Замислете да си го гледате детето 12 часа месечно, односно, 8 пати по 1,5 час – под надзор

Најмалку се важни имињата на главните протагонисти во нашата најнова ‘брако-разводна приказна’, па затоа нема да ги споменуваме. Она што нас не засега се децата. И детето од оваа, и децата од сите други приказни во кои тие, сакале или не, се во центарот на дејствието, никогаш победници, туку само инструменти во рацете на нивните сакани родители кои од љубовници станале крволочни противници и сега, наместо во љубов, живеат во безмилосна војна за 'пленот'.

0
610

Дали сте слушнале за терминот ко-родителство? Овој термин настанал во Италија на почетокот на 2000. година за да ја означи новата врска помеѓу родителите и децата по разводот. Иако изгледа невозможно, барем во онаа првична фаза после разводот на родителите, таканареченото ко-родителство може да успее. Не е лесно, но ако работите ги погледнете од аголот што е најдобар за детето, нема шанси да не успеете. Има вакви примери, кај нас многу малку, но ширум светот сѐ повеќе и повеќе.

Секако, ако ова им го кажете на двајца кои тукушто се разделиле и нивниот брак сѐ уште не е официјално разведен, а не можат да се договорат околу заедничката грижа за децата, сигурно ќе ви кажат да си ја гледате работата бидејќи не знаете ништо за нивниот поранешен партнер/ка, кој е ужасна личност. И не е важно што никој не ги терал сосила да ја изберат токму таа личност за мајка или татко на своето дете, важно е тоа дека сега тие мора да го спасат своето дете од неговиот втор родител, ако не сака, да го натераат да плаќа алиментација и по можност, никогаш повеќе да не го видат.

Честопати еден од родителите, најчесто татковците, бегаат од одговорност, но честопати, оние кои не само што не бегаат, туку напротив, сакаат да ја преземат целосната одговорност како родители, а тоа значи, не само плаќање алиментација, туку заедничко време со детето, по можност рамноправно со она што го поминува со мајката, наидуваат на ѕид заштитен со закон.

Понекогаш еден од родителите, најчесто мајките, особено кога децата се помали, не можат да замислат дека некој друг би можел да се грижи за нив исто толку добро како што се грижат тие. Понекогаш токму таа претерана грижа за детето и стравот дека ќе им го расипат редот, ги спречува да се обидат да најдат решение со кое нема да го лишат своето дете од присуството на таткото во неговиот живот. Потсвесно, најчесто знаат дека детето ужива во друштво со својот татко, но наместо да бидат задоволни, ова ги прави нервозни и тогаш прават сѐ што е во нивна моќ да го натераат детето да им биде сојузник во нивната безмилосна војна. Честопати таа војна трае толку долго што децата конечно го забораваат оној родител со кој не живеат и со кој се гледаат многу ретко или воопшто не се гледаат, а дури и ако не го заборават, нивниот однос на крајот наликува на однос помеѓу целосни странци.

Честопати ни се јавуваат родители кои се во фаза од разводот кога комуникацијата со партнерот е невозможна, а нерасчистените сметки се прекршуваат токму преку грбот на децата.

Бидејќи знаеме дека и двајцата родители си ги сакаат децата, но дека меѓусебната нетрпеливост не им дозволува рационално да размислуваат, ние не сакаме да осудуваме никого. Напротив, би сакале сите да заборават на сета болка што можеби си ја нанесле, да заборават на меѓусебната нетрпеливост и гневот што го чувствуваат еден кон друг и да се обидат да гледаат на работите од аголот на детето. Да ги слушнат неговите желби, да му дозволат да биде дете со двајца родители кои подеднакво го сакаат и се грижат за него.

Овојпат, нашиот соговорник е странски државјанин кој одлучил негово живеалиште да биде Скопје, затоа што е тука љубовта на неговиот живот – неговата малолетна ќерка. Тука е и стравот дека далечината ќе си го направи своето и дека детето ќе го заборави доколку не направи сѐ за да биде колку што е можно почесто со него.

За жал, по разделбата со неговата сопруга и мајка на неговата ќеркичка, вели тој, на неговото дете му е ускратено основното човеково право, а тоа е, кога детето ги сака и мама и тато, и кога и тие двајца го сакаат него, да му се овозможи нормална комуникација со двајцата сакани родители.

„Да му се ускратува на детето тоа право значи емоционална злоупотреба на детето. Работниците од социјалната служба, детските психолози, добрите адвокати и грижливите родители, го знаат ова“, вели овој татко и додава дека мајката е пријавена за семејно насилство, физичко и вербално, кон него и кон детето и за психичко малтретирање на неговото семејство. Вели дека е во тек и полициско гонење за кривично дело – закана со убиство на нејзиниот сопруг доколку дојде во Скопје за да биде со својата ќерка или дури и ако зборува за ова.

Под претпоставка дека ние не веруваме баш во сѐ што ќе ни кажат, а и под претпоставка дека заканата со убиство всушност и не е сериозна закана, туку само фраза со која некој сака да ви каже дека не сака да ве види, останува најболниот факт. Имено, дека по нивната одлука да се разведат, пред речиси една година (јуни 2020. година), поточно од август 2020.година, детето и таткото биле заедно вкупно 60 часа, и тоа само во просториите на Центарот за социјални работи, под надзор. Никогаш не им било дозволено да излезат во парк, ниту на заедничка прошетка. За време на првите 2 месеци, пак, вели тој, адвокатите од ЦСР не му дозволиле на детето никаков личен контакт со таткото.

Со оглед на тоа што ова обично се случува кога родителот со кој детето не живее е обвинет за насилство, ги прашавме надлежните во Центарот за социјални работи – Скопје, како и адвокатот на мајката, зошто средбите на детето се толку кратки, ретки и се одвиваат под надзор, доколку не постојат индиции за семејно насилство или злоупотреба од страна на таткото, а социјалните работници, како што вели таткото, сметаат дека односот помеѓу таткото и детето е одличен.

Адвокатот на мајката не упати да побараме подетални информации од ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи на град Скопје, а самиот ни го кажа следново:

„Во врска со вашите прашања упатени кон мене како полномошник на мајката, ве известувам дека согласно Решението изготвено од ЈУ Меѓуопштински центар за социјални работи на град Скопје, на таткото му се определени редовни лични односи и непосредни контакти со неговото малолетно дете на следниот начин и динамика:

Секој вторник во месецот од 12 до 13 и 30 часот во просториите на Интегрирано советувалиште при ЈУ МЦСР на град Скопје

Секој петок во месецот од 9 до 10 и 30 часот, во просториите на Интегрирано советувалиште при ЈУ МЦСР на град Скопје

Секој понеделник, среда и сабота имаат онлајн видео контакти од 18 до 18 и 30 часот.

Овие редовни лични односи и непосредни видувања се определени со Решение од горенаведената институција која ги задолжува родителите со овие услови и околности во периодот додека трае постапката за развод. Решението е од времен карактер.

Она што е битно е дека во околности кога е нарушена комуникацијата помеѓу родителите, Центарот е тој што ги определува видувањата и она што тој ќе го определи е обврска за двајцата родители. Мајката ги исполнува во целост обврските кои се секако од времен карактер. Бракот е сѐ уште во постапка на развод, што значи дека во овој момент не станува збор за заедничко родителство по развод“.

Од ЈУ Меѓуопштински Центар за социјална работа на град Скопје пак, на нашите прашања зошто видувањата мора да бидат само под надзор и во просториите на центарот, а со оглед на тоа што не постои сомнеж за насилно однесување на таткото, ни одговорија:

„По однос на Вашето барање за добивање на информации кои се однесуваат на овие лица, а почитувајќи го етичкиот кодекс за работа во дејноста на социјалната заштита и одредбите од Законот за социјална заштита, член 24, Ве известуваме следното:

ЈУ Меѓуопштински Центар за социјална работа на град Скопје во конкретниот случај ги има регулирано видувањата на малолетното дете со родителот со кој не живее со решение и тоа во просториите на Центарот за социјална работа и под надзор на стручно лице. Видувањата се одвиваат редовно и во континуитет во присуство на стручно лице. Од реализацијата на видувањата евидентно е дека родителите го почитуваат донесеното решение и соработуваат со стручните лица од Центарот. Одлуката, односно решението е донесено врз основа на целосно спроведена постапка согласно позитивните законски прописи и методологија за работа. Со оглед на тоа што постапката за развод на именуваните е сѐ уште во тек и пред надлежен Суд, определено е видувањата сѐ до правосилно завршување на судската постапка, да се одвиваат под надзор на Центарот“.

И така, бидејќи практично и не добивме конкретни одговори на нашите прашања, а сѐ е во рамките на постојните закони, можеме само да заклучиме дека оваа и многу други слични приказни во кои родителите кои безусловно ги сакаат своите деца, заслепени од меѓусебната омраза, желбата за одмазда и за освојување на ‘трофејот’ (детето), најмалку водат сметка за децата и за нивното право на двајцата родители.

Зошто овој, но и многу други родители, по разводот на бракот не можат да ги гледаат своите деца или пак ги гледаат многу ретко и зошто надлежните не можат да сфатат дека ваков каков што е, овој закон не им го овозможува на децата присуството на двајцата родители во нивниот живот и дека со него, двете страни, мајката и таткото, едноставно немаат еднаква стартна позиција?

И сѐ додека е законот таков што им овозможува на институциите повикувајќи се на него, да го направат легално оттуѓувањето на децата, да го пресечат нивниот контакт со едниот родител или да одредуваат видувања од типот на ова – 2 пати по час и половина неделно, или 12 часа месечно и сето тоа да трае речиси цела година, ќе имаме несреќни деца, несреќни родители и толку многу залудно потрошена енергија која на крајот нема никому да му донесе среќа.

Сѐ додека е сето тоа лишување на детето од присуството на едниот родител и лишувањето на родителот од можноста да биде дел од животот на своето дете, законски регулирано, ќе имаме вакви тажни брако-разводни приказни и многу повредени деца, деца на кои сето ова ќе остави траен и длабок печат.

Без оглед поради која причина е донесена одлука за развод, треба да се знае дека крајот на бракот, не е и не треба да биде и крај на родителството.

Како што вели др.Славица Гајдаѕис Кнежевиќ, децата се пола мама, пола тато и кога едниот родител сака да го избрише другиот, оневозможувајќи му контакт со детето, тој брише и половина од детето во неговата психолошка структура.

Бидете искрени, дали сакате ова да му се случи на вашето дете? Или, дали сакате кога вашето дете ќе порасне и самото ќе стане родител, ова да му се случи на неговото дете?

Фото: Freepik

loading...