Зорица Црношија: Децата ме пораснаа мене

Иако веќе 16 години работи во маркетинг агенцијата „Публицис“, во јавноста е позната како радио глас и ТВ лице, долгогодишна водителка на многу интересни радио емисии и телевизиски проекти, барем деценија ипол е животна сопатничка на Сашо Мацановски Трендо и најважно од се, таа е вечно насмеана и посветена мајка која деновиве се соочува со најголемата мајчинска агонија - онаа кога детето првпат ти оди само на зимување.

0
4430

Првото прашање е и насловот на твојот ТВ проект што заврши пред две годиниКој кого расте“ родителите децата или децата родителите? Го најде ли одговорот?

Речиси сум стопроцентно сигурна дека децата ме пораснаа мене. Култивираа особини, манири и вредности што порано не сум ги имала или не сум ги препознавала во себе и ја поттикнаа надобрата верзија од мене. Децата ми дадоа можност да почнам сè од почеток и да креирам човек каков што секогаш сум сакала да бидам, пред сè за себе, а подоцна за нив и за сите останати. И секако дека не можам да тврдам дека сум совршена или доволно добра секогаш, на секој план, но можам да гарантирам дека давам сè од себе во секој момент, дома, на работа и во сите други активности и ситуации од кои сум одбрала да бидам дел.

Во рамките на споменатиот проект, обработи многу интересни теми врзани со родителството. Што те поттикна да направиш емисија од овој тип, која тема ти беше најинтересна и чија приказна ти остави особен впечаток?

Ме заинтересираа приказните на многу мои соговорници, но со особен интерес ги следев и препораките и советите на стручните лица, психолози, педагози и психијатри што ги контактиравме за тој проект. Најмногу интерес ми побудуваа теми што и приватно ме интересираат, предизвици и животни ситуации од кои секој родител стравува; траума или голема загуба како смрт во семејството, кавги, недоразбирања, пубертет и многу други важни теми од кои многу научив и кои ми дадоа поткрепа да бидам посамоуверена и поодлучна како родител.

Си се соочила ли ти со некоја специфична ситуација во однос на твоите деца?

Токму сега поминувам низ „агонијата на првото самостојно патување“ на Мате. Деновиве го испраќам првпат сам на скијање и таа грижа ми ги распарува цревата. Размислувам на сè, од најбаналните ситници до најголемите предизвици на тоа патешествие, а чувството дека нема да сум таму доколку му треба помош или поддршка ме остава без сон еве веќе четврти ден по ред.

Која била кај тебе најголемата дилема како родител… досега?

Па најверојатно ова низ што сега поминувам ми се чини како најстрашна недоумица, дилема што влијае на се останато, одлука поради која постојано мислам дека ќе зажалам. Секако дека имало и други дилеми и моменти за кои сум се прашувала што е најдобро, што е во нивна полза и за нивна благосостојба, но верувам во себе, во својата внатрешна либела за исправност и некаква интуитивна проценка дека ја носам вистинската одлука. Но пред ваков товар каков што го носам во моментов, сите претходни дилеми и грижи ми се чинат толку акутни.

Дали во однос на воспитувањето на децата ти и Трендо имате најчесто исти ставови или напротив?

Јас и Трендо имаме комплетно различни животни стилови, инаков семеен фундамент, дијаметрално спротивни социолошки практики, сме доживеале комплетно спротивставени искуствени лекции, но ете во однос на децата не сплотуваат исти вредности што сакаме да им ги пренесеме, имаме исти заложби за она што сакаме да им го всадиме и за она што сакаме да го поттикнеме кај нив, какви искуства сметаме дека треба да им овозможиме и најпосле каков печат како родители сакаме да оставиме. И двајцата сме свесни дека среќата не е готов производ, таа се креира од нашите активности и од количината на љубов, поддршка, разбирање и сочувство што ќе ги посадиме во нив.

Често во едно семејство едниот родител ја има улогата на „лош полицаец“, а другиот на „добар“… дали е тоа случај кај вас, и кој е добриот, кој лошиот доколку е така?

Јас сум лошиот полицаец кога се работи за хигиената, јадењето на разновидна и здрава храна, учењето, одговорноста кон други луѓе, односот кон личните предмети, легнувањето на време в кревет, чувањето на здравјето и на безбедноста и што ли уште не. Трендо е лош полицаец во некои други сфери, па некако се покриваме секогаш да има по еден.

Како функционирате дома со оглед на брзиот начин на живот и големиот број на обврски, дали имате доволно време за своите деца?

Секој ден е нова борба, нов предизвик да се постигне она што е замислено, неопходно и задолжително. Она што ми отежнува и ме прави фрустрирана во голем дел од времето, се моите понекогаш неоправдано високи очекувања нештата да бидат реализирани на перфектно ниво, дури и тогаш кога задоволителното е сосема прифатливо и оправдано. Не можам да се помирам со фактот дека животот толку брзо поминува, а јас толку многу сакам да имам повеќе време, повеќе енергија, повеќе трпение, повеќе можности за нив и со нив. Но овие попусти калкулации што е подобро, поздраво, поисправно за нив, што ќе им донесе трајна вредност, а што ќе ги осакати за навек, ми ја тормозат душата и никакво ново сознание не ми овозможуваат. Затоа го живеам секој ден најдобро што знам заради себе и заради нив и не се споредувам со никого. Со таков мајнд-сет си дозволувам да имам само добри денови и одлични денови.

Се препознаваш ли понекогаш себеси или твојот сопруг во вашите деца, како се кај нив измешани тие фамозни гени?

Мате е волшебно дете. Чулен е и чувствителен, не сака да ги изневери нашите очекувања и го растажува и најмала неправда, што се и мои особини и карактеристики. Со Трендо делат иста страст кон музика и иста глад за благо. Бела пак е весела душа, родена изведувачка, неверојатно вербална и пргава мала маѓепсница, жестока е и упорна. Таа е обичен комедијант и за разлика од Мате, кој е стабилен и воздржан, Бела ја има таа особина на Трендо да ги покрене сите и со својата „изведба“ и да ги помести од место. Мислам дека и двајцата имаат собрано голем дел од нашите карактеристики и особености, но тие во нив се толку симпатично изблендирани, а јас сум убедена дека  ова се најдобрите деца што можев да ги добијам од тој микс.

Како ги воспитувате Мате и Бела?

Јас сум еден од оние родители што сметаат дека на идентитетот и на идниот живот на децата најмногу влијае инвестицијата што во нив ќе ја вложиме, поддршката да ги развиваат своите потенцијали и да веруваат во себе, домашното воспитување, хармонијата во која растат, она што како семејна историја им го оставаме, искуствата на кои ги изложуваме, амбициите и посветеноста што ја демонстрираме, печатот што како родители и индивидуи им го пренесуваме, обврските што им ги делегираме, страста, топлината и љубовта што ја артикулираме, но и чувствата што ги споделуваме. Една од моите најголеми заложби е да креирам блиски релации со нив, за да создадам квалитетен фундамент додека се мали и додека односите ни се стабилни, за да се вкотват на мојот брег кога еден ден бродот ќе почне да им се ниша.

Дали потешко се чува машко или женско дете и дали сте дома поделени во тимови на „татина ќерка“ и на мајкин син“?

Додека беа бебиња не чувствував никаква разлика во однос на тоа дали негувам машко или женско бебе. Но и сега не можам да кажам дека тоа е нешто што особено го чувствувам, бидејќи Бела е толку жестока и офанзивна, а Мате е толку мек и дефанзивен. Па… некако му доаѓа на исто. Инаку, секако дека тимови постојат кога играме друштвени игри, кога се тркаме и кога се натпреваруваме во тоа кој ќе испадне поитар. Главно сме женски против машки J

На што сакаш да ги научиш своите деца?

За мене е важно децата да ги третирам со љубов и со респект за да можат да растат самоуверени, среќни и еднакво добро да ги третираат и тие своите партнери, пријатели и блиски. Сакам да ги изложам на што е можно повеќе идеи и концепти, да креираме заеднички спомени и доживувања, да бидеме заедно што е можно подолго и поквалитетно, да ги поттикнувам да истражуваат, да развиваат интерес, самостојно да размислуваат и соодветно да избираат, да знаат да ги артикулираат своите емоции, да ги негуваат своите таленти и да развиваат нови вештини и знаења што ќе им помогнат понатаму во животот.

А што ти научи од нив?

Од моите деца научив дека нема помоќна сила на светот од моќта на љубовта.

Разговараше: Драгица Христова

Фото: Приватна архива

loading...