Знаете дека нема поголема болка од загуба на дете, така?

Секогаш кога ќе ми кажете: добро е, ете имаш други две, нека ти се живи и здрави, би сакала да ве прашам: Дали вие би се задоволиле со таа реченица? Дали некое од вашите деца може да биде заменето? - прашува оваа мајка која го загубила своето бебе на четиримесечна возраст и оттогаш се соочува со вакви и слични ситуации кои, вели, многу ја повредуваат

0
234
Симона Арсовска е мајка на три деца. Едното ѝ починало пред 4 години на само четиримесечна возраст, а таа на својот Фејсбук профил, по повод 15 октомври, ден за сеќавање на сите оние кои загубиле бебе, им порача на сите дека таа сака да зборува за своето починато бебе и дека ниедно друго дете не може да е замена за него.

Затоа, кога ќе ја прашаат колку деца има, таа вели дека има три, две покрај неа и едно во срцето.

„Многу е непријатно кога ќе замолчите како да сум кажала нешто непријатно. Или ќе ме погледнете попреку. Не, не е чудно. Три се. Кој родител би избришал дете како да не постоело?“, вели таа.
Прочитајте го подолу целиот текст:
„Дали знаевте дека 15 Октомври е национален ден прогласен за сеќавање на сите оние кои изгубиле бебе во спонтан абортус, родиле мртво бебе или изгубиле веќе родено бебе и доенче? Ден за сеќавање на тие бебиња?
На тој ден, насекаде во светот во 19 часот во нивните временски зони за да се создаде бран светлина се палат свеќи во спомен на бебиња изгубени во бременоста и загубата на доенчиња.
Додека во светов се подигнува свеста за поддршка на родителите, за справување со пострауматскиот стрес после загуба на дете, за информирање и едукација на целиот народ како да помогнат на блиските кои изгубиле бебе или не можат да имаат деца со години, кај нас родителот е целосно замолчен од околината и оставен да страда со своето чувство на вина кое самиот си го создал. Ниту се спомнува овој ден, ниту родителите добиваат било каква подршка.
Со тоа што не се поттикнува да зборува родителот за загубата е принуден да се повлече и во агонија да го продолжи животот кој и така е тежок и неподнослив после загубата.
Знаете дека нема поголема болка од загуба на дете така? Ви се корне срцето и не сте веќе истите. Никогаш.
Кога некој возрасен ќе го изгуби својот партнер се нарекува вдовец/вдовица.
Кога некое дете ќе ги изгуби родителите се нарекува сираче.
Знаете како се вика родителот кој го изгубил своето најмило????
НИКАКО.
Јас сум мајка која во својата утроба носела две бебиња, родила две исти близначиња, имала соништа, имала очекувања, имала планови и зацртана иднина со три деца покрај себе.
Јас сум мајка која после 4 месеци од животот го изгуби едното близначе и остана само со едно бебе.
Нема да ви зборувам за болката зошто тоа е болка која не поминува. Не може да се излечи.
Ќе ви зборувам за нашето општество и за свеста која треба да се разбуди.
Моето дете се роди.
Моето дете дишеше. Моето дете го држев за избоцканото раченце и секој ден се молев да издржи и да биде покрај нас како и неговиот брат.
Моето дете е посебно, не е возможно да биде заменето со друго бебе. Секое дете во срцето на родителот има свое, посебно место. Затоа, секогаш кога ќе ми кажете: добро е имаш ете други две нека ти се живи и здрави, би сакала да ве прашам:
Дали вие би се задоволиле со таа реченица? Дали некое од вашите деца може да биде заменето?
Немојте да го велите тоа. Болно е. Не е хумано. Не, Ведран не е утеха за Огнен. Тоа се две различни срца. Две различни бебиња со место во моето срце.
Друга ситуација која подеднакво ме повредува мене и други родители а малку треба за да се промени е следнава:
На родител чие бебе починало не може да му ги броите само двете деца знаејќи дека има три деца.
Мене ќе ме прашаат и ќе кажам дека имам три деца, две покрај мене едно во срцето… многу е непријатно кога ќе замолчите како да сум кажала нешто непријатно. Или ќе ме погледнете попреку. Не, не е чудно. Три се. Кој родител би избришал дете како да не постоело?
Трето.
Секој родител сака да зборува за своето починато дете. Моето бебе постоеше. За да се излекувам и да продолжам некако да живеам јас мора да го одржувам споменот за него. Сакам да зборувам. Сакам да го кажувам неговото име. Сакам кога некој ќе ме праша за искуството, за ситуацијата, ќе побара совет и ќе споделам за моето бебе.
Зошто ме замолчувате? Најболно е кога ќе го спомнам Огнен и од блиските ќе добијам: ќути, ќути ајде не збори, помина. Ама јас не сакам да молчам. Јас не сакам да го негирам постоењето на моето дете. Тоа бебе беше нечие братче, нечие внуче.
Зарем вие би сакале да се заборави вашето бебе, како да не постоело а се уште постои во вас и засекогаш ќе е таму??
Верувајте 4 години само јас и сопругот го спомнуваме… А толку многу има што да се каже.. секогаш кога ќе го спомнам некој го врти погледот… ви благодарам на вас ретки исклучоци кога ме слушате дури плачам и си зборувам за него!!! Вие сте ми лек за душата!
Четврто… не е потреба за сожалување да побараш да разговараш со некој. Да споделиш нешто. Мене не ми треба сожалување, јас сум мајка херој. Јас самата сум силна како планина зошто животот ме направи таков.
Мене ми треба за да живеам да бидам слободна да помогнам. Да споделам љубов и да гушнам други родители на наше место.
Јас знам колкава осаменост е да си сам во болката која ниту еден родител не треба да ја доживее. Затоа ќе зборувам. Ќе ширам свест.
Јас не сум единствена. Јас сум една од 4 жени.
Моето бебе постоеше“, пишува оваа мајка.
[better-ads type='banner' banner='999' ]