Ако ви е тешко вам, кои имате мали деца и работите од дома, помислете на руралните жени

„Поразувачки за мене е тоа што голем дел од руралните жени и покрај тоа што имаат повеќе од 16 активни работни часови во домаќинството, на нива и со стоката, немаат сопствено здравствено, пензиско и социјално осигурување и никогаш не користеле породилно. Згора на сѐ, за време на пандемијата јас можев голем дел од работата да ја префрлам онлајн, но онлајн земјоделство нема, како што и ниту една потврда не игра улога кога ве чека работа на нива“, вели Лилјана Јоноски, извршна директорка на Руралната коалиција.

0
193

Нашата соговорничка Лилјана Јоноски е извршна директорка на Руралната коалиција чија главна дејност е подобрување на квалитетот на живот во руралните средини, едукација, организација и заедничко делување на земјоделците, а во центарот на нејзиниот интерес е родовата рамноправност и економското јакнење на жените од руралните средини, како и нивната целосна социјална инклузија во општеството.

Имено, во рамките на Коалициjата неформално делува и руралното женско лоби составено од активни жени-земjоделки кои делуваат и придонесуваат кон локалниот економски развоj во руралните средини.

За Јоноски, нивната работа на нивите и во домот, грижата за децата, постарите во семејството, нивната незапирлива енергија и позитивна мисла е нејзин мотив да им помогне да бидат рамноправни со мажите во руралните средини, но и со жените од урбаните средини.

„Да слушате дека имаат повеќе од 16 активни часови работа во домаќинството, а дека голем дел од нив немаат сопствено здравствено, пензиско и социјално осигурување или дека никогаш не користеле породилно отсуство, е навистина поразувачки. Дополнително на ова треба да се борат нивниот глас да биде слушнат и во семејството, па и во заедницата. Или пак да слушнете дека жените одат 3-5 километри пеш само за да дојдат до јавен превоз и си одат потоа повторно дома пеш, и во лето и во зима, никогаш нема да ве остави рамнодушни и токму тогаш седнувате на маса и ги гледате сите можни опции и решенија како да им помогнете“, вели Јоноски.

Оваа кичевчанка, магистер по правни науки, отсек бизнис право, имала желба да биде професорка на правниот факултет во Кичево кој се отворил токму во периодот кога таа ги завршувала студиите.

„Сепак не успеав да влезам како редовен професорски кадар и покрај тоа што 4 години бев асистент и надворешен соработник на факултетот, а магистратурата ја зедов со просек чиста 10-ка. Токму тогаш кога видов дека тука нема да си го решам работниот статус, излезе оглас за вработување на регионален координатор кој треба да врши административни активности за невладина организација во секторот земјоделство и рурален развој во Гостивар. Наеднаш се најдов на место кое можеби не беше согласно она што го студирав, но ми ветија дека брзо се учи. И навистина излезе така. Шест години патував секој ден на релација Кичево-Гостивар, но морам да признаам дека вредеше сиот вложен труд. Поддршката која ја добивавме од Шведска и јас и останатите мои колеги во тој период, не изгради во профилирани кадри желни за успех и напредок. Така од администратор станав асистент на проект, па проектен менаџер и токму тогаш поддршката и проектот финансиран од шведската влада за унапредување на состојбите во земјоделството и руралниот развој, заврши. Но, моите амбиции и мотивацијата и натаму да придонесуваме во секторот кој ни го дава она најважното, храната, не завршија. Во 2013.година се формираше Руралната Коалиција. Морам да признаам дека на почеток организацијата беше фокусирана исклучиво на состојбите и предизвиците со кои се соочува земјоделството кај нас, но како што се зголемуваше организацијата, како што растеше членството, така се отвораа и нови теми и области за работа, а една од првите кои произлегоа беше токму родовата рамноправност и економското јакнење на жените од руралните средини, како и нивната севкупна социјална инклузија во општеството. Денес имаме 45 локални здруженија кои делуваат во рамките на нашата Коалиција, од цела територија на државата, голем дел од нив се и женски здруженија кои пак го водат и руралното женско лоби кое е едно од неформалните тела во рамките на Коалицијата, а кое работи на надминување на предизвиците со кои се соочуваат жените од руралните средини.

Родовата еднаквост, како и економското јакнење на жените од руралните средини кај нас во коалицијата се издигнати на ниво на стратешки приоритет на кој работиме постојано, а последниот стратешки план само што го усвоивме па до 2025. година веќе имаме планирано активности кои треба да ја унапредат положбата на жените во руралните средини. За да се постигне ова потребно е нивно силно и континуирано информирање, но и нивно вклучување во процесите на донесување на одлуки во локалната заедница, затоа што сега имате ситуација, на пример, од 350 жени ниту една никогаш не присуствувала на средба на месна заедница, ниту една од нив не посетила општина, ниту една од нив нема информација за постоењето на Комисија за еднакви можности на жените и мажите во секоја општина, ниту една од нив не слушнала за родов индекс, итн. Друга главна активност на која ќе се посветиме е и развивањето на сопствената платформа наречена женски рурален електронски пазар кадешто секоја жена ќе има своја виртуелна тезга и ќе може да си ги поставува и да ги продава своите производи со што директно ќе влијаеме и ќе овозможиме подобрување на нивната економска положба, а во исто време и ќе им помогнеме на оние кои се најзагрозени, а живеат во руралните средини. На ваков начин отвораме уште едно ново поглавје во нашето работење, а тоа е социјалното претприемништво и отворањето на социјално претпријатие водено токму од жени во руралните средини. Такашто, имаме полни раце работа во претстојниот период“, се смее Лилјана.

Таа и нејзините колеги во коалицијата функционираат како едно големо семејство затоа што, како што вели, сите се обединети за една иста цел и имаат иста мисија – подобар квалитет на живот во руралните средини, односно еднаков пристап до здравствени, социјални и едукативни услуги, и еднаков пристап и можности за културен и социјален живот.

„Дека сме на прав пат во нашето делување ни покажа оваа измината година, година на ковид пандемија, кога разликите што постојат во урбаните и руралните средини целосно излегоа на површина. Еве само неколку податоци за илустрација: 42% од жените од руралните средини истакнале дека имале потешкотии во набавката на храна и основни средства за хигиена и заштита од ковид вирусот, наспроти 27% од жените од урбаните средини или 13% од жените од руралните средини вклучени во истражувањето на UN Women истакнале дека имале потешкотии во добивањето на здравствени услуги, наспроти 5% од жените во урбаните средини. Ова ни беше и повеќе од доволен показател дека е потребно да започнеме да делуваме поагресивно во руралната заедница и да им дадеме поддршка на овие жени во справувањето со предизвиците.

Со дел од нив се познававме и пред пандемијата, голем дел од нив се членки и на Коалицијата, па така со нив успеавме да снимиме видео приказна за ковид-19 и гласот на жената од руралната средина, со поддршка на програмата на Цивика мобилитас. На тој начин гласот допре до пошироката јавност и дел од жените кои останаа без работа за време на пандемијата успеаја да најдат повторно вработување, кај некои од нив помогнавме со набавка на дел од нивните производи кои ги делевме во рамките на промотивната кампања за Нова година со која го поттикнувавме купувањето на локално произведена храна и 100 пакети со локално произведени производи беа доставени до самохрани мајки низ целата територија на нашата земја. Со последната кампања пак, токму за 8-ми март, сакавме да направиме размена и на нивните животни приказни, размена на искуствата, па така она што се произведува во Западна Македонија, заврши во источниот дел на нашата држава и обратно. Бидејќи толку ни беа важни приказните на жените и секоја различна од другата, која од која потрогателна и поемоционална, особено за нивниот живот во време на ковид пандемија, ние се одлучивме раскажувањето на нивните приказни да го правиме на редовна основа на нашите социјални и електронски медиуми. Верувајте, со секоја една од ваквите приказни јас сум побогата за едно ново пријателство кое само ни ја дава мотивацијата заеднички да делуваме и понатаму“, објаснува Лилјана.

Таа пак, освен што е целосно посветена на работата, има и семејни и родителски обврски. Живее  со сопругот и двете деца, ќерка од 5 години и син кој тукушто наполнил една година.

„Кога станува збор за организацијата навистина е предизвик да се организирате со две мали деца и да го постигнете балансот помеѓу семејството и работата. Од секогаш сум сметала дека жените со оглед на тоа што се и мајки, со оглед на тоа што се сметаат и за одговорни за домот, навистина треба да вложат многу повеќе за да се реализираат подеднакво добро и во кариерата, за разлика од мажите, особено ако станува збор за некоја ваква професија како мојата во која нема работно време, нема секојдневни и едни исти обврски и секогаш има некоја нова идеја, некој нов предизвик, некој нов проблем што треба да се реши. Но, од друга страна пак, во тоа е и привлечноста на оваа работа, како и во директните контакти и средби со жителите во руралните средини како и со запознавањето со нивното секојдневје и животни приказни. Признавам дека е тешко, признавам дека многу пати повеќе сум работно ангажирана отколку што сум му посветена на семејството, но исто така тука мора да споменам дека ја имам целосната поддршка, а и помош од сопругот, кој верува во она што го работам и придонесува кон реализацијата на она што сум го замислила, па го поддржува секој мој чекор, а ќе ги споменам и нашите родители, односно бабите и дедовците без кои мислам дека не би реализирала ниту пола од активностите, особено кога станува збор за грижата околу децата.

Сепак, моите проблеми како урбана жена, се далеку помали од оние со кои се соочува една жена на иста возраст во семејство кое живее на село. Прво, би тргнала од тоа што ако јас можев дел од работата да ја префрлам онлајн, голем дел од жените од руралните средини немаа таква можност затоа што многу добро на почетокот на пандемијата ми порачаа дека онлајн земјоделство нема. Понатаму, ако јас ја имам само грижата за домот и семејството, тие дополнително на тоа ја имаат и грижата за стоката, ја имаат работата на нива, нивниот ден започнува многу порано од мојот, а завршува многу подоцна од мојот, а тука е и достапноста до услугите и информациите. Ако мене во Кичево ми е речиси сѐ на дофат и на 5 минути пеш од дома, тоа не важи за жените кои живеат во околните места или во поодалечените места од градот. Или ако многу од нас (иако јас лично тоа не го направив, затоа што мислам дека ние граѓанските организации и најмногу работевме во заедницата за време на ковид пандемијата), извадија потврди од работа и седеа дома за да си ги чуваат децата, во голем дел од руралните средини, прво, нема градинки, а второ, никаква потврда не игра улога кога ве чека работата на нива. Такашто, можам слободно да кажам дека моите проблеми се ништо во однос на оние кои што ги имаат во руралните средини“, признава нашата соговорничка.

Нејзиниот работен ден сепак почнува многу рано, околу 6 часот наутро и најчесто со кафе и работа додека сите спијат. Во 7 и 30 часот ја подготвува ќерката за во градинка, а во остатокот од денот постојано се префрла од улога на мајка во улога на извршна директорка, особено ако работи од дома.

„Често се случува синот да влезе и сред состанок за да го надојам, помеѓу состаноците подготвувам ручек, а попладнето го издвојувам за да ручам со моето семејство и да споделиме секој од нас како го поминал денот. Одредени денови со ќерката посетуваме и онлајн часови за нејзина дополнителна едукација, вежбаме по дома или шетаме низ град, па успевам некако да го држам балансот иако морам да признаам дека има и такви денови кога од утро до доцна во ноќта сум посветена на работата особено ако тоа значи одење на терен и директни средби со жителите во руралните средини, па се случува во еден ден да поминам и повеќе од 500 километри возејќи низ нашите села и сретнувајќи се или организирајќи заеднички настани со локалното население.

Пандемијата ме извади целосно од колосек, а верувам дека тоа е така со најголемиот дел од нас. Ни се случи она во што не верувавме никој дека е возможно, а сега цел свет, па и ние, се справуваме со последиците од пандемијата. Една година живот во пандемија, една полна година во справување со предизвици кои се зголемуваа од ден на ден и сѐ уште траат, како на личен, така и на професионален план. Всушност предизвик е самото тоа што сум ЖЕНА, и тоа ЖЕНА која се труди, ама навистина се труди да се реализира и како мајка, ама и да ја гради својата кариера како предводник на граѓанска организација. Првиот, секако позитивен и сладок предизвик беше што станав мајка по вторпат и тоа баш пред да се потврди првиот позитивен случај на корона вирусот во нашата земја.

Работата во граѓанскиот сектор бара многу вложување, многу откажување, ама и многу разбирање од страна на останатите членови во семејството затоа што многу често немате работно време, а немате ниту постојана работа, односно постојано сте во трка со времето, со проектите, со промените, а сега дополнително ја имате и пандемијата. Останувате дома, најпрво мислејќи дека сте немоќни, за да набрзо да  сфатите дека мора да реагирате, дека мора да се прилагодите, бидејќи граѓанските организации се тие кои најчесто ги носат промените, ама и многу брзо се прилагодуваат на секоја новонастаната ситуација. И тука предизвиците се зголемуваат од ден на ден затоа што гледате да го дадете максимумот за да постигнете сѐ на време. Имате и еден куп обврски и активности да им помогнете на оние кои се во уште понезавидна положба од вас и живеат во селата. И наеднаш не сте свесни што е ден, а што ноќ, што е работа, а што семеен живот. Нам лично корона кризата ни зададе уште еден удар, па сопругот остана без работа и наеднаш јас станав единствената што го храни семејството, па морав да ги преземам работите во свои раце, па се вратив на работа пред да ми заврши породилното отсуство за да ја придвижам организацијата и да си помогнам и на себе, но и на тие околу мене. Оваа криза мислам дека беше освестување за сите нас, жените, дека сме сѐ уште многу далеку од она што се нарекува родова рамноправност, па дури и ние, кои се сметаме за еманципирани и образовани жени.

Токму во таа насока ќе бидат насочени нашите следни проекти и програмски предизвици, односно едукација и вложување во неформалното образование на жените од руралните средини, вложување во дигиталната писменост на руралното население и воопшто дигитализацијата во секторот земјоделство и рурален развој која се покажа како неопходна во овој период, но и зголемување на финансиска писменост, како и достапност на фондови и можности за зголемување на економската активност на жените од руралните средини. Раскажувањето на приказните, особено оние успешните, на жените лидерки во руралните средини, ќе продолжиме и понатаму да го правиме, а особено ќе се вложиме во изградбата на платформата, со цел да изградиме вистински рурален женски пазар кој ќе ни го замени во голем дел стандардното пазарење, ама и ќе не запознае одблиску со овие жени кои го произведуваат она најважното за сите нас, а тоа е храната! Ваквата нивна еманципација, промоција и економско јакнење директно ќе придонесе кон зголемување на нивната независност и самодоверба, па јас искрено се надевам дека ќе имаме можност за неколку години од сега да видиме родово мешани состаноци на месни заедници, поголем број на жени на одлучувачки позиции во локалната заедница и во општините, како и родово-сензитивни програми и политики кои што подеднакво ќе ги третираат потребите на мажите и жените во заедницата“, заклучува нашата вредна и амбициозна соговорничка.

loading...