Забраната за мобилни телефони во училиштата го олеснува учењето

Неколку неодамнешни студии го потенцираат позитивното влијание на забраната на мобилните телефони во училиштата врз успехот на учениците.

0
43

Влијанието на мобилните телефони и друга технологија врз наставата е тема за која многу се дебатира – некои се за целосна забрана, додека други се за паметно користење на технологијата како наставно средство.

Учениците од јавните училишта во Јужна Австралија ја започнале учебната година без да можат да ги носат своите мобилни телефони на часови, освен ако се потребни за училишна активност. Сите ученици од државните училишта во Западна Австралија и Нов Јужен Велс не смеат да носат телефони на училиште од 2020. година наваму.

Забраните биле воведени од повеќе причини, вклучително и подобрување на академскиот успех и намалување на врсничкото насилство, според списанието The Conversation.

Неколку неодамнешни студии го потенцираат позитивното влијание на забраната на мобилните телефони во училиштата врз успехот на учениците.

Студија од 2015 година ги споредила училиштата во Англија кои забрануваат употреба на мобилни телефони со училиштата каде што биле дозволени телефони и покажала дека по забраната за употреба на телефони, резултатите на 16-годишните ученици се подобриле за 6,4% што е еднаков ефект на додавањето на пет дена во учебната година или еден час на наставната недела. Позитивното влијание на забраната било двојно поголемо кај полошите ученици, додека кај најдобрите ученици немало промена.

Заклучокот на научниците е дека полошите ученици се подложни на негативното влијание на мобилните телефони, што им го одвлекува вниманието, додека одличните ученици се поспособни да му се спротивстават на ова искушение.

Ова значи дека забраната за мобилни телефони во училиштата, меѓу другото, го намалува јазот меѓу добрите и лошите ученици.

Студиите од Шпанија и Норвешка дале слични резултати. Шпанските ученици по исфрлањето на мобилните телефони од училиштата ги подобриле резултатите по математика и природни науки, а научниците забележале и намалување на зачестеноста на врсничко насилство.

Норвешките ученици почнале да добиваат значително подобри оценки по забраната за мобилни телефони, а децата од училиштата од кои биле протерани телефоните се запишувале во поголем процент во средните училишта од четврт степен. Насилството меѓу врсниците исто така било во опаѓање.

Доказите од Белгија покажуваат дека забраната за употреба на мобилни телефони носи придобивки дури и за студентите.

Истражувањата во Соединетите Држави претходно покажале дека употребата на лаптопи во наставата го отежнува учењето, што особено лошо влијае на послабите ученици. Причините за негативното влијание на технологијата лежат во искушенијата што мултитаскингот – истовремено извршување на повеќе задачи – им ги поставува на нашите когнитивни капацитети. Бројни експерименти докажале дека употребата на мобилни телефони при извршување на други задачи го намалува успехот во извршувањето на тие задачи и го отежнува учењето. Правењето белешки со компјутер е исто така помалку ефикасно од пишувањето со пенкало на хартија.

Рачното пишување белешки, претпоставуваат научниците, овозможува материјата да се меморира подобро отколку што е случај со дигиталните белешки. Куцањето на текст е механичка активност, додека при пишувањето повеќе размислуваме како да го сумираме она што сме го слушнале, а со тоа и усвојуваме повеќе материјал.

Фото: Freepik

loading...