Нина Деан: Мајчинството направи да заборавам на театарот

Нашата соговорничка, актерката Нина Деан, иако во корона, го живее најубавиот период од својот живот. Со својата прва љубов, Мартин, пред една година го добија синчето Каи и уживаат во заедничките моменти. Иако многу ѝ недостасува нејзината мајка Гордана, која со Кили (Кирил Поп Христов) и со нејзината помала сестра, пред неколку години се преселија на Еквадор, се надева дека кога ќе станат милионери, ќе можат дел од годината и тие да живеат таму, а за почеток, дека ќе можат да отпатуваат таму за Нова година.

0
1276

Нина Деан е актерка во МНТ од 2016. година, а претходно 4 години беше во театар ’Комедија‘. Од пред една година таа е и мајка на Каи, синчето кое го доби со својот партнер Мартин, човекот кому таа, а и тој нејзе, си биле прва љубов.

„Мартин ми беше прва љубов од 8 одделение и прва средно, си бевме прва сериозна врска еден на друг, но откако се разделивме, освен еднаш, и тоа одамна, на почетокот од факултет, се немавме видено 15 години. Како да не живеевме во ист град, јас свој живот, он свој, во сосема друга бранша (Мартин работи статика на згради), но откако се сретнавме повторно, се погоди да се најдеме во вистински момент, брзо си се вклопивме во животите еден на друг. Никогаш не би помислила дека може ова да се случи, ама изгледа навистина е точно она дека првата љубов не се заборава“, ја почна својата приказна нашата соговорничка.

Таа, за разлика од мајките на мали деца кои после породувањето мака мачат со добиените килограми, нема таков проблем. Нина изгледа како балерина, тенка каква што си беше, иако тврди дека сега, за разлика од претходно, носи еден конфекциски број плус.

„Никогаш не се мерам, но додека бев бремена се здебелив само во стомакот и знам дека кога ќе почнам повторно да одам во театар и кога ќе бидам поактивна, ќе ѝ се вратам на старата килажа, едноставно, таква ми е конституцијата. Сè уште го дојам Каи и мислам да продолжам уште некое време, барем додека не работам. Морам да признаам дека премногу сум поврзана со него, многу повеќе отколку тој со мене“, се смее Нина и раскажува дека Каи е дете кое воопшто нема паника од други луѓе, што е одлично, но дека таа треба да поработи на себе за да не плаче кога ќе треба да го остави првпат во градинка.

На 30 април Каи наполнил 1 година и бидејќи поради пандемијата сите прослави што си ги замислувале не им се исполниле, па ниту се венчале (со оглед на тоа што сакаат по овој повод да направат голема журка), ниту правеле мекици, решиле да му направат барем убав роденден.

„Купивме убава торта, нарачавме храна, украсивме како да ќе имаме милијарда гости, и се собравме во дворот на родителите на Мартин каде што наместивме 2-3 маси како во кафуле, и со најблиското семејство и најблиските другари, му го одбележавме првиот роденден. Иако бевме малку луѓе супер си поминавме“, раскажува Нина.

Каи е роден во пандемија која почнала кога била на крајот од седмиот месец на бременоста па последните два месеци до породувањето ги поминала дома.

„До крај на шестиот месец играв во претставите, а кога стомакот веќе ми стана голем, престанав да играм, потоа почна и пандемијата и веќе не се играа ни претстави. Сега имам замена во единствената претстава што се игра во моментов, а тоа е ’Кец на десетка‘, уште ми е шубе, не заради мене, туку заради Каи, па барем додека не се вакцинираме сите подобро ми е вака. Секако, нема да ми дојде лошо да одиграм некоја претстава, ми фали да креирам улога, ми недостасува сцената, но сè уште не ми недостасува секојдневното одење во театар“, признава Нина.

Таа сега ужива во мајчинството. Иако имала лесна бременост, породувањето ѝ било тешко и комплицирано, поради што заглавила во болница цели две недели, а со оглед на пандемските услови, немало посети, па тие две недели ѝ биле најтешки.

„Се породив во Чаир, таму се пораѓаше мајка ми со сестра ми, а слушав убави искуства и од другарките, но имав тешко породување. Започнав да се породувам природно, но завршив со царски рез, изгубив многу крв и заглавив во болница две недели. Заради пандемијата немаше посети, па освен што се гледав преку видео со моите и со Мартин, бевме сами со Каи, примав трансфузии, бев исцрпена и тоа ми беше најтешкиот период. После си дојдов дома и првите два месеци беа тешки, Каи се будеше често, ми рекоа да му давам да цица колку сака, па тој постојано беше со мене и не се мрднав од соба два месеци. Имав мала блага депресија, па ми доаѓаше да се расплачам, за потоа да имам грижа на совест зошто плачам кога треба да сум среќна, ама брзо ми помина. Родителите на Мартин доаѓаа повремено, но не се гледавме со никој друг. Тогаш имаше и полициски час веќе од 16 часот и за викенди, па постојано бевме дома. Со Мартин се организиравме одлично. Сега многу повеќе готвам заради Каи, а Мартин готви дури и повеќе од мене, бидејќи јас не јадам месо, освен риба, тој спрема сè што се прави со месо за него и за Каи.

Со здружени сили го бањаме Каи и до ден денес. Мартин е многу добар татко. Тој веќе има искуство затоа што стана татко по вторпат, има петгодишен син од првиот брак, па направи да ми биде полесно и мене. Неговиот син се вика Матеј и со Каи се засакаа од прв момент, братчиња, се вљубија еден во друг. Каи секогаш кога ќе го види Матеј се радува, се смее, а Матеј е многу нежен со него, знае како да го игра, како да постапува со него. И јас и Матеј имаме одличен однос, ние сме другари. Јас и мојата маќеа сме сè уште во постојан контакт иако татко ми почина пред неколку години. А кога бев мала, татко ми со неа доаѓаше кај нас, а Кили (Кирил Поп Христов) и мајка ми (Гордана Деан Поп Христова) одеа таму. Секогаш имале убава дружба и тоа ми помагало полесно да го поминам разводот“, раскажува Нина и продолжува да ни зборува за своето мајчинско искуство, но и за тоа колку ѝ е жал што нејзината мајка не е тука во најзначајните мигови од нејзиниот живот со оглед на тоа што таа, Кили и нивната ќерка Јоана, помалата сестра на Нина, пред 6-7 години се преселија на другиот крај од светот, во Еквадор.

„Со мајка ми бевме многу блиски и многу ми недостасува, а најтешко ми е затоа што не беше тука во најголемите моменти од мојот живот, ама се надевам дека наскоро ќе можеме да се видиме. Откако заминаа на Еквадор таа и сестра ми воопшто се немаат вратено во Скопје. Се наоѓаат буквално на крајот од светот и патувањето не е толку едноставно. Кога јас одев таму првиот пат патував три дена, со преспивање во Милано и на аеродроми, а следниот пат веќе најдов подобра конекција па стигнав за 24 часа. Селцето каде што живеат е преубаво, а хостелот што го држат е покрај океан. Нема загадувачи, нема многу сообраќај, нема многу луѓе, тоа е повеќе семејно место за одмор, и едноставно нема од што да се разболи човек. Мајка ми, иако првичниот план беше да живеат од приходите на хостелот што го отворија и да уживаат, издржа да не го работи тоа што го сака само една година и потоа почна да работи како балетски инструктор во едно одлично балетско училиште во Куенка, тоа е голем град и таму е град на културата. Супер ѝ одеше, ама почна пандемијата и сега не работи, а не работи ниту хостелот бидејќи поради ситуацијата сè уште нема туристи. Местото е навистина прекрасно, но кога заминуваа од Скопје, јас тукушто почнав да работам во театар, одлично ми тргна, добивав добри улоги и едноставно не ми се оставаше сè за да почнувам таму од почеток. Сестра ми е поприврзана за нив па иако и таа тука си имаше живот и другари, сепак замина со нив и си ја најде среќата таму и стана мајка една година пред мене.

Пред да се породам мајка ми купи билет за Скопје и требаше да дојде за да биде со мене, ама почна короната, картата ѝ пропадна и пропадна и видувањето. Сега следна идеја е да одиме ние тројца, јас, Мартин и Каи таму за Нова година, ама здравје, ќе видиме како ќе биде“, вели Нина.

 

Таа сега од роднини во Скопје ги има само роднините на Кили, а оние со кои е во крвно сродство, од страна на татко ѝ, се во Нови Сад.

 

Со нејзината сестра која е 7 години помлада од неа, иако пред да замине за Еквадор, поради разликата во годините, не се дружеле многу, сега често се слушаат и си разменуваат искуства со децата.

„Нејзиното синче Круз, ќе полни сега две години и веќе знае кој е кој, па кога ќе нè види на камера си мавтаме, си зборуваме на некоја шпанско-македонска мешавина. Со него комуницираат на двата јазика, па верувам дека ќе биде билингвален. Сестра ми одлично зборува шпански, јазикот е лесен, брзо се учи, па и јас кога бев таму многу научив, барем за основна комуникација, бидејќи таму сите зборуваат по многу малку англиски, па најдобро можеш да се разбереш на шпански“, раскажува Нина.

Што се однесува до работата, заради пандемијата Нина морала да ја затвори едната локација на која функционирал ’Ребис‘, што таа го презема од мајка ѝ и одлично ѝ одеше сè до короната.

„Се надевам од септември ќе биде подобро и ќе можеме нормално да функционираме и во театарот и со ’Ребис‘. Во ’Ребис‘ имам прекрасни инструктори и тие ги држат часовите по танцување, а јас продолжив да танцувам само во претставите, иако цел живот бев активна во ’Ребис‘.

Нина има големи соништа. Меѓудругите, сон ѝ е да игра во филм со данскиот актер Мет Микелсен и со француската актерка Ева Грин. Ги сака сите свои одиграни улоги, а најголем предизвик ѝ била онаа во мјузиклот ’Мама Миа‘.

Најголем предизвик ми беше улогата на Софи Шеридан од ’Мама Миа‘, од причина што беше и најтешка, се пее во живо, се танцува, нонстоп има кореографии и ми беше личен предизвик. Мислам дека тука некако си се докажав сама на себе, па во таа смисла ми е најдрага инаку сите ги играм со ќеф. Исто така, би сакала и да имам можност за повеќе филмски улоги“, признава Нина.

Вели дека иако во моментов е преокупирана и ужива во мајчинството, во иднина не би можела да живее без сцена и без театар. Како мала, на околу 10-11 години, играла во дипломската претстава на режисерката Наташа Поплавска, ама глумата не ја влечела. Пораснала со и во ’Ребис‘, а сакала да студира психологија. Под влијание на Кили и на неговите колеги се пријавила на приемен и ја примиле на ФДУ. Психологијата ја интересира и ден денес и вели дека нејзиниот интерес и познавањето на човечката психа ѝ помага за градење на ликовите што ги игра.

Особено уживала на сцената кога ја гледале Мартин и неговите родители.

За да ја запознае како актерка Мартин ги изгледал сите претстави во кои таа играла, а со оглед на тоа што за разлика од нејзините претходни партнери кои биле од иста бранша, па постојано имале некоја забелешка во врска со нејзината глума по претставите, Мартин ја гледа со други очи и му се допаѓа во сите нејзини улоги.

loading...