Фризерите шишаат по дома, козметичарките немаат работа, а влакната растат ко луди

2Дури деновиве нашите стални муштерики почнаа барем да се јавуваат да прашаат дали и како работиме, па иако никој не закажа термин, си велам, добро е, барем телефонот заѕвони неколку пати“, вели Мирјана Миовска, сопственичка на мало козметичко студио во Карпош 3.

0
1413

Сите мерки против коронавирусот кои се преземаат ширум светот донесоа енормни последици за стопанството, особено за ‘малите стопанственици’. И додека дел од луѓето ги поддржуваат, други се прашуваат дали навистина има потреба од толку ригорозни мерки. Најголемиот број од оние кои мислат дека мерките се претерани, се најчесто сопствениците на мали бизниси од типот на козметичките и фризерските салони, чевларските работилници, шнајдерските, бутиците, …

Тие, односно, ние, вели нашата соговорничка, инаку сопственичка на козметичко студио во трговскиот центар ‘Алуминка’ во Карпош 3, можат веднаш да прогласат банкрот.

„Ние немаме време да чекаме на некаква помош од државата, пропаѓаме веднаш. Јас имам две вработени и искрено, среќна сум што и двете кога видоа како еден по еден се откажуваат закажаните термини на нашите муштерики, се исплашија и решија да си земат неплатен одмор. Нашиот салон е мал и работи добро, но за ваков малечок маалски козметички салон, тоа ‘добро’ функционирање значи да се има доволно за нашите плати, за придонесите и давачките кон државата, ама не значи и заштеди од кои би можеле да продолжиме да живееме во една ваква вонредна ситуација кога никој жив ниту се јавува, ниту доаѓа, ниту пак му паѓа на памет да прави некаков козметички третман“, вели Мирјана Миовска.

Таа вели дека за овој месец ќе се потруди да им ги плати придонесите на нејзините две работнички, и тоа доколку работата се размрда после Велигденските празници, а за плати, којзнае. Вели дека ѝ е жал и за нив и за себе и за сите кои се во слична состојба затоа што знае дека на сите ќе им биде тешко ако работата наскоро не се нормализира.

„Ние официјално не сме затворени, значи, немаме забрана за работа, но никој не доаѓа. Јас постојано се јавувам во Занаетчиската комора и таму ми го кажуваат истото, па секој ден доаѓам по неколку часа во салонот, ама две недели телефонот не ми заѕвонил. Знам дека во ваква ситуација никому не му е до козметички третмани, ама мислев дека ќе крене некој телефон макар за масажа за релаксација да закаже. Го дезинфицирав целиот простор и ја залепив налепницата на вратата и секојдневно го правам тоа и самата со средствата за дезинфекција кои и онака ние постојано ги трошиме, но сега наместо еднаш во денот, пред затварање, иако немам муштерии, дезинфицирам и кога ќе дојдам и пред да си заминам.

Дури деновиве нашите стални муштерики почнаа барем да се јавуваат да прашаат дали и како работиме, па иако никој не закажа термин, си велам, добро е, барем телефонот заѕвони неколку пати. Жал ми е за жените кои работат кај мене, едната е самохрана мајка со 18-годишна ќерка, а другата која е со мене од самиот почеток, е мажена и има две мали деца. Се надевам дека после празниците кога и тие ќе дојдат на работа, малку ќе се размрда работата. Се разбира, ние би работеле со заштитна опрема“, вели Мирјана.

Иста е ситуацијата и со нејзините колеги од фризерските салони, иако, според наши информации, некои од нив одат на повик и по домашни адреси, и покрај ситуацијата. Според Мирјана, пак, сeто ова би ѝ било и разбирливо доколку не ги гледа редовите пред маркетите, па и внатре, кадешто се купувачите многу повеќе изложени на можност од зараза отколку да дојдат на пример кај неа, на релакс масажа. Ама во овие моменти никој не мисли на тоа дали е обраснат во влакна, дали го боли грбот или има целулит, но сите мислат дека би било добро да се снабдат со 5-6 кг брашно и зејтин.

Затоа, за разлика од овие мали занаетчиски бизниси, продавачите во маркетите сега имаат барем двојно потешка работа, но имаат и додаток за добро завршената работа.

Тие работат со храна, а деновиве кога сите седиме дома, главна занимација која ги надминува нашите реални потреби, односно, задоволувањето на гладта, е токму храната.

Во меѓувреме, сите вие, жени и мајки на кои Мирјана и таквите како Мирјана, до неодамна освен што ви беа, скубачи на влакна и разубавувачи, ви беа и психијатри на кои им раскажувавте сѐ и сешто, јавете им се барем да ги прашате како се и закажете си некој термин, ако не за деновиве, барем за мај или јуни.

Еве како изгледа еден фризерски салон во Кина, во кој вработените најдоа начин да ги задоволат своите клиенти без да се плашат од ширење на коронавирусот.

[better-ads type='banner' banner='999' ]