ТАТКОВЦИТЕ СЕ БОРАТ ЗА СВОИТЕ РОДИТЕЛСКИ ПРАВА ПО РАЗВОД Правата на децата изгубени во лавиринтот на системот

Емотивните, но и експертските излагања во рамки на меѓународната конференција за рамноправно родителство после развод, во Љубљана, покажаа дека односот на општеството, медиумите и судството во земјите од поранешна Југославија е исклучително дискриминаторски кон мажите.

0
450

Вчера (27.октомври), во Љубљана се одржа Меѓународна конференција за рамноправно родителство со учество на 6 здруженија на родители од 5 земји од Западен Балкан (Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Србија и Словенија) и 9 реномирани, врвни експерти од Словенија, Германија, Италија, Белгија и САД кои понудија објаснувања и решенија за регулирање на проблемот со заштитата на правата на децата.

Во првиот дел од конференцијата, од извештајот на здружението на родители на секоја земја, јасно се гледа дека проблемите се прилично исти во сите земји. Сличен е и односот на општеството, медиумите и судската практика. Но, она што радува, велат организаторите, се малите промени: соработката на невладините организации во ревидирање на законодавството во Македонија, повеќе судски решенија за размноправно родителство и интересот на медиумите во Хрватска, подигањето на свеста во БиХ, свеста и реакцијата на поединците се менува и во Србија, а има мала промена и во судската пракса на вишите судови во Словенија.

Сепак, се уште, системот во секоја од овие бившојугословенски земји е дизајниран такашто е жената секогаш претставена како жртва. Чести се лажните пријави за семејно и за насилство врз децата, а мажот е виновен се додека не се докаже спротивното. Дотогаш, детето е веќе оттуѓено, проблем кој засега голем број од таканаречените родители од втор ред, а тоа се во најголем број од случаите, татковците.

Според излагањата на експертите на вчерашната конференција, веќе подолго време стручњаците кои се занимаваат со менталното здравје на децата се на мислење дека по разводот е потребен пофокусиран пристап кон децата.

Таквиот пристап ја намалува штетата што им се нанесува на децата и ја обезбедува нивната благосостојба.

Во повеќето земји, стандардот „најдобриот интерес на детето“ е крајно нејасен и неодреден и е оставен на слободно толкување од страна на судиите од кои повеќето го немаат потребното знаење за развојните потреби, менталното здравје и приврзаноста на детето, а им се дава неограничено дискрециско право во носењето на одлуките.

Заедничко за сите излагачи беше укажувањето на потребата од поголема брзина во решавањето на постапките во кои се инволвирани деца бидејќи еден од основните потреби е и тоа што додека да заврши постапката, оној родител кому не му е доделено детето, најчесто таткото, го гледа детето во минимални дози, па детето најчесто под влијание на она што му се сервира од родителот кому му е доделено старателството, најчесто мајката, се оттуѓува.

Една од учесничките, Мелита Пожгај, од хрватското здружение за рамноправно родителство во тој контекст, многу емотивно зборуваше за случајот на еден татко од Храватска, чие дете било одведено од страна на мајката во Србија, а тој поминувал двапати месечно повеќе од 1.000 километри за да го види својот син во строго определен термин од 2 часа во мрачните простории на Центарот за социјални работи. Срцето на таткото, вели таа, не издржало и тој починал две години подоцна.

„Во западните земји самите судии се образуваат за да знаат како да постапуваат во случаи во кои се инволвирани деца и тоа се третира како здравствено прашање, поточно, како превенција од појава на идни психолошки проблеми кај овие деца и според искуствата од државите кадешто функционира овој систем на рамноправо родителство после развод, е заклучено дека овие деца, немаат такви проблеми“, вели Наум Рибароски, претседател на Иницијативата за заедничко родителство после развод кој беше и единствен претставник од Македонија на оваа конференција.

Што се однесува до медиумите во Словенија, кои беа забележливо отсутни и не информираа за конференцијата, Изток Иванчиќ, претседател на словенечкото здружение ДООР, се должи а тоа што се тие исклучително наклонети кон мајките и воопшто, кон жените, бидејќи се мисли дека тие се тие кои им треба заштита.

„Ние само сакаме рамноправен однос со мајките. За да ви ја објаснам состојбата, ќе кажам дека еден единствен пример во последните 30 години кога старателство беше одземено од мајката и судот одлучи децата да одат кај таткото, е веќе една година постојано присутен во медиумите. Ние гледаме на тоа како на еден вид на новинарска синтагма, кога не е информација кога кучето ќе касне човек, туку кога човек ќе касне куче. Сакам да кажам дека кога станува збор за големиот број татковци на кои тоа постојано им се случува,  тогаш тоа не е интересно и не оди во медиумите. Такашто, дефинитивно, во нашето општество, постои голема дискриминација на татковците“, вели господин Иванчиќ.

Ист е случајот и во Србија, а тоа го посведочи и претседателот на тамошното здружение, господин Дејан Павловиќ.

„Постојат предрасуди дека секогаш и во сите случаи мајката е подобар родител, а ние само сакаме да покажеме дека никој не е подобар родител, туку дека двајцата се подеднакво важни за детето и дека нему му треба балансирано присуство и на двајцата родители.

Во Словенија постои официјален податок дека во 90 отсто од случаите старателството го добиваат мајките, а само мал процент, се оние кои биле доволно свесни за да се договорат самите околу старателството.

Според господин Павловиќ, тие се вистинска реткост и во Србија, а главен проблем остануваат висококонфликтните разводи.

„Договорот помеѓу родителите е практично утопија, па затоа инсистираме системот да мора да реагира на начин кој ќе го утврди навистина најдобриот интерес на детето“, вели тој.

Според Рибароски, главен противник на заедничкото родителство не се жените, ниту феминистичките организации, туку радикалните феминистички организации.

„Тоа е нешто друго, тие работат на претставување на жените како жртви и не се плашат да ги употребат децата како оружје. Ако се вратите наназад, ќе се сетите дека жените бараа од мажите да се вклучат повеќе во одгледувањето на децата, а сега кога ние го бараме тоа, велат не може“.

Во Македонија сме единствени по тоа што оваа иницијатива за заедничко родителство е поддржана од повеќе невладини организации, пред сè, од „Меѓаши“, како единствена организација од овој тип во регионот.

Со оглед на сето ова, како заклучок од конференцијата беше констатирано дека во овие 5 земји од Западен Балкан (Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија, Србија и Словенија) постои заедничка нишка во постапките за развод, а тоа се: застарено законодавство, дискриминаторски, дури и корумпирани судски социјални процедури и незаинтересираност на судството за измени.

На конференцијата учествуваа и 9 реномирани светски експерти од областа на психологијата, педагогијата и правото од Словенија, Германија, Белгија, Италија и САД кои понудија објаснувања и решенија за регулирање на оваа запуштена област.

Главната поента на овие конференции е пред се, носителите на одлуките да се информираат за модерните трендови при одлучувањето што е најдобриот интерес на детето ако родителите се разделат. Во таа смисла, Комората на социјални работници на Словенија не само што учествува, туку и ја смета оваа конференција како дел од настаните со кои се образуваат нивните социјални работници.

Од нашите центри за социјални работи, информираше Рибароски, немало интерес за учество на конференцијата, иако им бил понуден линкот за учество преку Зум.

Во секој случај, вака обединети, овие здруженија сепак ги помрднуваат работите вртејќи го вниманието кон неодржливата општествена судска пракса и несоодветното законодавство во постапките за развод во сите 5 држави.

Домашните и странски експерти предложија, а воедно и го оправдаа решението – рамноправното  родителство по развод, да биде прв и најдобар избор со оглед на тоа што истото е веќе препознаено во многу напредни европски земји.

Фото: Фејсбук

[better-ads type='banner' banner='999' ]