Искуството на една трудница: Не треба да ги правите овие работи кога сте бремени

Постојат многу работи што луѓето ви кажуваат да не ги правите за време на бременоста. Блогерката Елизабет Бродбент, на забавен и потполно искрен начин, препорачува кои работи да ги избегнувате додека чекате бебе, бидејќи ги испробала сите и врз основа на личното искуство дошла до следниот заклучок ...

0
289

Бременоста е волшебно време. Мало стомаче кое подоцна ќе прерасна во дете кое се движи, се врти и клоца. Имате добра причина да го сакате стомакот. Може да јадете крофна и морков истовремено затоа што, ете, тоа е бременост. Вашиот партнер ќе оди во потрага по што било само за да ве задоволи. Имате можност да купите нова гардероба. Странци ви се насмевнуваат и каде и да одите, пред вас оди вашиот голем и убав стомак.

Мајка на три деца, блогерката Елизабет Бродбент, истакнува дека постојат работи што не треба да ги правите додека сте бремени за да не го расипете целото искуство и да уживате во бременоста: „Постојат одредени работи што не треба да ги правите кога сте бремени. Не мислам на пиење вино или јадење суши, туку мислам на оние секојдневни работи што треба да се избегнуваат во корист на сопственото здравје и разум. Јас ги испробав сите. Признавам, бев тврдоглава. Не ги повторувајте моите грешки“.

Еве кои работи Елизабета препорачува да ги избегнувате додека чекате бебе:

1. Поместување на мебелот
Мојот сопруг не беше дома. Сакав да ја преместам масата за пресоблекување од ходникот (кадешто пречеше) во детската соба (кадешто и понатаму пречеше). Јас бев бремена шест месеци. Логично, требаше да го почекам. Сепак, мојот труднички ум рече дека тоа мора да се направи, веднаш.

Така, влечев и туркав. Го подигнав едниот крај за потоа да ја испуштам целата маса на ножниот прст. Останав без нокт. Го завиткав прстот во хартиено марамче и продолжив да туркам. 30 минути подоцна, масата за пресоблекување беше токму онаму кадешто сакав. Мојот сопруг беше лут. Бев истоштена. Плус, мојот прст беше повреден. Научена лекција! На потешкиот начин.

2. Носење едноделен костим за капење
Со мојот прв син, бев оптоварена поради дебелината од првото тримесечје до самото породување. Кога одевме на базен, го криев стомакот зад едноделен костим за капење, единствениот што ме собираше. Бев попаметна во бременоста со мојот втор син. Кога другпат, освен за време на бременоста, имате толку голем и убав стомак? Го заменив едноделниот костим за капење со дводелен што можеше да ги собере моите гради. Изгледав извонредно. И вие ќе изгледате така.

3. Грижа поради стриите
Веројатно ќе ги добиете. Поради првите ќе се расплачете. Јас ги добив на градите и со солзи истрчав на горниот кат за да ѝ ги покажам на свекрвата. Таа само ми се смееше. Мислев дека е безмилосна а сега знам дека е апсолутно во право. Вашето тело се растегнува, но речиси е невозможно да ги избегнете, но тие ќе избледат. Или ќе изгледаат како риги на силна тигрица. Ги заработивте во вашата битка. Не се откажувајте лесно од нив.

4. Патување
Едноставно немојте. Прво треба да ги спакувате работите, а потоа треба да пакувате уште малку, а потоа мора да соберете сè што сте заборавиле првите два пати. Потоа, вие сте заглавени во авион или во автомобил, а советот е да станувате на секои 10 минути, што ќе им оди на нерви на сите други. Кога ќе стигнете до вашата дестинација, нема да имате таму доволно, а од мирисот на ресторанот нема да ви биде добро.
Само останете дома во вашето гнездо со перници што е можно подолго. Тоа беше добро за мене. Не знам како ќе ви биде вам.

Веројатно многу бремени жени нема да се согласат со оваа препорака, да избегнуваат патувања, но сега е време кога не се препорачува патување. Запомнете, ова е искуство на една бремена жена, и секоја бремена жена и бременост се различни. Значи, ако сакате да патувате, патувајте, се разбира, со претходна консултација со вашиот гинеколог.

5. Штедење на перници
Ми требаа шест: две за главата, по една на секоја страна од телото за да се вгнездам, и уште по една на секоја страна за стомакот и бутовите. Ова беше многу глупаво. Наместо тоа, требаше да купам една од оние луди труднички перници во форма на буквата У што нудат крајна удобност. Бремени сте, верувајте ми, го заслужувате ова колку и да чини.

6. Колебање во користењето на адутот „Бремена сум“
Човечко суштество расте во вас. Ова е една од најблагословените нешта, еволутивна. Значи, заслужувате да го добиете она што го сакате. Дали сакате да јадете? Бремена сум. Дали сакате да останете дома? Бремена сум. Дали сакате да купите гардероба? Бремена сум, бремена сум, бремена сум!

7. Да влегувате во секоја продавница со бебешки производи
Влегов во продавницата за бебиња, погледнав наоколу и плачев. Колку од овие прекрасни работи навистина му требаат на моето бебе по напуштањето на породилното одделение?! Плачев на пат кон дома бидејќи бев сигурна дека не можам да му обезбедам сè. И тогаш седнав и направив список што навистина требаше да купам и што му е потребно на моето бебе. Тука се најдоа облека, пелени, носилка, када… Додека го правев списокот, не ме обзедоа толку емоции и кога следниот пат отидов во продавницата за опрема за бебиња, ми беше многу полесно.

8. Не се потпирајте премногу на вашиот план за породување

Имав план дека ќе одам во болница само кога апсолутно ќе морам да го направам тоа. Моите трудови немаше да бидат премногу силни, со звуците на мојата омилена музика, сè додека моето дете не дојде на светот. Јас ќе јадев и ќе пиев и веднаш ќе го доев и ќе си одев дома за четири часа, а околу мене ќе има волшебен прав и само добри вибрации.
Наместо тоа, бев однесена во болница со страшна болка, дехидрирана, а породувањето траеше бесконечно долго. Ова не беше породувањето што го посакував. Но, можев да го избегнам ако бев пофлексибилна во однос на моите очекувања од самиот почеток. Немојте да сте како мене. Планирајте го вашето породување, но прилагодете се на сè што ќе се случи. Едноставно е, бебето е внатре и мора да излезе надвор, вие сте тука само за да му го олесните доаѓањето.

9. Не набавувајте ново милениче
Вие сте бремена. Немате време да тренирате кученца. Усвоивме германски овчар додека бев бремена со мојот трет син и, иако на крајот сè заврши добро, првите неколку месеци во куќата имаше многу пресврти. Не е фер кон кучето и не е фер кон вас. Затоа, строго правило за време на бременоста – минимизирајте го бројот на животи за кои сте одговорни. Верувајте ми.

Фото: Pixabay

loading...