Смешно е што во болница со детето може да биде мајката, бабата или пријателката, ама не и таткото!

Гласот на одговорните татковци мора да се слушне, велат иницијаторите на интернет платформата ’Одговорен татко’ чија цел е да бидат револуционери во промената на родителските односи во семејството кадешто таткото e секогаш „Родител брoj 2“ и во подредена положба во однос на мајката.

0
2739
Боро Мирчески и Петар

Деновиве, на иницијатива на група млади татковци беше покрената Иницијативата за зголемување на свесноста кај родителите од „посилниот пол“ – за важноста на нивната улога во развојот на децата.

Идејата за создавање на интернет платформата ’Одговорен татко’ потекнува од четворица млади татковци. Нашиот соговорник Боро Мирчески, татко на едногодишниот Петар, е вработен во Министерството за надворешни работи, а останатите тројца иницијатори се: Влатко Ставровски, татко на петгодишната Каја, кој е сопственик на приватната компанија ’Таруно’, Дејан Поповски, татко на тригодишниот Мајден кој е вработен како менаџер за продажба во ’Хапа Фарм’ и Далибор Арсовски, татко на четиригодишната Лина, 4 години, кој е вработен во приватното училиште „Нова“.

Дејан Поповски и Мајден
Влатко Ставровски и Каја
Далибор Арсовски и Лина

Овие млади татковци велат дека се одлучни да преземат акција со цел да влијаат врз понатамошниот развој на македонското општество кога станува збор за одгледувањето на децата и потребата за наоѓање успешна формула на менаџирање на деловното со приватното.

Покрај иницијаторите, платформата е поддржана и од нивните бројни пријатели и познајници кои позитивно гледаат на еден ваков нов проект, во согласност со потребите што произлегуваат од современото живеење.

На прашањето што ги поттикнало на создавање на оваа платформа нашиот соговорник вели: „Не поттикна средината во која живееме. И проблемите кои произлегуваат од лабилниот систем. На пример, мојата сопруга работеше со договор на определено време, кој за жал и заврши во третиот месец од бременоста. Помина невработена дома речиси две години до нејзиното следно вработување. Тежок период за млади родители да одгледуваат дете со плата од еден родител. Но поддршката од најблиските ни беше водилка да не престанеме да се бориме за подобро утре. Благодарни сме им на сите кои се секојдневно покрај нас, семејството, роднините, пријателите… Сега се вработи, а Петарче полека се подготвува за првиот ден во градинка.

И вакви ситуации има на секој чекор кај младите родители. Голем дел од нас се вработени со договор на дело, работат без здравствено осигурување, па одлуката за  создавањето потомство ја одложуваат за некоја подобра иднина.

Но, стабилното вработување е само еден од проблемите со кои се соочуваме. Друг проблем е фаворизацијата на мајката кога станува збор за боледувањето за време на породилното отсуство. Како иницијатива, планираме да се бориме истото да може да се користи и од мајката и од таткото, со правична распределба. Да нема ограничувања за тоа кој од двајцата родители и како ќе го планира отсуството од работа во предвидениот 9-месечен законски период.

Гласот на одговорните татковци треба да се слушне. Секој од нас, младите татковци, придонесува многу повеќе во активностите на своето дете од претходно. Учествува рамо до рамо со сопругата во обврските што произлегуваат од одгледувањето среќно дете, а не ретко придонесува и во одржувањето на домот, со цел зголемување на брачната хармонија. Меѓу нас има и такви кои одлучиле среќата на децата да ја практицираат во одвоен живот од поранешната сопруга, но во ниту еден момент не дозволуваат одвоениот живот да биде товар за детето.

Многу е важна поддршката меѓу партнерите во градење на заедничка кариера и успешен приватен живот. За секој да има време за своите најблиски, обврските мора да бидат поделени. Со соодветно менаџирање на времето потребно за нивно завршување, целото семејство ќе има повеќе време за да го поминува заедно, со поширокото семејство, со пријателите. Вистинските вредности се во меѓучовечките односи, а не во ИТ изолација, нешто што многумина го практикуваат денес како метод за релаксација од секојдневните обврски“, вели Боро Мирчески.

Нему и на неговите „соборци“ најмногу им пречи тоа што секогаш на таткото се гледа како на „Родител бр.2“ и тој е секогаш во подредена положба во однос на мајката.

„Тоа се должи на менталитетот и на наследените состојби во државниот систем. Смешно е што во болница, придружба на дете може да биде само мајката, бабата, свекрвата или пријателка. Таткото не! Зошто? На ваквите смешни небулози мора да им се стави крај“, порачува тој.

Иако се свесни дека на голем дел татковци им одговара актуелната ситуација кога поголемиот дел од обврските околу децата се на мајките, сепак сметаат дека ова не важи за помладите генерации.

„Ние сме поинаква генерација и затоа треба да бидеме револуционери во промоцијата на суштинските промени. За разлика од порано денес двајцата родители мора да работат посветено на кариерата со цел соодветно придонесување во семејниот буџет. Парите денес имаат друга вредност. Животот е малку повеќе комплициран за живеење од претходно. Предизвиците се поголеми. Можеби и глобализацијата си го прави своето, па и потребите и желбите на семејствата денеска се различни од порано.

Среќно семејство подразбира активно учество во животот на сите, од сите чинители на тоа обединување. Среќата е адреналин за подобри промени. Само кога постои взаемно разбирање и правична распределба на обврските, бракот може да биде функционална заедница. Една целина, која ќе биде пример за општествена одговорност, за креирање на слободни умови, борци за подобра иднина. Само со заедничко инвестирање во семејството, соништата можат да бидат лесно остварливи, без разлика колку и да изгледаат далечни“, вели Мирчески.

Тие ја имаат поддршката од сопругите, кои се вработени и нормално дека се задоволни и среќни од поделбата на обврските, бидејќи само така, сите ќе имаат време и за децата, и за себе, и за другиот, и за работата и за поширокото семејство, за пријателите… „Тимската работа е клучот за успех“, порачуваат овие татковци кои, како што велат, се 100% инволвирани во растот и развојот на децата.

Засега, тие дејствуваат само во интернет просторот.

„Првичниот период е период на едукација, преку стручни содржини да влијаеме на зголемување на свесноста кај татковците од потребата за нивно активно инволвирање во животот на децата во сите сегменти. Во следната фаза планираме да отвориме онлајн медиум со слична цел, како и доколку обезбедиме финансиска поддршка, да креираме Android, iOS  апликација која ќе биде користена за полесно менаџирање на секојдневните активности на родителите, како баланс помеѓу приватното и деловното. Во следната фаза планираме да отпочнеме офлајн активности, преку креирање на настани за зголемување на општествената одговорност, различни работилници каде главни актери ќе бидат татковците и децата, обуки, семинари, настани на отворено и слично.

Соработката помеѓу сите нас кои се стремиме да го направиме нашето општество подобро место за живеење е клучна. Отворени сме за соработка со сите сродни иницијативи, здруженија, надлежни институции, а во иднина ќе се обидеме и да бидеме иницијатори на бројни плодни соработки“, порачаа татковците.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]