Заштитете ги децата: Секој четврти крлеж носи Лајмска болест

Поради благата зима, ретките мразови и слабиот дожд, крлежите оваа сезона порано се активираа, па веќе од март во голем број ги има во парковите, на спортските терени, излетничките места. Нивната бројност засега е во границите на очекуваното.

0
2126

Поради благата зима, ретките мразови и слабиот дожд, крлежите оваа сезона порано се активираа, па веќе од март во голем број ги има во парковите, на спортските терени, излетничките места. Нивната бројност засега е во границите на очекуваното. Биолозите велат дека не се очекува поголема наезда на овие паразити во наредниот период, но дека најголем број лица со убод на крлежи се регистрираат во мај и јуни. Пролетта е и за инсектите, особено за пчелите и бумбарите, период кога тие се најотровни, така што стручњаците советуваат претпазливост при одењето во природа.

Според биолозите постојат повеќе видови крлежи, само Ixodes ricinus е пренесувач на болести кај луѓето, а бактеријата Borrelia burgdorferi, предизвикувач на болести, е присутна кај 25 отсто од овој вид крлежи.

Имајќи предвид дека крлежите паразитираат во голем број домаќини, тоа значи дека побрзо се пренесуваат заразните болести, како што се Лајмската болест, вирусниот крлежен енцефалитис, хумана гранулоцитна анаплазмоза.
Од таа причина сузбивањето на крлежите се применува на површините кои се однапред назначени како места каде што престојуваат голем број луѓе и домашни миленици, а тоа се парковите, шумите, местата за излет, спортските терени, објаснуваат лекарите.

Токму на ваквите места пациентите најчесто заработуваат убод од крлеж. Меѓутоа, проблемот е што убодот на крлежите не боли и не пече. Крлежите прават убод посебно на местата кадешто кожата е најтенка и најнежна, зад увото, на вратот, под пазувите, на стомакот, на препоните, а крлежот може да се вовлече и во косата. Ако се заразени можат да пренесат инфекција и на човекот. За пренос на бактеријата бургдорфери потребни се околу 24 часа. Затоа, велат епидемиолозите, важно е да се отстрани крлежот во тој рок.

Убодите или гризнувањаата од пчела или пајак можат да поминат незабележително, меѓутоа, не се ретки случаите да се појават нималку наивни алергиски и други реакции на кожата. Најопасни се алергиите на убод од инсекти во главата и вратот. Но, само одредени видови инсекти предизвикуваат алергиска реакција, напоменуваат алерголозите. Тоа се пчелите, осите, стршлените. Инсектите кои напаѓаат со гризнување се: мравките, стениците, болвите и пајаците, кои не можат да предизвикаат алергија, туку само непријатни реакции.

Се случува гризнувањето од пајак да предизввика грчење на мускулите, вкочанетост на делот околу гризнатото место, претерано потење, главоболка, мачнина или болка во стомакот. Немојте да ве изненади и појавата на необичен црвен, бел или син осип во облик на кругови кој се појавува околу гризнатото место. Гризнувањата од отровните пајаци може да предизвикаат главоболка, треска, малаксаност и болки во зглобовите. За да ги спречите непријатностите со инсектите треба да ги избегнувате местата кадешто има многу цвеќиња, да облекувате облека со светла боја, но да избегнувате шарена и црна облека која ги привлекува инсектите, интензивните сапуни, детергентите и омекнувачите, бидејќи мирисите ги привлекуваат инсектите.

Спречете го убодот

– Избегнувајте неуредени површини обраснати со трева, жбунести растенија и шуми.

– Ако одите во природа, носете облека со долги ракави и ногавици, вовлечете ги панталоните во чорапите и користете репеленти.

– По излетот прегледувајте ја кожата, посебено влакнестиот дел од главата. Задолжителен преглед и туширање по враќањето од природа. При прегледот посебно внимание треба да се обрне на подрачјето зад ушите, тилот, вратот, препоните, дојките, пазувите, подрачјето зад колената и папокот. Кај децата, пак, крлежот често може да се најде и на главата.

Првите 12 часа од убодот се најважни

Инфектолозите посочуваат дека најважно е крлежот да се најде во првите 6 до 12 часа од времето на убодот и да се извади.

– Мора да се внимава некој од крлежите да не е инфициран за да не дојде до пренесување на некое заразно заболување. Лајмската болест е најкарактеристична кај нас. Освен препораките за носење светла и долга облека при престој во природа, надлежните апелираат до локалните власти, редовно да се коси и да се исфрла тревата.

– Крлежот треба да се отстрани во текот на 24 часа од неговото закачување, за да се избегне преносот на бактерии наа човекот.

– Не се препорачува самостојно отстранување на крлежот. Но, доколку не сте во состојба да стасате до болница навреме, отстранувањето треба да се изврши стручно и правилно, исклучиво механички – со пинцета и без претходна употреба на какви било препарати, масла, ацетон, бензин, лак за нокти. Треба да водите сметка телото на крлежот да не се згмечи. По вадењето на крлежот местото дезифинцирајте го со алкохол. Сепак, советуваат инфектолозите, да не се експириментира, туку веднаш да се побара лекарска помош.

– Местото на убодот се набљудува околу еден месец. Појавата на црвенило на местото на убодот е знак на инфекција со причинителот на Лајмска болест и задолжително треба да се лекува.

Лајмска болест

Во својата прва фаза, Лајмската болест се манифестира со појава на локален оток и црвенило на местото на убодот и во околината, и тоа 3 до 32 дена по инцидентот. Локалното црвенило е топло и обично не е болно. Кај 50 отсто од пациенетите идентични промени може да се јават и на други делови од телото, а кај 15 отсто пациенти може да не се јават кожни промени. Освен промените на кожата, може да се јави и зголемена температура, треска, малаксаност, главоболка и зголемување на регионалните лимфни јазли. Инфектолозите предупредуваат дека ако не се препознае и не се лекува, после неколку недели се развива вториот стадиум на болеста, кој се карактеризира со невролошки симптоми, појава на болки во зглобовите и со кардиолошки симптоми.

Фото: www.mamaibeba.net

[better-ads type='banner' banner='999' ]