Зошто е толку важен контактот „кожа на кожа“?

Знаете дека е добар, но дали знаете заради што се е добар?

0
916

Секоја секунда во прегратките на мајката е важна за бебето, а особена важност треба да му се придаде на првиот час по породувањето. Порано, а денеска за среќа тоа се случува се поретко, бебето се одвојуваше од мајката за да се измие, да се измери и да се провери дали со него и со мајката е се во ред.

Но времињата сепак се сменија и стручњаците денеска сметаат дека ништо од тоа не е нешто што не може да се одложи и дека во првиот час по раѓањето бебето без исклучок би требало да е на мајката. Контактот „кожа на кожа“, додека се бебето и мајката покриени со лесна прекривка, го забавува производството на адреналин кој често може да го попречи производството на окситоцин и пролактин, хормони многу важни за поврзаноста на бебето со мајката и за успешно доење.

Да не зборуваме за потребите на мајката после породувањето: неа и треба мир, тишина и топлина. Главните причини зошто секоја мајка и секое бебе би требало да го имаат тој прв заеднички час после породувањето се следниве:

Рано почнување на доењето

Освен важноста на раното доење за создавање на приврзаност, бебето во прегратките на мајката може да помогне телото побрзо да ја исфрли постелката со што се намалува ризикот од обилно постпородилно крварење. Бебињата кои не биле изложени на лекарства во текот на породувањето инстинктивно сакаат да дојдат до мајчината брадавица и да почнат да цицаат, што е и научно докажано уште во 1980.година.

Регулирање на температурата

Бебињата кои се во контакт кожа на кожа со мајката веднаш по раѓањето, можат многу подобро самостојно да ја регулираат тенмпературата на телото и успешно да дишат. Новороденчињата честопати се случува да имаат проблеми со одржувањето на телесната температура затоа што немаат изолациски слој од маснотии под кожата кој го олеснува регулирањето на температурата на телото. Ако бебето не е добро загреано, тоа мора да користи повеќе енергија и кислород за да ја одржи температурата стабилна, па непречениот прв час од животот во топлата мајчина прегратка го намалува ризикот од појава на хипогликемија.

Одложено сечење на папочната врвца

Одложеното сечење на папочната врвца додека крвта се уште интензивно пулсира, му овозможува на бебето доток на кислород преку постелката и го олеснува постепеното прилагодување на дишењето преку белите дробови. Освен тоа се намалува и ризикот од анемија кај бебињата и од прекумерно губење на крв на родилката.

Зближување

Допирот кожа на кожа непосредно по раѓањето им овозможува на мајката и на бебето да се запознаат. Мајките во овој случај имаат поголема веројатност да се чувствуваат сигурно и удобно во исполнувањето на потребите на бебето. Окситоцинот е заслужен за мајчинското заштитничко однесување, а неговото лачење се поттикнува токму со допир кожа на кожа и со доењето.

Чувство на сигурност

Бебињата кои после породувањето се одвоени од мајката многу повеќе плачат и на тој начин гласно протестираат, додека оние кои остануваат до мајката имаат можност уште тогаш да го препознаат мајчиниот мирис, допир и гласот што ќе ги смирува сите наренди месеци и години од животот.

Јакнење на имунитетот на бебето

Кога бебињата се раѓаат, тие излегуваат од речиси сите стерилни услови во матката и доаѓаат на светот кој за нивниот мал организам е вистинска закана.
Но ако бебето во првите часови по породувањето е изложено на мајчините бактерии, доење и допир кожа на кожа, неговиот имунолошки систем веднаш се учи како да се бори против бактериите и да се штити од болести во иднина.

loading...