатите решенија во врска со одгледувањето на децата во оваа земја.

0
2868
SONY DSC

Македонката Елена Дрвошанова Крамди, пејачка во рок бендот Strysles и правник во фирмата Docler Holding во Луксембург, ни го раскажа своето искуство во врска со породувањето и раѓањето на нејзиниот син Кени, како и за практиката во врска со породилното и родителското отсуство во земјата во која таа живее.

„Во Луксембург доста добро се следат трудниците со константни прегледи на гинеколог, секои две недели на почеток, па секој месец, и повторно секои две недели последниот месец пред породувањето. Еднаш месечно се проверува крвната слика на трудницата и се прават прелиминарни тестови на фетусот (на пример за тризомија). Освен овие редовни прегледи, трудниците следат часови кои ја подготвуваат на мајчинство (часови за самиот чин на породување, бидејќи во Луксембург имаме избор помеѓу повеќе видови на породување – со релаксација во вода пред самиот чин на раѓање, со хипноза, природно, итн., се посетуваат часови за обука за доење, за епидурална инјекција, за претпородилни вежби, за добра исхрана, за дочекување на бебето, итн.). Породувањето со хипноза е релативно ново и тука не познавам никој кој се породил на овој начин, ама прочитав на интернет дека за ова треба доста пракса. Односно, се земаат часови од третиот месец на бременоста па се до породувањето. Во клиниката во која јас се породив таа практика се користи веќе 3 години.

Јас се одлучив за природно породување. Вечерта, на 15 декември минатата година бев среќна трудница и ја поминував вечерта на забавата која ја организираше фирмата Docler Holding, кадешто работам, а по повод божиќните и новогодишните празници.

Следниот ден со мојот сопруг Давид бевме во кино и го гледавме филмот „Arrival“. На самиот почеток на филмот почнав да чувствувам контракции (беше отприлика 14 и 30 часот). Контракциите беа доста интезивни, а ние бевме на половина филм, па сепак одлучив да го догледаме до крајот. Кога заврши филмот со сопругот поминавме до дома да земеме се што ни е потребно и веднаш потоа се упативме во клиниката. Неколку минути пред 18 часот се роди Кени.

Насловот на филмот беше како некој знак, најава за пристигнувањето на нашето синче. Бидејќи Kenny се роди пред божиќните празници тој за мене и за Давид беше најубав божиќен подарок. Се разбира, додека траеше породувањето со мене беше и мојот сопруг кој цело време ми ја држеше раката и ми викаше „ајде, напнувај“. Беа присутни и две бабици и еден доктор (мојот гинеколог) бидејќи при породувањето немав никакви компликации. Кога има компликации можеби се присутни повеќе лица, но не сум сигурна колку. Мене ми кажаа колку максимум лица да се присутни од моја страна, а за мажот веќе не е проблем.

Јас се породив без епидурална инјекција затоа што сум против таа модерна инјекција, а искрено, и зашто ми е многу страв од игли.

На самото породување беше интересно тоа што многу ги насмеав бабиците на кои кога имав најголеми болки им реков „абре заборавив да дишам, дај објаснете ми како да дишам“. Тие се изнасмеаја, а јас мака мачев, ама потоа ми беше и мене смешно. Кога Кени излезе веднаш почна да плаче и веднаш ми го ставија на градите. Беше божествено.

Потоа не сместија во соба во која имаше и дополнителен кревет за Давид.

Тука во однос на сместувањето има 4 избори:

– соба за две жени родилки (во овие соби нивните партнери не можат да останат преку ноќта)

– соба за 1 мајка (без дополнителен кревет)

– соба за 1 мајка (со дополнителен кревет за партнерот – како мојата)

– соба делукс со сервис како во хотел

Сега сме дома и се снаоѓаме. Го дојам многу долго, по еден па некогаш дури понекогаш и по два часа. Еве и додека пишувам, тој си цица. Си лежиме, јас со една рака си го милувам, а со другата пишувам на таблет, иако не сум сигурна колку е тоа добро, но со оглед на тоа што долго цица, понекогаш ми е тоа можност да одговорам на некои мејлови.

Инаку, во Луксембург породилното боледување е 4 недели пред датумот за породување и 2 месеци после породувањето, односно, 3 ако го доите бебето. Градинките во Луксембург ги примаат бебињата уште од двомесечна возраст. Кени на пример, ќе има полни три месеци кога ќе почне да оди во градинка. Тука жените се повеќе работници отколку мајки. За да биде појасно што сакам да кажам ќе ви кажам дека во интерес на зголемување на наталитетот во земјата, владата донесе закон за дополнително породилно (тоа не се вика породилно, туку се вика родителско конзе). Подразбира дополнителни 6 месеци (значи, следуваат откако ќе ги искористите четирите месеци од породилното боледување) кои важат за жените што работат и имаат минимален работен стаж. За овој период државата плаќа 3200 евра месечно, наместо плата. Шест месеци може да земе и таткото наместо мајката се додека детето не наполни шест години. И покрај овој супер закон се зборува дека жените тука сепак преферираат да работат отколку да се на конзе.

И јас знам дека ќе биде доста тешко кога ќе почнам пак со работа и кога ќе морам да го оставам во градинка, но за еден хармоничен живот и лично и професионално исполнување, сметам дека е така подобро. Освен тоа, Кени ќе оди во градинка која го практикува методот Монтесори, а тоа е една педагогија која ги учи децата на автономија, еден метод кој ги зема предвид потребите на децата во секоја фаза од развојот. Сепак, дотогаш имам уште малку време за да уживам со моето бебе и имам време да му пеам и да му свирам додека го подготвуваме новото ЦД со бендот Strysles“, раскажува Елена.

Инаку, Елена е родена во 1980 во Струмица. Дипломирала новинарство на Правниот факултет во Скопје. Од Македонија заминала во 2001 година. По 13 години поминати во Франција исполнети со интензивно учење на францускиот јазик, две магистратури во бизнис и интелектуално право, и повеќе години професионално искуство во познати париски фирми, Елена веќе две години живее во Луксембург, земја на интернационалност и мултикултурност.

На професионално ниво, Елена е одговорна за интелектуалната сопственост на група на компании со седиште во Луксембург, која ја сочинуваат повеќе од 70 подружници и филијали низ светот.

„Ништо не се постига со скрстени раци. Само со труд и макотрпност може да се дојде до поволна социјална позиција, барем во модерниот некорумпиран свет“, вели Елена.

Токму заради нејзината посветеност на напредувањето во професијата, првата бременост ја доживеа дури после 10 години брак.

„Иако повеќето од моите блиски ми зборуваа па дури и инсистираа дека за деца не треба да се чека многу долго откако ќе се влезе во брачна заедница, јас имав една сосем друга визија во животот, прво стабилна и успешна кариера, а после деца. Во очекување на таа божествена промена, продолжив со професионална и екстра професионална работа „300 на час“. А како поинаку“, вели таа!

loading...