Дали вашето дете е непријателски настроено и оттуѓено од вас?

Денеска е Светски ден за борба против родителското оттуѓување поради кое страдаат многу родители и деца. Меѓу нив, татко од Македонија чија ќерка е грабната и однесена во Србија, друг, чија ќерка е веќе полнолетна и има кон него непријателски став, а тој постојано сонува за денот кога ќе успее да добие една обична топла прегратка. Тука е и татко кој не си ги видел ќерките 9 години, а друг, не успева да си го види синот бидејќи тој, иако има само 10 години, одбива да го види него. Има уште многу. Се прашувате зошто?

0
346

Денеска (25 април) е Светскиот ден за борба против родителското оттуѓување. Во 2018.година во Македонија за првпат беше одбележан овој ден со протест пред Собранието.

„Никогаш нема да се помириме да бидеме родители од втор ред и да бидеме понижувани, обезвреднети и дискриминирани во својата држава само затоа што си ги сакаме сопствените деца и се бориме за нивните, но и за нашите права“, порачаа тогаш оттаму собраните родители, роднини, баби и дедовци, поддржувачи на Иницијативата за заедничко родителство после развод.

А меѓу нив, најразлични приказни, слични судбини и родителска болка.

Професорот Атанас Илиев тогаш ни ја раскажа својата приказна.
„Јас не сум го видел моето дете 7 години. Мојата Лилка е грабната и однесена во Шабац, Србија во 2011. година со изговор дека оди да ги посети своите роднини. Оваа т.н. посета се претвори во грабнување на детето, проследено со понижувачки недостојно мал контакт со моето девојче. Последен пат ја слушнав во август 2017.година за нејзиниот роденден, со коментар на мајката: „Ах тој проклет вибер!“, а последната порака ја разменивме во ноември 2017.кога Лилка побара информации за нејзиното семејно стебло во Македонија“.

Друг татко од Скопје кој сега има веќе возрасна ќерка, вели дека иако до нејзината 10-годишна возраст, додека семејството било заедно, тој и неговата ќерка имале одличен однос, ја носел и ја земал од градинка, училиште, ѝ подготвувал јадење, правел сѐ што прават татковците, барем оние кои како него, толку многу ја посакувале оваа ‘титула’ – татко. Но, после разводот со нејзината мајка сѐ се сменило. Тој се гледа со својата ќерка многу ретко, најчесто на негова иницијатива, но таа кон него има ладен однос, и ниту трага од топлината која ја имале некогаш. Со секој негов обид да ѝ се приближи, како да удира во ѕид. Вели дека за доброто на својата ќерка никогаш не инсистирал да ја земе во деновите кога можел да го направи тоа и на што имал законско право, обидувајќи се да не ѝ создава притисок, никогаш не проговорил ниту еден лош збор за поранешната сопруга и секогаш редовно ги плаќал обврските, дури и кога за тоа морал да позајми од некого. Никогаш на својата ќерка не ѝ ја кажал својата страна на приказната, не сакајќи да го вовлекува девојчето во нивните брачни расправии, ниту да ѝ зборува за причините за истите. И така, девојчето кое ја знаело само онаа страна на приказната која ја слушнало од своата мајка, решило дека нејзиниот татко не е добар и веќе никогаш не му ја покажало својата љубов. Можете да замислите колку е тешко кога еден татко се плаши да му се јави на своето дете бидејќи знае дека од онаа страна, доколку воопшто му биде одговорено на повикот, ќе слушне глас на странец кој едвај ќе проговори неколку збора со него.

Слична е приказната и на господин Исток Иванчиќ, претседател на DOOR (Društvo za otroke, očetovstvo in resnico или Здружение за децата, татковците и вистината) и иницијатор на отпочнувањето на соработката и потпишувањето на декларацијата помеѓу неколку сродни здруженија од земјите во регионот.

„Ја тужам Република Словенија. Нејзините судии, адвокати, судски експерти, социјални работници. Не сите. Само оние кои заради заработка, ги фрлаат децата во бездната на животот без љубов на двајцата родители“, ни објасни господин Иванчиќ, во чие име е поднесена тужба против Република Словенија до Европскиот суд за човекови права во Стразбур. За жал, тој повеќе не може да очекува никаква лична корист за себе дури од пресудата од Стразбур бидејќи неговите ќерки се веќе полнолетни и за жал, не сакаат да го видат.

Првпат опишан во 1976. година како „патолошка класификација“, овој синдром на родителско оттуѓување се однесува на ситуација кога детето неразумно го одбива родителот со кого не живее.
Ричард A. Гарднер во 1980. година врз основа на своето клиничко искуство во работа со деца на разведени родители, го вовел поимот синдром на родителско отуѓување.

Оттуѓувањето на детето од родителите е процес и последица од психолошката манипулација со детето, кое покажува неоправдан страв, непочитување или непријателство кон родителот и/или кон другите членови на семејството. Тоа е препознатлив и раширен облик на психолошко малтретирање и насилство во семејството над детето и отфрлените членови на семејството, кое се јавува речиси исклучиво во случаи на развод или разделба, кој ги поткопува основните принципи на Општата декларација за правата на човекот и Конвенцијата за правата на детето. Најчесто причина е родителот кој сака да го исклуи другиот родител од животот на своето дете, но за оттуѓувањето можат да придонесат и други членови на семејството или пријателите, како и стручњаците кои се занимаваат со семејство (вклучувајќи ги психолозите, социјалните работници, адвокати и судии). Тоа често доведува до долгорочно, па дури и трајно оттуѓување на детето од едниот родител и другите членови на семејството, па како многу непријатно искуство од детството има за последица  значително зголемен ризик за менталното и физичко заболување на детето. Ричард А. Гарднер врз основа на своето клиничко искуство од работата до децата на разведени родители, го вовел поимот синдром на оттуѓување од родителите во 1980.година.

Често како причина за останување во бракот или како причина за развод, луѓето го наведуваат доброто на децата. Не постои поголема жртва од онаа која сме подготвени да ја направиме за сопственото дете, барем така велат повеќето родители. Но што се случува кога несогласувањата со брачниот партнер ќе достигнат такво ниво што се друго ќе стане од секундарно значење?

Дали е воопшто можно луѓето во страстните кавги и меѓусебни недоразбирања да заборават на доброто на своите деца па победата во кавгата со брачниот партнер останува единствено важна? Иако многумина ќе кажат дека грижата за потомството е вродена, а доброто на децата е секогаш на прво место, праксата за жал покажува дека тоа не мора да биде секогаш случај.

Ретко кој родител ќе признае отворено, но често се случува во борбата со сегашниот, или веќе бившиот, брачен партнер, еден од родителите да почне да го усмерува детето против другиот. Некогаш од желба да го повреди брачниот партнер, некогаш само за да го сочува детето после разводот на бракот, родителот прави детето да почне да го гледа својот друг родител како непријател. Во и онака веќе трауматичната ситуација на разводот, кога е детето преплавено со болка и тага, ваквото однесување на родителите му го оневозможува на детето нормалниот процес на тагување и спонтано излекување, му помага сите свои негативни афекти да ги пренесе на „омразениот“ родител и на тој многу штетен начин, да се обиде да се ослободи од истите. Не само што последиците од ваквото однесување врз односот на детето со родителот од кој се одвојува, се катастрофални, туку последиците се видливи и на самото дете, особено кога станува збор за помлади деца со се уште недоволно развиени и чувствителни структури. Последиците од оддалечувањето од едниот родител под притисок на другиот неретко оставаат неизбришливи траги во детето.

Стратегиите со кои родителот приоѓа за да го сврти детето кон себе и воедно, против поранешниот сопружник се бројни и разновидни. Можат да бидат свесни или не, зачестени и константни или повремени. Во синдромот на оттуѓување од родителите е ставено секое однесување со кое детето се оддалечува од едниот родител под влијание на другиот, од она кадешто само се зборува лошо за родителот пред детето, па до тоа дека детето намерно и директно се инструира на омраза кон едниот родител и му се ускратува контактот со него. Затоа и се зборува за различни нивоа на оттуѓување од родителите.

Овој синдром е воведен како нов поим во психологијата во 1987 година и од тогаш е прифатен и изучуван како еден од начините на кои родителите можат да го попречуваат нормалниот раст и развој на сопствените деца. Бројни истражувања се спроведени за што појасно да се специфицираат симптомите на овој синдром , па врз основ на нив истиот да може да се открие и навремено да се отстрани, затоа што се покажало дека без навремено откривање  доаѓа до неповратни оштетувања во односите помеѓу детето и родителите.

Во светот, ефектите од бришење на еден од родителите кои во психијатријата се нарекуваат PAS (Parental Alienation Syndrome) сериозно се третираат и од науката и од законот.

Фото: Freepik

loading...