Како да се справите со алергиите на храна кај децата?

Покажете му на детето дека не е само и дека сите сте со него. Освен редуцирана исхрана, односно, елиминација на алергените од исхраната, оние кои страдаат од алергии генерално треба да ја прилагодат својата околина за да не бидат дополнително изложени на материи што му штетат на нивниот имунитет.

0
62

За нас, сè започна кога Јаков сè уште беше бебе. Сепак, дури кога завршивме во болница поради тешка уртикарија и бронхообструкција, дознавме дека ќе треба целосно да го смениме нашиот животен стил и да го прилагодиме на новата ситуација наречена алергија на храна.

На почетокот, како и за сите други, беше доста тешко. Беше потребно да се разбере што значи сето ова и колку и на кој начин тоа ќе влијае на нашето секојдневје, а потоа беше потребно да се адаптира околината кон новите потреби. Сè се сведе на едукација, разговор и колективна промена на свеста во рамките на семејството!

Со неколку совети подолу, ќе ви биде полесно да се справите со предизвикот што претстои.

1. Едукација

Пред сè, едуцирајте се себеси! Вие треба да владеете со материјалот за да можете соодветно да се грижите за детето и да му помогнете полесно да се справи со својот проблем.

Каде да најдете практични информации и совети? Ако не сте оделе некое време, посетете ја библиотеката и побарајте литература за алергии, имунологија, микробиом и здрава исхрана. Пронајдете заедница каде ќе можете да споделувате нови знаења и идеи. Побарајте разни блогови, групи и профили кадешто можете да се поврзете со луѓе кои имаат исти или слични искуства (секако, секогаш критички и со претпазливост, по консултација со вашиот лекар).

Едуцирајте го вашето дете. Објаснете му што се алергии и што ќе се промени за него поради неговата состојба. Објаснете му како алергените влијаат на неговото тело и какви се последиците од неприлагодената исхрана за да може полесно да разбере што му се случува и зошто мора да се случи промена. Важно е детето, штом  ќе биде развојно способно за тоа, да знае и да може самото да каже на што е алергично и што не треба да јаде, какви лекови зема во случај на алергиска реакција и каде се овие лекови (во неговиот ранец, во некоја фиока во плакарот и сл.), ако не сте тогаш со него.

Едукацијата на семејството и најблиските е подеднакво важна. Често се случува притисокот на околината врз родителите на деца со алергии да биде голем, затоа што поради незнаење и неразбирање на сериозноста на проблемот луѓето (барем првично) ја доживуваат вашата постојаност, посветеност и принципиелност при менувањето на вашата исхрана као претерана. Некои ќе ве исмеваат, додека некои ќе го игнорираат вашиот проблем, такашто ќе продолжат да му нудат на детето храна што не треба да ја конзумира.

Не се откажувајте и обидете се да ги едуцирате луѓето од непосредната околина. Имајте на ум дека и самите не сте знаеле премногу за алергии на храна, сè додека не треба сами да се справите со нив.

За да се избегнат потенцијални забуни и недоразбирања, секој треба да ги знае деталите за новата исхрана на вашето дете. Посебно погрижете се, да речеме, за родендените на децата, кога оди на спиење кај пријателите, за разни собири кадешто можеби нема да го имате детето под контрола секоја секунда.

Доколку е потребно, направете список на храна што е забранета и список на храна што служи како замена и ставете ја на располагање на секој што може да има потреба од тоа.

Едукација во образовните институции. Истиот пристап се однесува на образовните институции. Разговарајте со здравствени работници, со воспитувачките во градинка и наставниците во училиште. Имајте на ум дека градинките и училиштата може да имаат ограничени средства и процес на набавка и складирање храна, па доколку е така побезбедно, преземете иницијатива и подгответе ги потребните оброци сами дома и однесете ги во градинка/училиште.

2. Разговор

Дури и ако детето е многу мало, бидете искрени и разговарајте за темата за неговата состојба на начин кој ќе му го прилагодите нему, на чувствителен начин. Не дозволувајте проблемот со алергијата да биде кошмар или табу.

Исклучително е важно детето да ја почувствува вашата емпатија и да се чувствува заштитено и безбедно, дека имате сè под контрола и дека не треба да се грижи и да биде под стрес заради новата состојба.

Малите деца често ги перцепираат промените што им се случуваат како некаква казна или негирање на вашата љубов затоа што не ја разбираат ситуацијата. Разговорот ќе спречи емоционална траума. Имајте на ум дека мало дете може да не разбере зошто веќе не смее да го добие своето омилено чоколатце, јогурт или печиво.

Покрај самата алергија, научете го вашето дете за важноста на здравата исхрана и благосостојбата што таа ја носи. Важно е детето да ја прифати идејата дека здравата исхрана не е важна само за страдалниците од алергија, туку дека е нешто што секој треба да го примени. Така, тие ќе се чувствуваат како да прават нешто позитивно и полесно ќе ја прифатат здравата исхрана како подобра опција за себе.

Терапијата со игра е еден од моделите што може да се применат на мали деца кои на таа возраст тешко можат вербално да ги изразат своите чувства преку комуникација. Побарајте некои примери на Интернет или консултирајте се со експерт.

3. Колективните промени во семејството се важни!

Покажете му на детето дека не е само и дека сите сте со него. Освен редуцирана исхрана, односно, елиминација на алергените од исхраната, оние кои страдаат од алергии генерално треба да ја прилагодат својата околина за да не бидат дополнително изложени на материи што му штетат на нивниот имунитет. Ова конкретно се однесува на разни хемикалии во животната средина, пестициди, хормони и антибиотици од храна, разни конзерванси, адитиви и слично. Исто така се однесува и на нивото на стрес на кое сме изложени сите. Свртете се кон одржлив и еколошки свесен пристап кон живеењето!

Текстот е од ТУКА.

Фото: Pexels

loading...