Оставете ги невоспитаните деца дома или сменете го локалот

Дали има место за деца во рестораните и хотелите е сè почеста тема на дискусија во Италија, а движењето „Child Free“ (Без деца) се проширило и во други земји. Потекнува од САД, а во хотели без деца може да се престојува и во Париз и Мадрид, како и на некои егзотични дестинации. Што мислите вие?

0
196

Дали има место за деца во рестораните и хотелите е сè почеста тема на дискусија во Италија. Додека некои не сакаат да ги слушаат смеата, врескањето или плачот на децата, други сметаат дека е незаконски да се забранува влез на семејства со деца.

„Ова е ексклузивно место и како такво не е погодно за деца“, изјави сопственикот на еден ресторан во Рим за италијанските медиуми, додавајќи дека „ресторанот е дизајниран така што музиката, светлината и бучавата и менито не се наменети за деца.“

Кога новинарите од телевизиската куќа Mediaset го прашале да го појасни својот став, тој одговорил: „Ова е модерен ресторан. Имам мали маси во француски стил и големи фотелји. Јас навистина мислам дека ова е место каде децата не би се чувствувале добро. Ова е место наменето за возрасни“.

Во градот Сондрио, сопственикот на пицеријата Бага на влезот ставил порака: „Остави ги невоспитаните деца дома или сменете го локалот“. Ова го оправдал со желбата на голем број редовни гости кои се уморни од децата на другите гости што трчаат, викаат и се судираат со келнерите.

„Децата кои трчаат низ пицеријата, викаат и се качуваат на столови им пречат на другите. Сметаме дека имаме право да ги однесеме во кујната каде што ќе ги мијат садовите додека некој ќе им залепи лента преку устата. Клиентите кои доаѓаат кај нас имаат желба и право да имаат мирен ручек или да ја поминат својата вечера во мир, без невоспитани деца кои врескаат. Ако не се согласувате, можете да ги воспитате деца, да ја смените пицеријата или да останете дома. Ако ова не ве засега затоа што немате деца или ги имате, но тие се воспитани, ви посакуваме пријатно јадење“, стои во натписот.

Сопственикот на пицеријата вели дека му било преку глава затоа што децата на некои од гостите се однесувале како да се дома, играјќи криенка и судирајќи се со келнерите. Тој дури изгубил некои редовни клиенти.

Сопственикот на ресторанот Ла Палапа во Рим, Виторио Еспосито, забранил влез на деца на возраст под 14 години и на животни.

„Побарувачката е голема, поради короната имаме ограничен број места, а гостите кои доаѓаат тука бараат нешто уникатно, елегантно и релаксирачко. Децата и животните ја уништуваат атмосферата. Луѓето доаѓаат тука на деловен ручек или на некоја посебна вечера. Музиката е гласна и луѓето пушат на надворешните маси“, изјавил Еспосито за италијанските медиуми.

Но, освен во Италија, движењето „Child Free“ (Без деца) се проширило и во други земји. Потекнува од САД, а во хотели без деца може да се престојува во Париз и Мадрид, како и на некои егзотични дестинации.

Сопственикот на ресторанот Oma’s Küche на германскиот остров Риген прифаќа деца под 14 години во неговиот ресторан, но само до 17 часот. После тоа, барот е резервиран за возрасни кои сакаат мир и тишина. Во Берлин, многу кафулиња имаат натпис „Kinder Verboten“ – забрането за деца. Многу хотели во Шпанија не прифаќаат гости на возраст под 12 години, некои дури и на возраст под 18 години. И во Шведска има се повеќе ресторани, хотели, одморалишта и велнес центри кои се „child free“.

Постојат и опции кои се пријателски кон семејствата

Од друга страна, постојат и „family friendly“ ресторани и хотели, каде семејствата со деца се добредојдени. Doxe спровел истражување според кое 47 проценти од испитаниците со деца на возраст под 12 години излегуваат еднаш неделно, што е скоро исто како и оние без деца (49 проценти). 40 проценти од испитаниците со деца признаваат дека барем еднаш биле замолени да го напуштат ресторанот поради хаосот предизвикан од нивните деца.

Најголем број семејни хотели се наоѓаат на северот на Италија, во регионот на Трентино Алто Адиџе. Италијанскиот закон не дозволува на гостите да им се забрани влезот заради тоа што имаат деца. Меѓутоа, на оние кои велат дека се наменети само за возрасни заради тоа никој никогаш не им чукнал на врата.

„Никој не се пожали и не нè казни. Ние сме приватници и имаме право да одлучиме кои ќе бидат нашите гости. Можеме да избереме дали тоа ќе бидат семејства со деца или луѓе без нив“, објаснуваат тие.

Меѓутоа, ако семејството сериозно се налути затоа што им е забрането да влегуваат во одреден ресторан и ако повикаат полиција, законот предвидува казна од 516 до 3098 евра.

Угостителите кои им забраниле влез на децата, не жалат заради тоа

Фабијан Приукс, сопственик на Abbey Road Burgers, бар и кафе во градот Нелсон на Јужниот остров на Нов Зеланд, престанал да послужува деца уште во 2018 година, поради штетата што ја направиле младите клиенти. Ресторанот бил отворен во ноември 2017 година, а веќе во следните месеци морало да се вложат илјадници долари за да се санира штетата. Скршени столици, изгребани маси, оштетена боја и уништени менија го принудиле Пру да ги затвори вратите за оние на возраст под 12 години. А, младите од 12 до 18 години се добредојдени само во придружба на нивните родители.

Од воведувањето на промените, Приукс верува дека квалитетот на неговата услуга и искуството на гостите во неговиот ресторан значително се подобриле.

„Оттогаш тука е како рај. Добивме одлични реакции од гости кои ја поддржуваат нашата одлука. Се разбира, сега мора да одбиеме некои семејни гости, што секако е загуба во бизнисот, но мислам дека привлековме луѓе кои сакаат да вечераат без да ги иритираат децата. Некои стопанственици почнаа да доаѓаат и да договараат средби кај нас затоа што знаат дека нема да бидат вознемирувани“, објаснува Приукс и продолжува: „Добивме пофалби дури и од некои родители со деца, кои велат дека понекогаш сакаат да уживаат во јадење без своите и децата на други луѓе. Се разбира, не се сите задоволни. Постојат семејства кои беа вознемирени затоа што не можеа да ја пробаат нашата понуда. Некои луѓе не ја разбираат нашата одлука, но не ми е грижа премногу. Повеќето од нашите клиенти се задоволни, што значи дека промената се покажала позитивна“.

Одговорете на нашата анкета:

Дали треба на децата да им се забрани влез во рестораните?

ДА


НЕ


ЗАВИСИ КАКО СЕ ОДНЕСУВААТ


 

Фото: Freepik

loading...