Смртта не е крај, допрва почнува

Деновиве поминаа седум месеци од смртта на мајка ми. Човек дури и да сака да заборави, не му дозволуваат... Ниту покојниот може да почива во мир, ниту живите имаат време за жалење или за евоцирање на убави спомени, додека седат покрај гробот опкружени со отпад од секаков вид и додека се занимаваат со новите долгови што покојниот продолжува да ги прави, и така покоен - не е крив, ама должен е.

0
1356

Кога ќе ти почине најблизок, наместо да си тагуваш, мораш да трчаш и да собираш документи за да можеш воопшто и да го погребеш, иако и тоа во време на корона си имаше дополнителни перипетии.

Оние од Бутел АД Скопје, мува не ги лази, бидејќи се единствени, а човек, ’кад-тад‘ мора да им дојде на шалтер и така тие само си ги дополнуваат услугите и не си ја вршат работата. Првин мислев дека Бутел АД Скопје и Погребен сервис Бутел се едно исто, ама не биле. Многу се различни, исти се само во тоа што не си ја вршат работата, и тоа скапо го наплаќаат. Секоја чест!

На пример, првите, откако во сите медиуми излегоа оние фотографии од отпадот што ги краси вечните почивалишта на нашите најблиски, кои се и нашата идна адреса, не нè удостоија со никаков одговор. Можеби бил на одмор правниот референт со кој контактиравме минатиот пат, којзнае.

А во меѓувреме, медицински отпад, картонски и пластичен смет помеѓу гробните парцели, искористени шприцеви, игли, стаклени шишенца, амбалажи од антибиотици, гази, памук, шишиња за инфузија. Сите знаеме дека овој проблем не само што се провлекува со години наназад, туку и сè повеќе ескалира и покрај тоа што уредно си ја плаќаме гробарината за одржување на гробиштата на Акционерското друштво за погребни и придружни активности Бутел.

А под гробарина се подразбира надомест за одржување на гробиштата, тековно и инвестициско одржување на комуналната инфраструктура и придружните објекти на гробиштата. Одржувањето на надгробниот споменик на гробното место го врши носителот на гробното место. Носителот се обврзува да плаќа гробарина за одржување на гробиштата. Цената на гробарината годишно изнесува 320 денари, со можност да се плати однапред за наредните 5. Така барем пишува на веб-сајтот на АД Бутел. Не пишува дека и оние што ќе ги најмите за да ги напишат буквите на надробниот споменик, исто така треба да им платат на АД Бутел, односно, дa им дадат процент од парите што сме им ги платиле ние за услугата. И тие си имаат давачки, а АД Бутел само собира… „Џокер збира“!

Зошто со средствата кои им ги уплаќаме на нивната сметка, не се грижат за комуналната инфраструктура на гробиштата, не се знае, ниту пак некој ќе ви одговори.

Како и да е, човек да си нема работа ниту со АД Бутел Скопје кој е управител на градските гробишта и треба да се грижи за гробиштата, ниту со Бутел погребен сервис кој врши погреби.

Овие вторите, демек, погребниот сервис, ви наплаќаат една иста работа кажана на три различни начини, и на крајот добивате сума која далеку го надминува она што потоа се враќа од пензискиот фонд. На пример, имате подготовка за ископ и ’уредување‘, а подолу имате ексхумација на коски?! Во што се состои подготовката за ископ, а во што ексхумацијата, нели е тоа едно исто, односно, за да направиш ексхумација, мора да направиш и ископ, а за д се подготвиш за ископ треба да земеш лопата во рака. Или пак се наплаќа секое движење што ќе го направат вработените, којзнае, клекнал двапати, се наведнал пет пати, вкупно толку и толку. Има и ставка наречена подготовка на починато лице. Ме интересираше, што се подразбира под тоа подготовка, кога сите знаеме дека во време на корона починатите ги ставаа во вреќа, а потоа во сандак и толку. Нема облекување, нема миење, нема ништо од оние церемонијални обреди што беа вообичаени пред короната. Па си велам, ако веќе ги испративме немиени и нестокмени, зарем ќе ни наплаќаат подготовка на починатото лице-2000 денари плус ’санитарна услуга‘ – 1200 денари. Јас не сфатив што значи ниту едното, ниту другото, ама ниту можам, ниту сакам веќе да се расправам со нив. Кој има толку енергија после сѐ, да се расправа и со нив, си реков и ја затворив таа книга. Готово е!

Арно ама, и тоа не било крај. Допрва треба да го одјавиш починатиот, па да им однесеш доказ дека е починат. Па трчаш по документи, вадиш умреница, одјавуваш пензија, туѓа нега, и ништо од ова не е полесно отколку за да ги добиеш истите.

Пак мора да одиш, да си чекаш ред, да пополнуваш формулари, итн.

Ама и тогаш не е готово. Остануваат сметките во банка. Празни се, ама пак е проблем. Којзнае колку проблеми има ако се сметките полни. Пу, пу, пу, недај Боже. И така, одиш во банката каде што починатиот земал пензија и таму ти бараат потврда дека си се раздолжил со ПИОМ. Ги прашуваш, па добро вие нели сте поврзани, јас ли морам да одам пак таму за да ми дадат пусулче? Мора да одиш! И одиш, тоа е, тие се институции, а ти си човече. И тоа, мора да бидеш ’Човече не лути се, оти и ако се лутиш, залудно е.

Потоа одиш во друга банка и таму плаќаш 4 денари, толку имало минус, и велиш: Толку? Готово е? Ооо, алал да ви е, со вас брзо завршивме работа, не ме праќавте да одам да ви носам пусулчиња од Центарот за социјални работи каде што се добива помошта за туѓа нега? Велат, не, не треба ништо, готово е сè. И си велам, ех бе мамо, готово, ги средивме твоиве земни работи, биди си спокојна, не мора да трчаме веќе. Кога после 2 месеци стасува писмо од таа втора банка и таму пишува дека мајка ви должи 180 денари, годишна членарина за картичката. Ама јас ја затворив сметката, им велам, зошто да плаќам членарина? А ја вративте картичката? Велам, не, никој не ми ја побара, ама и онака е празна, нема ништо, на нула е. Велат, таква е процедурата. А зошто кога ја затворив сметката не ми ја побаравте, јас не ја знам процедурата. Велат, не сте ја затвориле! Молам??? Па ви носев умреница, ве пофалив дека брзо завршивме … како мислите не сум ја затворила? Каде е вашата колешка кај која бев кога ја затворав сметката што не е затворена, знаете, тоа е во исто време кога ги плаќав тие 4 денари, еве, видете го ливчето … Да, да сте биле ама не сте пополниле барање. А зошто сум ви носела умреница тогаш, зошто сум уплаќала 4 денари, каде ви е умреницата што ја оставив и барањето што го потпишав, впрочем, каде е колешката со која тогаш ја ’завршив‘ работата?

Е колешката била тука на замена, а сега била на одмор. Ме искараа зашто ги карам наместо да го сослушам решението и што мислите, што се случи?

Најдовме решение. Ме испратија мене, човечето што трча по шалтери, да тркне до дома, и пак да им донесе умреница, да пополни барање, да потпишува изјави, да образлага написмено и наусмено што се случило и да изгуби уште два часа од своето работно време. Мислам, бидејќи е нивното до 16 часот, сите други мора да си трошат од своето работно време кое не е толку важно, нели! Ама се надевам овојпат се заврши. Што мислите? Крај ли е ова?

Сакам конечно мајка ми да почива во мир, наместо да се шетам со нејзината лична карта во паричникот и да дремам по шалтери за да ги плаќам долговите што не ги направила. Ниту пак може да ги прави…

[better-ads type='banner' banner='999' ]