Сакате да знаете каков родител сте?

За да откриете каков родител сте, има едно едноставно прашање што треба да си го поставите: „Што мисли моето дете за себе како резултат на тоа што сум јас негов родител?“

0
255

Mалкумина се оние кои се родители и го читаат овој текст, а ним родителите да не им викале. И можеби сме можеле да излеземе подобри, но не е и дека сме целосно изгубени случаи.

Но, не е секое викање исто. Бројни истражувања покажале дека континуираните вербални навреди имаат ист негативен ефект како и редовното тепање. Но, она што мал број истражувања разјаснуваат е што се всушност вербални навреди, а што е викање на дете.

Само викањето е многу помалку штетно, ако не е придружено со навреди на сметка на детето. Кога вербалната дисциплина ја погодува сржта на личноста на детето, кога влијае на неговиот став за самиот себе, тука настанува проблемот.

Еве еден пример. Ако вашето дете, на пример, ви истури сок во скутот и вие му викнете на цел глас: „Уф, бе!“ не сте го нападнале детето, неговиот карактер и него лично. Мали се шансите детето тоа да го направило намерно. Но, ако викате на дете: „Идиоте! Каде гледаш?! Не можам да верувам што направи!”, тоа е веќе проблем.

Втората реакција е директен напад врз детето и може да формира негативен став за себе и за своите способности, дури и ако ниту малку не сте го кренале тонот додека сте му зборувале. Можеби најкритичен дел е кога ќе речете: „На што мислеше, не можам да верувам што направи?” Таквите зборови патуваат директно до срцето и мозокот на детето и го формираат неговиот став за себе. И тој став обично е:

„Јас сум глуп. Јас сум несмасен. Јас сум лош.“

И не е важно колку сте прекрасни кон вашето дете во сите други ситуации, колку внимание му посветувате, нема да ги избришете негативните ефекти од вербалните навреди. Дете на кое ќе му се каже дека е лошо и непослушно, ќе го задржи таквото мислење за себе дури и кога го галите и му зборувате убави работи.

Друг пример: Ако секогаш кога детето се обидува самото да си стави сок му велите: „Дај ми, јас ќе ставам, ти ќе истуриш“, детето лесно ќе започне да мисли дека е неспособно, што понатаму ќе влијае на неговото однесување такашто лесно ќе се откажува од тоа само да направи некои работи или ќе очекува од другите да донесат важни одлуки. Можеби вие му посветувате внимание на детето и го ставате во центарот на вашиот свет, и можеби и тоа е свесно дека е важно, но тоа не го менува тоа што се чувствува неспособно затоа што не му е дозволено да ги прави работите само.

Негативното мислење што го стекнуваме за себе во најраното детство силно ќе влијае на нашата самодоверба во текот на целиот живот.

Се разбира, скоро секој родител ја губи контролата од време на време и почнува да му вика на детето. Ве молиме да се потрудите да го избегнете ова. Но, ако брзате за закажаниот лекарски преглед, детето не сака да се облече, а вие само што истуривте полна шолја кафе, тешко дека ќе останете смирени и дека ќе се обидете да го натерате детето да ве слуша низ игра и шеги. И тоа е разбирливо.

Повременото викање не ве прави лош родител. Она што го карактеризира лошиот родител е постојаното викање и навредување на детето, кое длабоко во неговата душа всадува негативни ставови за себе. Подигањето на гласот е многу помалку штетно од зборовите што ги кажувате.

А за оние кои велат: „Ако не сте строг родител, вашите деца нема да бидат цврсти“, имам едноставен одговор: „Животот ќе се погрижи за тоа да им зададе доволно пречки и проблеми. Родителите треба да бидат таму како поддршка, да ги ублажуваат тешките моменти, а не да ги создаваат“.

За да откриете каков родител сте, има едно едноставно прашање што треба да си го поставите: „Што мисли моето дете за себе како резултат на тоа што сум јас негов родител?“

Фото: Freepik

loading...