Живкица Каленикова: Меѓу сите наши деца владее љубов и слога

0
5138

Живкица Ѓурчиновска, од пред неколку години и официјално, Каленикова, еден од најпрепознатливите радио-гласови и едно од најпрепознатливите ТВ лица, денеска е мајка на три деца, Даријан (5), Марко (4) и Ана (3 години). Позната по квизот „Најслаба алка“, денеска, освен со мајчинскиот ангажман со полно работно време, преокупирана е и професионално, со нејзиниот тв проект „Тунел“ кој ја доживува својата четврта сезона. И покрај тоа што во рок од само три ипол години донесе на свет три деца, Живкица е во топ-форма и изгледа можеби и подобро од било кога. Освен со нивните три заеднички деца, вели, куќата им е весела и полна кога ќе им се придружат и двете деца од првиот брак на Зоран, Калин (18) и Леа (16) кои со помалите братчиња и сестричката делат вистинска братко-сестринска љубов и слога.

Како е да се биде мајка на три деца помеѓу кои и нема некоја голема разлика во годините и дали некогаш во животот замислуваше, планираше и знаеше дека ќе бидеш мајка на три деца?

Прекрасно чувство на среќа, радост, три пати повеќе љубов, некогаш заморно, но секогаш забавно. Уште како девојче кога ја игравме онаа играта со цртање коцка за тест за иднината пишував дека сакам 3 деца. И како велат, внимавај што ќе посакаш :))))  Веројатно она што си го посакувате потсвесно се реализира во реалноста и во иднината. Отсекогаш сонував за големо семејство и еве сонот се исполни и навистина сум многу исполнета и среќна.

Колку те измени мајчинството како личност и колку ти го смени животот воопшто?

Ме промени во поглед на тоа што станав поорганизирана, особено што морам и да бидам со три мали деца, поемотивна, со поголема ептатија кон се околу мене, станав повнимателна, а веројатно во исто време и поплашлива и похрабра. Велат кога станувате мајка станувате и доктор, домаќинка, секретарка, хигиеничарка,… такашто, како и речиси сите мајки така и јас се фатив во сериозен костец со овој најголем животен предизвик.

Препознаваш ли кај твоите деца некои твои особини и може ли да одредиш кое од децата наликува повеќе на тебе, а кое на твојот сопруг и кои се особините што би сакала тие да ги наследат од тебе и од твојот сопруг?

Секако дека со тек на времето децата се повеќе потсетуваат во одредени работи на некој од нас, физички многу често ми велат дека победил генот на сопругот и повеќе наликуваат на него и неговата фамилија иако во секој од нив ги препознавам своите очи, веѓи, насмевка… Кај Даријан веќе се истакнува смислата за хумор, што особено ме радува, сите сакаат многу да зборуваат, веројатно тоа им е од мене… со сигурност! Верувам дека не сме и нема да бидиме по секоја цена амбициозни родители кои го трасираат патот на децата и нивниот избор на професија. Сакам да бидат свои, се обидуваме со сопругот да бидеме покрај нив, да им помогнеме да го најдат вистинскиот пат, кој ќе ги прави вистински среќни и исполнети, но да се градат како самостојни индивидуи, да учат понекогаш и од своите грешки иако како мајка би сакала никогаш да ги немаат; скромно нели?

Не би имала ништо против ако во нивните гени има добрина, доблест, чувство за баланс, умешност за владеење со секоја ситуација, осет за убаво и уметност, да ги ценат и да ги сакаат пријателите, да знаат да подадат рака и на непријателите…

Кој е построг кога станува збор за воспитувањето на децата, а кој е попустливиот?

Се договоривме со сопругот дека мора еден да биде добар, еден помалку добар во одредени ситуации, но и дека е особено важно да се поддржиме во одлуките, кога се искарани или треба да испочитуваат одредена одлука или задача која и не им се допаѓа премногу. Преубаво е да се има пријателски однос со децата но мора да се наметне и одреден авторитет особено кога се помали и треба да ги научат основните работи како почит, одговорност, но и самопочит, заради што знаме и често да им се извиниме  за одредени работи кога и јас или сопругот ќе згрешиме.

Твојот сопруг има и две деца од првиот брак, на која возраст се тие и каков е односот помеѓу сите нив, постои ли дружба, како изгледа тоа кога ќе се најдат на куп сите петмина? 

Калин има веќе 18 години и е најголемиот бато, а Леа е дада која има 16 години. Фала му на Бога тие се одлично воспитани деца, и меѓу сите петмина има прекрасна љубов и слога на што со сопругот сме особено горди. На крајот од денот и тоа е најважно во животот. Секој си ги знае своите задачи, имаме тинејџерски, сосема нормални дискусии и животни предизвици кои не носат со сопругот во едно време кое допрва ќе доага со помалите така да ќе бидеме веќе истренирани за тој чувствителен период. Практикуваме да имаме заеднички викенди, летувања и зимувања задолжително, бидејќи   секојдневјето ни е напорно, многу брзо, секој има свои обврски и тоа се периоди во кои се опуштаме и вистински уживаме едни со други. Ги  почитуваме и интересите на Калин и Леа и она што ним во овој период од нивното растење и развивање им е потребно. Дома можете само да замислите како може да биде со толку луѓе на број….но ќе речам, ништо поубаво во животот од големо семејство.

Бидејќи во семејството имате и машки деца и девојчиња, морам да прашам дали ги воспитувате во духот на онаа традиционална поделба на „машки“ и „женски“ игри, играчки, задолженија и слично или се обидувате сите да ги научите на се?  

Секако дека се обидуваме сите да ги научиме на се, взаемна почит, почит кон постарите, почит кон половите, кон различностите, сакаме да бидат космополити кои ќе сакаат да го доживеат светот и широко да го прегрнат.

Како функционирате вие дома, како се поделени обврските и задолженијата помеѓу тебе и сопругот, дали со оглед на брзото темпо на живот имате доволно време за децата или чувствувате дека не сте доволно со нив? 

Сопругот Зоран е навистина прилично многу зафатен со оглед на тоа што работи во приватен сектор и секој нов ден е нов предизвик за него, темпото е динамично, па мене навистина ми значи тоа што можам да направам план на обврски и што можам поголем дел од нив да ги завршам од дома. Кога сум на снимања кои навистина траат по речиси цел ден, физички сум отсутна од дома, но затоа останатите денови во неделата сум пофлексибилна и сум тука за децата. Ова ми е особено значајно за да можам да одговорам на секојдневните обврски како носење, земање од градинка, некои спортски активности, пазарување. Сопругот секогаш влетува со помош околу децата, знае често да ги прошета кога сум преморена или ми треба некое време за себе. Уживаме во гледањето филмови, слушање музика која децата многу ја сакаат, често сме во нашето сакано и чисто Маврово и сакаме да патуваме. Но сакаме и да си посветиме време еден на друг, ја зграбуваме секоја можност за време за нас, со некое патување, вечера, дружба со пријатели, одење во кино или едноставно со чаша вино и разговор.

Дали децата имале можност да те гледаат на ТВ екраните, како тие реагират на твојата професија?

Да, иако не инсистирам или ги принудувам да ме гледаат. Едноставно тоа е работа на мама и неа ја гледаат на телевизија. Секогаш со гласни врисоци и емоции од нивна страна е проследено секое мое појавување на ТВ. По се изгледа тие се и ќе бидат моја најверна публика:)))

Освен мајчинството, што те преокупира во моментов на професионален план?

Исклучително сум горда на мојот тв проект „Тунел“ кој ја продолжува својата 4-та сезона. Горда сум на мојот мал, но складен тим со кој неуморно се обидуваме да го доближиме реалниот живот до гледачите, да пренесеме порака дека има светла точка на крајот од Тунелот и е особено важно да трагаме, да најдеме и да веруваме дека ќе дојдеме до истата без оглед пред каков или колкав животен предизвик сме исправени. „Тунел“ ме научи на многу во животот и особено сум среќна што имав можност да запознаам толку многу луѓе со неверојатна животна сила и енергија, што се спротивставиле на најголемите животни предизвици и продолжиле понатаму со дигната глава. Им се восхитувам на родителите за кои животот имал малку поинакви планови и ги исправил пред најголемиот животен предизвик, можеби здравјето на своето чедо и ним им се поклонувам.

После три деца, ти си во топ форма, и веројатно ќе исфрустрираш многу мајки па можеби е подобро да им ја откриеш твојата тајна, исхрана, вежбање, или едноставно, гени? 

Ви благодарам. Убаво е да се чуе ова, особено по три раѓања за три ипол години:) Но сепак не верувам дека некого особено фрустрирам, бидејќи има денес навистина многу мајки кои одлично изгледаат и се трудат и вложуваат во себе и својот изглед. Кај мене веројатно има нешто во гените, вежбам со Кате од „Тринити“ и таа знае добро да потроши се што сум си каснала, а сакам да си каснам богами, гурман сум:). Мора да се има некој баланс, да се знае границата бидејќи и за нашето здравје се работи. Од друга страна си велам, ќе бидам и свекрва и тоа како е сериозен предизвик и мотивација за добар изглед.

Текст: Драгица Христова

[better-ads type='banner' banner='999' ]