Зошто тој може да си легне подоцна од мене?

На помладите деца им се чини дека им се „ускратува“ тоа што на постарите деца им е дозволено, на пример времето кога се оди на спиење, а на постарите им се чини дека родителите се построги кон нив, додека на помладите „им се гледа низ прсти“. Ова и уште некои други, се примери за љубомора помеѓу браќате и сестрите во едно семејство.

0
134

Односите помеѓу самите деца – браќа и сестри – се многу важен елемент на атмосферата во семејството. Тие односи се одразуваат на односите со родителите, па и на односите надвор од дома.

Љубомората е најверојатно најраширен облик на несогласување помеѓу децата и таа многу силно ја нагризува атмосферата во семејството. Оттука најверојатно и чести се јавувањата на „Линијата за родители“ токму заради оваа семејна тешкотија со која тие се соочуваат.

Секој има потреба да чувствува дека некаде припаѓа и дека е значаен. На децата прво им е значајна припадноста во кругот на семејството. Љубомората е вид на страв дека саканиот објект ќе биде изгубен, во потполност или делумно. Со тоа во детскиот ум се става под прашање љубовта од родителите и неговата припадност во семејството. Па така, сомнежот носи емотивен однос како кон саканата индивидуа, родителот, така и кон „соперникот“, помладото или постарото братче или сестриче.

Првата превенција против љубомората почнува уште пред да се роди новото бебе, бидејќи на тоа раѓање треба да се подготват веќе постоечките деца. Сепак, изворите на љубомора се многубројни:

  • Најстарото дете обично се чувствува дека ја загубило позицијата кога ќе дојде бебето;
  • Најмладото дете се чувствува неспособно кога ги споредува своите способности со способностите на најстарото дете;
  • На помладите деца им се чини дека им се „ускратува“ тоа што на постарите деца им е дозволено (на пример времето кога се оди на спиење);
  • На постарите деца им се чини дека тие се построго воспитувани за тоа што на помладите „им се гледа низ прсти“ итн.

Децата да се споредуваат со своите браќа и сестри или да бидат љубоморни на нив е природно. Но, тоа не значи дека ваша работа како родител е сè да поправите и да пробате да го контролирате семејството со цел на децата да не им се јават овие чувства.

Што можете да направите вие како родител кога ќе препознаете дека вашето дете е љубоморно на братот или сестрата?

  1. За почеток прифатете го чувството кое сте го препознале кај детето, во случајов љубомората.
  2. Разговарајте за чувствата на детето – на тој начин му помагате на детето да сфати што му се случува, да разбере дека тоа може да влијае на начинот на кој го изразува чувството и може да избере како ќе го изрази чувството и како ќе се однесува кон својот брат или сестра.
  3. Поттикнете го на разговор, прашајте го детето да ви каже повеќе за ситуацијата која се случила, да ви каже и за друга ситуација кога така се почувствувало, прашајте дали има и нешто друго што го мачи во односот со братот/ сестрата.
  4. Разговарајте за вашите чувства со детето – споделете со него некое ваше слично искуство, доколку сте го имале.
  5. Користете ја вашата смисла за хумор, па доколку детето се бунтува затоа што, на пример, постарото дете може да оди подоцна на спиење, кажете му: „тоа е така бидејќи тој/ таа има поинаква боја на коса од тебе.“
  6. Поминете заедничко време со вашето дете, дружете се, забавувајте се, истражувајте го вашиот однос.
  7. Поминувајте време заедно како семејство.
  8. Доколку дојде до кавга помеѓу децата, избегнувајте да заземате страна и едното дете да е кривец, а другото жртва; нека имаат ист статус и обратете им се на двете деца – „Деца, верувам дека ќе најдете решение за караницата.“ или „Деца, одете во одвоени соби (или во иста соба) додека не најдете решение за караницата.“
  9. Доколку кавгата излезе од контрола, пробајте да ги пренасочите на други активности, каде е поважно да соработуваат, отколку да се натпреваруваат, како на пример штафетна трка или https://www.unicef.org/northmacedonia/mk/media/5856/file
  10. Кажувајте му на секое дете поединечно нешто убаво за него лично, за да сфати колку е посебно, не споредувајќи го со другото/ другите деца.
  11. Натпреварот помеѓу децата може да се зголеми кога родителите не се согласуваат околу начинот на воспитување, што на децата им изгледа како возрасните да се натпреваруваат. Во тој случај, и покрај различните воспитни стилови, можете да одредите цели и правила во воспитувањето на кои како родители ќе се придржувате.
  12. Сепак, доколку забележите екстремно непријателство или вербална, емоционална или физичка злоупотреба помеѓу вашите деца, од клучно значење е да побарате професионална помош, со цел да се спречат компликациите што инаку може да се развијат.

Љубомората помеѓу браќата и сестрите се јавува скоро во секое семејство во кое има две или повеќе деца. Посилно е изразено кај деца кај кои разликата е помала од три години. Љубомората расте кога родителите се натпреваруваат и се намалува кога тие соработуваат. Ова е природна појава сè додека секое дете го пронајде своето посебно место во семејството.

Тања Марцикиќ Ивановска, социјален работник (Супервизор на Линијата за родители)

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]