ПОЧЕТНА ГИНЕКОЛОГ Абортусот со таблети отсега достапен на ГАК

Абортусот со таблети отсега достапен на ГАК

Иако звучи многу едноставно, не се опуштајте, бидејќи абортусот со таблети и покрај тоа што не е инванзивен, не е ниту безболен, ниту комплетно безбеден. Постапката подразбира земање на таблети, преку уста и вагинално, кои се провокација вашиот организам да го исфрли плодот. Целата постапка наликува на спонтан абортус

0
260

„Заради својата едноставност и безбедност по здравјето на жените, медикаментозниот абортус сѐ почесто го заменува хируршкиот метод за прекин на бременоста, што се потврдува и со фактот дека со лекови се изведуваат дури 80% од абортусите во земјите во ЕУ. Исто така, во услови на пандемија, абортусот со лекови се смета за побезбедна опција за прекин на бременоста бидејќи ја сведува на минимум потребата од посета на здравствените институции со што се намалува ризикот од изложеност на ковид-19“, велат од ХЕРА, асоцијација за здравствена едукација и истражување, која во соработка со Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство се иницијатори за спроведување на проектот за медикаментозен абортус.

Во рамките на проектот, со донација од Меѓународната федерација за планирано родителство, се реновира и опреми просторија на Клиниката која ќе се користи за информирање и советување на жените за медикаментозен абортус. Испечатени се информативни брошури за пациентките и спроведена е обука на медицинскиот кадар кој ќе им ја обезбедува услугата медикаментозен абортус на сите жени кои ќе ја одберат оваа опција. На ваков начин, Клиниката ќе воспостави модел на давање услуги за медикаментозен абортус, кој во иднина би можел да се реплицира и во другите државни болници.

Инаку, соработката помеѓу Клиниката и ХЕРА доаѓа по одлуката на Министерството за здравство да го одобри Клиничкото упатство за безбеден абортус (30 декември 2020 година) кое дава и медицински насоки за изведување на абортусот со лекови согласно стандардите на Светската здравствена организација. Дополнително, во рамките на Превентивната програма за здравјето на мајките и децата за 2021 година, Министерството обезбеди буџет од половина милион денари за набавка на лековите за медикаментозен абортус за Клиниката за гинекологија и акушерство.

Со пилотирањето на оваа услуга на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје, од денес на жените ќе им биде достапна и алтернативна метода за прекин на бременоста, покрај веќе постојниот хируршки абортус. Сепак, недостигот на лековите на пазарот и недоволно обучениот медицински кадар сѐ уште претставуваат предизвик медикаментозниот абортус да биде достапен насекаде во нашата земја.

Што е потребно да се знае?

Абортусот со пилула изгледа вакаво болница се пие една таблета, а по 24-48 часа се дава вагинално уште една. Пациентката останува во болница во следните четири-пет часа и во тој период се завршува најголем број од абортусите. Меѓутоа, ако не дојде до тоа, повторно и се дава од лекот и се чека спонтано исфрлање на плодот. Понекогаш неизбежно е да се заврши абортусот по хируршки пат.

Она што треба да се знае, и покрај тоа што станува збор за неинванзивен метод, не значи дека отсега прекинувањето на бременоста ќе биде лесно. Таблетите за абортус всушност се провокација за организмот да го исфрли плодот и целиот процес наликува на спонтан абортус, значи, проследен е со контракции, болки и крварење.

Фото: Pexels

loading...