Нова драма околу дупењето на ушите, а околу нас, драми колку сакате

Сѐ почесто порталите пишуваат за случаи на баби и дедовци кои на своја рака им ги дупат ушите на своите малечки внуки (уште не почнале да им ги дупат на внуците), а потоа на социјалните мрежи следува расправија, да им се прости или пак не! Ех, да мислевме толку на децата, без да ги прашаме, ниту уши ќе им дупевме, ниту на шишање ќе ги носевме, ниту пак од родител ќе ги двоевме...

0
414

Кога јас бев средношколка, повеќето средношколци и студенти имаа по 2-3, па и 4-5 дупчиња на секое уво, вклучувајќи ги и машките и женските.

Како мала, не сум ја имала таа среќа или несреќа, зависи од ставот, да ми ги дупнат ушите. А кога тогашните родители (често тоа го правеле и бабите и дедовците) им ги дупеле ушите на децата, сигурно не очекувале дека подоцна во животот ним нема да им биде доволно само по едно дупче во секое уво. Ако не верувате, прашајте ги сите од генерациите од 60 -тите и 70-тите, па и 80-тите, и ќе ви кажат.

Како и да е, бидејќи јас немав ниту едно дупче во ниту едно уво, а сестра ми Марина и другар ми Фриц имаа на секое по 3-4, решив и јас да направам барем по едно. Односно, ѝ се препуштив на умешноста на другар ми, тој ја дезинфицираше иглата од комплетот за шиење на баба ми, односно, ја прегоре врз пламенот од запалката и операцијата можеше да почне.

После ова, немав некој проблем, освен да ги добијам омилените обетки од мојата постара сестра која имаше најразлични, во секое од дупчињата наредени по нејзините уши. Искрено, не сакав повеќе дупчиња затоа што имав комплекс поради клемпавите уши па не сакав да премногу да ги истакнувам.

Син ми во средношколските денови исто така се стори со дупчиња во ушите, ама он беше кај професионалец.

Ниту некоја од моите сестри или брат ми немаа трауми ни заради своите, ниту заради ушите на своите деца. Како што ми изгледа, ова е денес страшна дилема и како и на сѐ друго, му се придава значење од животна важност. Се прават драми, се анимираат сите околу, се дискутира, се полемизира, па си мисли човек дека станува збор за прашање на живот или смрт.

Да, да, ја разбирам суштината, значи не е во ред кога бабата и дедото ќе си решат на своја рака и наспроти одлуката на родителите да направат нешто со своето внуче, ама сепак ми е смешно што околу сѐ денес се крева толкава врева. А некои многу поважни работи кои ќе ги спомнам подолу, се туркаат под тепих.

Нема да заборавам дека кога бевме уште во основно, дојде тетка ми од Америка и на своја рака, без да не праша нас, ниту пак нашите родители, заклучи дека со долгите коси сме биле како ‘селанки’ па не однесе на правење ‘модерна’ фризура кај госпоѓа Борка. Таа, како и сите фризерки во тоа време, знаеше да направи само една фризура, и на големи и на мали.

Кога денес ќе им ги исечат на девојчињата долгите косички, тие се фотографираат насмеани, со прекрасни фризурки и ги држат в рака своите пресечени плетенки кои им ги подаруваат на оние кои прават перики за болните од рак.

Нашите плетенки завршија кај фризерката, а ние завршивме со смешни фризури со кои ни беше срам да излеземе на улица. Патем, фризурата беше идеална за да ги истакне моите прекрасни уши без обетки.

(Погледнете како изгледа очајот на едно дете на фотографијата долу.)

 

Но сепак, иако ние две бевме очајни, не се сеќавам дека тогаш се крена голема врева околу тоа зошто тетка ни на своја рака ни го сменила личниот опис. Дали тоа беше така затоа што стануваше збор за баш за тетка која дошла од далеку, дури од Америка, или затоа што нашите родители, а особено мајка ми, беше кротка жена, добивме само утеха: ‘Ооо, ако де, пак сте ни убави, ќе ви порасне, коса е тоа’!

Немаше ‘преки суд’, немаше земање изјави, забрани за гледање и слично.

Не велам дека е во ред, напротив, воопшто не е во ред, ама мора ли баш од сѐ да се прави драма. Лично, никогаш не би направила такво нешто, ама факт е дека во тоа време, семејствата беа посплотени околу грижата и воспитувањето на децата. Не беше толку строго во поглед на тоа кој ќе не учи и советува, кој ќе не кара и кој ќе не разгалува. Тоа го правеа сите топтан, и родителите и бабите и дедовците, па и тетките и тетиновците. Немаше тука многу расправии околу тоа кој е главен, сте беа главни.

Но да не претеруваме, некои работи кои порано беа сосема нормални, денес можат да ја доведат работата дури до разгледување од страна на социјалните служби.

Факт е дека родителите денес се многу повнимателни и дека не дозволуваат апсолутно никој да им се меша во одгледувањето и воспитувањето на децата, па така и ова со дупењево, односно недупењево уши си има своја логика, ама сепак, некои од коментарите по случајот за кој се пишува деновиве, кога баба и дедо наспроти ставот на родителите дека не сакаат да ѝ ги дупнат ушите на нивната ќеркичка сега, додека е мала, туку дека изборот ќе ѝ го остават нејзе, се можеби претерани, чиниш, грешката на бабата и дедото ќе има незнам какви последици врз развојот на детето.

Дефинитивно згрешиле правејќи на своја рака нешто со детето кое колку и да го сметаат за свое дете, сепак не е нивно дете, туку внуче, но дека отсега натаму ќе смеат да го гледаат само под надзор или пак воопшто нема да смеат да го гледаат, како што се предлага во коментарите за овој случај, е малку претерано.

Ама тука веднаш ми паѓаат оние поважни работи кои ги спомнав погоре. На пример, кога да се сетиме дека некои родители после разделбата од партнерот, односно, од другиот родител, не смеат воопшто да ги гледаат своите деца, или пак смеат да го прават тоа само ретко и само под надзор на социјалните служби. Ми се чини дека тоа ни е понормално отколку одлукиве за тоа кој треба да одлучува за дупење на ушите.

Јас мислам дека никој не треба да одлучува наместо децата, ниту мајки и татковци, а уште помалку баби и дедовци. Сите треба да ги прашуваме децата за тоа што би сакале тие, секако, кога станува збор за нешто што е поврзано со нив, со нивното тело и со нивните чувства.

Значи, нема дупење уши додека не се изјаснат сами, а тие веќе на 2-3 години ќе знаат дали сакаат некој да им ги дупне ушите и да носат обетки, како што знаат и дали сакаат да се гледаат и со мама и со тато, наместо само со мама или само со тато, затоа што овие двајца одлучиле дека помеѓу себе повеќе не можат со очи да се видат.

Ама овие работи се толку вкоренети во нашите сфаќања, дека е нормално родителите да си вадат очи на сметка на детето, неговите чувства и желби, што никој не реагира толку бурно на приказните за родителското оттуѓување, но затоа за дупнатите уши, сите имаат да кажат по нешто.

Па еве и ние да кажеме нешто. А вие, ќе кажете ли нешто на темава? Можете за која сакате, и за темата за ушите, и за темата за родителското оттуѓување, се е важно, иако нешто е поважно од другото.

Фото: Pexels

loading...