И забните импланти треба да се чуваат како природните заби

Многу често се случува да дојде до губиток на некој заб во усната шуплина. Тоа носи одредени проблеми како што се отежнато џвакање, губење на коската, повлекување на гингивата.

0
321

Забните импланти се повеќе се користат за замена на изгубените заби. Тие се вградуваат на местото на изгубениот корен и ја преземаат неговата функција. Направени се од титаниум, како и повеќето ендопротези (вештачки колк, вештачко колено). Тоа е биокомпатибилен материјал и со добра индикација и правилно извршена интервенција, се добива добра остеоинтеграција, односно сраснување.
Најдобра индикација за поставување имплант е губиток на еден заб, губење на повеќе заби, а кога има голем губиток на коската потребно е да се постават повеќе импланти и потоа да се постават забни мостови или забни протези.
Интервенцијата е кратка и се изведува под локална анестезија. Прво се поставува штрафот кој го заменува коренскиот дел. Супраструктурата или абатаментот се поставува после 4-6 месеци, за потоа да се земе отпечаток и да се изработи забната коронка. Од почетокот на интервенцијата, па до крајниот резултат обично се потребни околу 4-6 месеци, период во кој доаѓа до целосно сраснување на имплантот со коската. Постојат и импланти кои веднаш се оптоваруваат, но индикациите за нив се многу мали.
Како контараиндикации за поставување на забните импланти се дијабетес, генерализирана остеопороза, големи коскени дефекти на вилиците, лоша орална хигиена, пушење. Други контраиндикации се малигни заболувања, примање хемотерапија, HIV, хепатит, алергии, проблеми со коагулација на крвта.
Успешноста се смета дека е околу 98%, а трајноста меѓу 5-20 години. Имплантот е всаден во коскеното ткиво, кое трпи постојани промени, како и сите други ткива во организмот. Од посебна важност е одржувањето на оралната хигиена, за да се намали количеството на забен плак, кој предизвикува воспаление и повлекување на гингивата, хронични инфекции кои доведуваат до клатење и губење на забниот имплант.

Пишува д-р Јасмина Трајкова – Пети

[better-ads type='banner' banner='999' ]