Самец посвоил 13-годишник откако неговите први посвоители го оставиле во болница

Неговата биолошка мајка го напуштила кога имал само две години. Потоа бил сместен во семејството од кое на крајот бил посвоен, но речиси десет години подоцна, истото семејство што го воспитало го напуштило кога бил во болница и повеќе не се вратиле.

0
628

Питер Мутабази имал тежок живот. Тој израснал во едно мало село на границата помеѓу Уганда и Руанда, а неговото семејство не можело да си дозволи храна, па одгледувале свој грав, грашок и сладок компир. Тој започнал да ѝ помага на својата мајка во градината со само четири години. Семејството немало ни чиста вода, па децата морале да одат два до три часа за да успеат да му донесат вода на своето семејство.

Сиромаштијата била сè што знаел.

За жал, тоа не било сè. Таткото на Питер го злоупотребувал целото семејство. И вербално и физички. Тој ја тепал сопругата, а на децата им ја ускратувал храната, и како што одминувало времето, злоупотребувањето само се влошувало.

Една ноќ, кога Питер имал десет години, неговиот татко го испратил да купи цигари. На патот назад врнело и цигарите биле уништени, а Питер знаел дека ако се врати дома, ќе биде претепан. Ужаснат од ова, тој избегал.

Питер морал да помине низ многу искушенија и неволји за да создаде подобра иднина за себе. Но, тој не се откажал. Кога конечно се населил во Оклахома, започнал бизнис со недвижнини. Бидејќи неговата куќа имала две празни спални соби, тој не можел да биде спокоен, знаејќи дека има деца на кои им треба безбеден дом и кров над главите. Затоа, отишол во згрижувачка агенција и го посветил својот живот на грижата за овие деца и станал посветен родител.

„Во последните три години, имав дванаесет деца, од две до 11 години. Бидејќи сум сингл, можам да се грижам за најмногу две деца одеднаш“, раскажал тој.

Сепак, сето тоа се сменило кога се сретнал со едно момче, чија приказна била премногу болна дури и за него.

Една вечер, Питер добил повик од својата социјална работничка, која го замолила да прими 11-годишно момче во неговиот дом во текот на викендот. Имено, момчето тукушто се збогувало со двајцата браќа кои живееле со него во згрижувачко семејство, кои одеднаш биле вратени кај нивните биолошки родители.

Иако сметал дека во моментот нема доволно енергија да се грижи за друго дете, на молба од социјалниот работник, тој го прифатил нејзиното барање. Но, првично, тој не сакал да знае зошто го испратиле момчето Ентони во згрижувачко семејство. Мислел дека уште една тажна приказна целосно ќе го скрши, и не сакал повеќе да се зближува со сите овие деца. Разделбите му станале премногу болни.

Питер му рекол на Ентони дека може да го вика „господин Питер“, но само 20 минути по пристигнувањето, момчето го прашало дали може сепак да го вика тато.

Во понеделник, кога социјалната работничка дошла по момчето, Питер се премислил и решил да открие зошто на момчето му бараат згрижувачко семејство. Излегло дека неговата биолошка мајка го напуштила кога имал само две години. Потоа бил сместен во семејството од кое на крајот бил посвоен, но речиси десет години подоцна, истото семејство што го воспитало го напуштило кога бил во болница и повеќе не се вратиле. Питер се прашувал какви луѓе би можеле да го направат тоа.

Но, тогаш дознал дека семејството исто така се откажало од родителските права, значи Ентони немал каде да оди. Питер знаел дека мора да го прими во неговиот дом.

Оттогаш тие двајца станале татко и син, а на 12 декември официјално го посвоил Ентони, пишува Bored Panda.

„Навистина сум благословен што го имам. Се чувствувам како да ми е потребен или дека тој ми го смени мојот живот повеќе отколку што јас го сменив неговиот”, рекол Питер.

Иако сега има син, тој не престанал да се грижи и за други деца. Како што открил, нивното семејство наскоро ќе ги отвори вратите за уште едно дете на кое Питер ќе му биде згрижувачки родител.

Фото: Инстаграм

[better-ads type='banner' banner='999' ]