Кога сте им купиле на вашите деца нешто од ‘втора рака’?

Велат дека исмејувањето поради немањето на брендирана облека и обувки, скапи телефони, голем џепарлак, станало најчеста форма на насилство кај децата. Што мислите, каде го научиле децата тоа? На пример, дали ги пораснавте во креветче, количка и облека од втора рака или за вашиот принц или принцеза сѐ мораше да биде ново?

0
314

„Ти немаш патики марка“, „Твојот телефон е без врска“, „Постојано го носиш истиот дуксер, сиромашен си“, „Твоите родители немаат пари, па ти купуваат само евтини работи“…Навреди, грди зборови, осуди, исмејување…

Изгледа дека вербалното насилство помеѓу децата е прилично распространето. Така барем пишуваат порталите кај нас и во соседството. А советите кои можеме да ги најдеме таму се најчесто следниве: Разговарајте со своите деца, објаснете им дека „скапо“ не значи и добро. Зборувајте за тоа дека луѓето не се вреднуваат според парите, туку според други, многу поважни работи. Објаснете им, исто така, како всушност се чувствуваат децата кои ги задеваат и ги исмејуваат. Разбудете ја емпатијата во нивните срца. Разговорот е клучот за сè, а начинот на кој децата ќе гледаат на парите и на материјалните работи, во голема мера зависи од вас.

Се согласуваме речиси со сè, освен со она дека разговорот е клучот. Не, клучот е примерот што им го давате вие.

Многу пати сме пишувале дека најголемиот пример за децата се нивните родители. Ако вие купувате постојано нова и брендирана облека, ако никогаш во животот не сте си купиле нешто од ‘втора рака’, ако не сте наследиле нешто што ѝ е големо или мало на вашата пријателка или едноставно, ѝ здодеало, а вам отсекогаш ви се допаѓало, ако не сте купиле користено детско креветче, кое потоа само сте го подновиле по свое, користена бебешка количка или оградичка, ако не сте му ја облекувале на вашето дете облеката од вашите постари деца или од децата на вашите пријатели, брат, сестра, братучеди, ако не сте ги научиле дека предметите можат да се реупотребат, од облека до мебел, и дека сето тоа е добро и за нив, и за вас, и за планетата, за семејниот буџет, но и за нивната оригиналност и креативност, тогаш не се прашувајте зошто брендовите и новите патики, велосипеди, тротинети и мобилни телефони им се толку важни.

Прашајте се вие самите себеси зошто мислите дека е страшно да се земе креветчето во кое израснале две-три, па и повеќе деца, кое вие можете да го подновите и дека вашето дете ‘заслужува’ само ново? Зошто мислите дека вашиот нов фустан е подобар од оној преубав црвен ретро фустан на вашата познаничка која кога ѝ го пофаливте и ја прашавте кој бренд е, насмеано ви одговори дека го купила од продавница за користена облека за 200 денари?!

Да, признавам дека пред многу години кога бев кај тетка ми во Америка и таа ме однесе во продавница за облека од втора рака јас бев смртно навредена. Не дека не си менував облека со другарките и не наследував облека од сестра ми, ама кај нас тогаш не постоеја вакви продавници, ниту пак имавме идеја за нешто такво. Ама верувајте, кога случајно, веќе тргната налутено кон излезот од продавницата го здогледав црвениот комбинезот ‘Левис’, каков што отсекогаш сакав да имам, а беше толку убав што не одолеав да не го грабнам пред да ми го земат гласните американски тинејџерки кои правеа ‘ршум низ продавницата. Тоа беше пред три децении, а кога се вратив од Америка, довлечкав цел куфер со одлични парчиња облека. Црвениот комбинезон го наследи мојата внука од брат.

Кај нас овие продавници сѐ уште не се баш многу популарни и ги нема многу, но секаде кадешто сум била досега, биле најинтересните продавници во кои сум била.

Кај нас, дури и денес, за повеќето ‘брендирани родители’, па дури и за многу од оние кои иако не можат да си дозволат брендирани парчиња, е срамота да се носи нешто што го носел претходно некој друг, а ако не признаваат дека се срамат, велат дека им е ‘шубе’.
Кога ним ќе им кажам дека нешто сум купила во продавница за втора рака, ме гледаат како најголем чудак кој носи или прибира дома којзнае чии носени или користени предмети. И денеска не се сменети многу овие нешта. Нема многу продавници за половна облека, иако, во некои од бившите југословенски републики, знам сигурно за Хрватска и Словенија, ваквите продавници никнуваат како печурки по дождот. Скоро нема населби со барем една половна продавница, а во некои делови од главните градови на овие држави има десетици вакви продавници. И сите тие се полни со клиенти.

Кај нас иако почна многу да се зборува за рециклирање и реупотреба, се чини дека срамот од минатото тешко умира.

Затоа, наместо да разговарате со своите деца на темата, почнете да се менувате себеси. И не се плашете дека потоа тие ќе станат нечија ‘жртва’. Верувајте дека ако ги пораснете со овие идеи за рециклирање, реупотреба и редизајнирање, дури и да се соочат со озборување, омаловажување, навредување, етикетирање и исмејување од страна на врсниците, нема воопшто да ги болат. Напротив, ќе им бидат смешни. Особено ако имаат другари слични на нив, другари кои повеќе се грижат да ја заштитат планетата, отколку да менуваат облека трипати дневно.

Нивната иднина е во ваши раце. Запознајте ги со оние страни на интернет, кои наместо брендови на облека, чевли, скапи телефони и компјутери, покажуваат колку креативни можат да бидат луѓето кои од старо прават ново. И наместо  да им помогнете да станат брендирани роботи, помогнете им да станат оригинални и свои и да не се грижат за тоа колкумина пред нив ја носеле облеката која нив ги прави токму такви какви што се, поинакви и единствени.

Родители, вашата улога во решавањето на овој проблем е само ваша!

Фото: Unsplash

loading...