Речиси секоја десетта жена во светот доживува абортус

Една од седум бремености завршува со спонтан абортус, а 11 проценти од жените барем еднаш во животот доживеале неуспешна бременост, велат истражувачите.

0
68

Годишно има 23 милиони абортуси во светот, објавила група меѓународни експерти во стручното списание „Лансет“. Тие истакнале дека вкупниот број веројатно би бил „значително поголем“ затоа што многу абортуси не се пријавуваат.

Два проценти од жените, односно, секоја педесетта имала два спонтани абортуси, а помалку од еден процент три или повеќе.

Нивото на грижа за жените кои доживуваат абортус варира во голема мера од земја до земја, дури и во богатите земји, покажале податоците собрани во дел од светот.

„Потребен ни е нов систем што ќе гарантира дека овие жени ќе ја добијат потребната физичка и ментална грижа“, предупредуваат научниците.

Абортусот е проследен со бројни заблуди

Многу жени мислат дека тој се случува многу ретко или дека може да се поттикне со кревање голем товар или претходна употреба на контрацептивни средства. Многумина исто така веруваат дека не постои ефикасен метод за да се спречи тоа, особено кај жените со висок ризик. Ваквите заблуди можат да бидат штетни затоа што можат да им наметнат чувство на вина на жените и да ги обесхрабрат да побараат помош и поддршка.

Спонтаните абортуси можат да резултираат со изолација, бидејќи многу жени нема да разговараат за тоа со членовите на семејството, блиските пријатели или дури и со партнерите. Абортусот се дефинира како губење на бременоста пред 20-та до 24-та гестациска недела, што варира од земја до земја.

Непрепознаена траума

Причините за спонтан абортус можат да бидат многубројни, а меѓу нив се и возраста на бремената жена и таткото над 40 години. Други фактори на ризик вклучуваат дебелина или прекумерно губење на тежината, пушење, алкохол, постојан стрес, работни ноќни смени и постојана изложеност на загадување на воздухот или пестициди.

Здравствените последици можат да бидат сериозни, особено за жени кои доживуваат спонтан абортус вторпат или повеќе пати.

„Повторените абортуси имаат разорно влијание врз чувствата на повеќето жени, но малку внимание се посветува на ефектите врз менталното здравје“, рекол еден од авторите на студијата, Ари Кумарасами од Универзитетот во Бирмингем.

Укажува и на тесна поврзаност со анксиозност и депресија, а 20 проценти од жените може да развијат ПТСП девет месеци по абортусот.

Авторите на студијата велат дека повеќето податоци ги добиле од побогатите земји, но посочуваат дека „тишината што го придружува абортусот“ постои насекаде во светот.

Тие препорачуваат националните здравствени услуги да ја зајакнат грижата за абортусот, да ги унапредат истражувањата за превенција и да идентификуваат високоризична група на жени.

„Овој проблем беше предолго минимизиран“, пишува Лансет во уредничкиот коментар. „Недостатокот на медицински напредок во ова медицинско прашање треба да биде шокантно, но наместо се прифаќа молчешкум“.

Фото: Pexels

loading...