Ако вашето дете е насилно кон другите, преиспитајте го своето однесување

Дали некогаш сте размислувале зошто вашето дете покажува насилно однесување? Иако има повеќе причини за тоа, но пред да почнете со воведување строги мерки и казни за детето, не би било лошо да ги преиспитате своите постапки. И бидете самокритични.

0
189

Насилните деца се желни за љубов

Децата што покажуваат насилно однесување копнеат по внимание и љубов. Дали некогаш сте размислувале за тоа? Детето кое е насилнички настроено кон другите деца најчесто во семејството доживува некој вид насилство. Доколку родителите се склони кон физичко казнување на детето или е присутен диктаторски режим во воспитувањето, детето пред себе има модел на однесување. Во такви ситуации, својот бес насочен кон родителите детето го изразува кон другите деца.

Децата што растат во такво опкружување имаат и премногу наталожен бес во себе. Од таа причина, тие бараат начин да го изразат тој бес и најчесто избираат некој послаб од себе.

Исто така, во семејствата каде што не се јасно дефинирани правилата на однесување, детето расте со уверување дека сè му е дозволено. Тоа особено се однесува на ситуациите во кои родителите не се доследни во своите ставови.

Ова е чест случај и во семејствата кадешто не постои разговор на релација родител-дете и кадешто на детето не му се јасно поставени границите. Детето се чувствува надмоќно, а подоцна чувството на моќ го пренесува и во односот со врсниците. Колку и да покажуваат надмоќ меѓу врсниците или помладите од себе, тие деца се длабоко незадоволни.

Со насилното однесување децата го хранат своето его

Детето кај кое е изразено насилното однесување е истовремено дете на кое му недостига самодоверба. Искажувајќи ја својата надмоќ пред другите деца, тоа дете го храни своето его. Со оглед на тоа дека другите деца чувствуваат страв во негово присуство, насилното дете во сопствените очи креира слика на храбро и решително дете. Меѓутоа, доколку се загребе под површината, многу брзо ќе се сфати таа причинско-последична врска. Децата што покажуваат насилно однесување никогаш не разговараат со врсниците за своите чувства. Но, кога еднаш ќе го откријат насилството како модел на однесување и ќе сфатат дека на тој начин успеваат да го привлечат вниманието на себе, повеќе не се обидуваат да ги споделат емоциите со другите.

Како да му се помогне на дете што покажува насилно однесување?

Веројатно и самите сте сведоци на тоа дека многу родители на насилното однесување на детето возвраќаат со насилство. Можно е да постигнат ефект, но само на неколку часа. Долгорочно не може ништо да се постигне. Детето кај кое е присутен страв од родителско казнување, ќе го промени своето однесување во присуство на родителот, но и понатаму ќе се однесува насилнички меѓу врсниците. Доколку родителскиот авторитет е заснован на страхопочит, детето сè почесто ќе покажува бунт. Правилниот родителски авторитет треба да биде мешавина од заемно почитување и доверба. Тоа е процес кој се гради од моментот кога детето ќе дојде на свет, па понатаму во текот на растењето. Еднаш кога ќе воспоставите таков однос со детето, важно е да го надградувате и одржувате. Имајте предвид дека на детето во разните возрасни фази ќе му го испробувате и тестирате вашиот авторитет. Особено во текот на растењето и поистоветувањето со врсничките групи.

Поставете јасни граници во однесувањето

Вие како родител мора да поставите јасна граница. Важно е во почетокот да го разделите дозволеното од недозволеното однесување, а потоа да бидете доследни во тоа. Немојте да се заканувате со казни кои нема да ги спроведете во дело. На тој начин го уривате својот авторитет во очите на детето и му давате надеж дека секое следно непримерно однесување ќе помине без последици. Без разлика на сите животни предизвици, на забрзаното животно темпо, за детето секогаш мора да имате време. Не дозволувајте да ви помине ден во кој не сте се посветиле доволно на детето и не сте поминале време разговарајќи со него. Покажете му несебична и бескрајна љубов, бидејќи на тој начин ќе придонесете за изградбата на неговата самопочит и самодоверба.

Ваквиот однос се воспоставува од мали нозе бидејќи ако тоа изостане, со текот на времето потешко ќе биде да се воспостави. Со растењето детето се ориентира кон врсничките групи, па со самото тоа е потешко да се воспостави близок однос, но секако не е невозможно. Доколку и покрај максималното ангажирање не успеете да му помогнете на детето и не го одвратите од насилното однесување, не двоумете се и побарајте стручна помош. Не само што тоа е родителско право, туку е и обврска.

И не заборавајте дека вашите деца се ваша најголема инвестиција. Ако сте подготвени повеќе да вложите во детето, несомнено дека наградата ќе биде повеќеслојна.

Кога ќе пораснат децата, нема да се сеќаваат што носеле, но секако ќе се сеќаваат колку време сте поминувале со нив.

Фото: Freepik

loading...