Како сте? Ја прашав жената која седеше во аголот од салонот на домот за стари лица „Феникс“ и некаде отсутно гледаше. Поглед кој ме потсети на оној на мајка ми која боледуваше од деменција.
На мојот допир на рамото ја крена главата, ме погледна и како едвај да чекаше некој да ѝ се обрати, ми рече: Татко ми дојде? Да, дојде, ѝ одговорив јас, а таа брзо ја смени темата. Кочо многу го сакав. Да, ѝ реков, и тој вас сигурно ве сакал. Следната реченица незнам на кого се однесуваше, дали на сопругот Кочо (подоцна, девојката која работи како психолог ми разјасни кој бил Кочо) или на таткото, ама ми кажа: Ако е во манастир добро, да не е на друго место. Ѝ кажав дека е во манастир, таа се израдува, се прекрсти и продолжи да си гледа некаде, каде што веројатно беа и ликот на нејзиниот татко кој доаѓа кон неа и оној на сопругот. Ја оставив во нејзиниот свет.
Во еден од најстарите домови за стари лица кај нас, „Феникс“, поточно, во Феникс Премиум во Капиштец дојдов откако на една средба за новинари се запознав со Мето Стевановски и Андреј Колев, тандемот во чии раце е сега најголемиот дел од работата во врска со управувањето на домовите „Феникс“.
Едниот, Мето, син на сопствениците, а другиот, неговиот најдобар пријател од детството, двајцата заедно немаат вкупно толку години колку најмладиот жител во сите три домови на Феникс и токму затоа, но и поради љубовта и почитувањето што ги имаат кон возрасните луѓе, за овие лица се вистинска светлина во нивното секојдневје, компензација за внуците кои или ги немаат или се некаде далеку од нив или пак доаѓаат да ги посетуваат многу поретко отколку што тие би сакале да бидат со нив.
Мето се сеќава на почетоците и првиот обид на неговите родители да создадат приватен дом за згрижување на стари лица кога тој имал смо 5-6 години, пред цели две децении кога кај нас сѐ уште не постоеше оваа бранша.
„Се сеќавам само дека првиот дом беше во истата куќа во која живеевме и ние, во населба Хром, а имавме само еден корисник, Италијанец. Памтам дека еднаш додека тој играше шах, јас му ги фаќав фигурите и тој ме удри по раката, па од тогаш почнав по малку и да се плашам од него и не му ги пипнав веќе фигурите“, се смее Мето кој секако, заради ова нема трауми, туку напротив, многу убави и среќни спомени, но и многу загуби.
„Тоа е животот, знам, едни си одат, други доаѓаат, ние сме секојдневно со постари лица, но со некои од нив кои се подолго време кај нас, сме толку сродени што ги чувствувам како да ми се баби и дедовци, па кога некој од нив ќе замине, се чувствувам баш како да сум изгубил член од семејството“, признава Мето.
Исто е и со неговиот другар и соработник Андреј, со кој другаруваат од најраното детство, а покрај нив и нивните родители.
Мето и Андреј доаѓале и помагале во домот уште како тинејџери, а изгледа дека во тоа уживале подеднакво и жителите во „Феникс“ и тие двајца.
Особено интересно звучи тоа што велат дека во тој период биле опседнати со вежбање и оделе на фитнес, па им го пренесувале своето знаење и на жителите во домот.
„Кога имавме по 18-19 години одевме и ги носевме корисниците надвор, ги шетавме по паркови и заедно правевме вежби, па со некои од оние што беа повитални, игравме и фудбал, а со другите шах и супер се забавувавме. И они се радуваа, интересно им е со нас и мислам дека многу им помага нашата позитивна енергија и тогаш и сега, ама и ние ги слушаме нивните совети. Уште го памтиме и двајцата советот на една жена која ни велеше дека треба да се шета и да се патува затоа што тоа го збогатува животот и дека ако некој сака да го прави тоа, не мора да зависи од тоа дали има партнер/партнерка или нема. Секако, за паметење е и уште еден несекојдневен настан во нашите домови, а тоа е свадбата што ја имавме тука пред неколку години. Двајца од нашите корисници се вљубија и решија да се земат. Очигледно, никогаш не е премногу доцна за љубов“, се смеат тие.
Инаку, Андреј и Филип си имаат и свои баби и дедовци, по крвно сродство.
Дедото на Андреј има 83, а баба му – 78 години ама вели дека сѐ уште се во одлична состојба и живеат сами, а баба му е активна и на социјалните мрежи па ги следи активностите на корисниците на Феникс и максимално го поддржуваат во неговата одлука да почне да работи таму.
Имено, Андреј, кој им завршено маркетинг, претходно имал своја маркетинг агенција заедно со брат му и соработувале со Феникс, ама од пред 6 месеци, откако брат му си заминал, решил да ја затвори агенцијата и да сврти нов лист – во домот за стари. Мето пак е одговорен за менаџерскиот дел од работата на домовите Феникс веќе 4-5 години, додека неговите родители кои се психијатри, се сконцентрирале на медицинскиот дел.
Дедото на Мето е сѐ уште релативно млад, има 75 години и е активен, но веќе 10-12 години е во Феникс, интересно е тоа што, како што ќе отворат нов дом, тој се сели во новиот.
„Дедо ми е сега во Феникс фемили, во Пржино и иако е во принцип малку терсене карактер, во глобала нема забелешки, а со менувањето на локациите ни доаѓа како еден вид на тестер за новите домови. Не верувам, ама ништо чудно да се пресели и во најновиот, четвртиот, кој треба да се отвори во секој момент, во населбата Црниче“, се смее Мето. Тој сакал да се приклучи во семејниот бизнис многу порано, но вели дека татко му некако премногу заштитнички се однесувал кон него, па на пример, му било жал да го буди наутро дури и кога Мето ќе кажел дека сака да дојде со него. Се противеле и кога пројавил желба да оди на ворк енд травел во Америка, но тој сепак отишол и секако, работел таму сѐ и сешто. Кога се вратил, завршил економија и одлучил дека наместо да почнува нешто друго, најдобро е да го продолжи семејниот бизнис.
„За нас ова не е само бизнис, ние навистина се соживуваме со луѓето. Мора да имаш емоции за да можеш да ја работиш оваа работа. Се зближивме со многу луѓе досега, па кога ќе си заминат од домот или ќе починат, искрено ни недостасуваат. Имаме една жена која е со нас веќе 15 години и таа ни е веќе како семејство. Си ја земаме кај нас дома на ручек, а и другите вработени исто, таа е сама, нема свое семејство па многу не сака нас, а и ние неа“, раскажува Мето.
Инаку, во сите три домови, живеат вкупно околу 200 луѓе. Четвртиот е веќе спремен само чекаат дозвола за да го пуштат. Освен во Капиштец, во Пржино и новиот кој ќе се отвори во Црниче, има Феникс и во Волково и тој од неодамна е специјализиран за корисници со Алцхајмер, иако и во сите други имаат оддел за деменција, но во нив се сместени оние кои имаат поблага форма.
Она што е интересно, а досега како варијанта го немаше во домовите за стари лица, е опцијата која е толку потребна во одделни фази од развојот на деменцијата за семејствата во кои е присутна, а тоа е варијантата за дневен престој.
„Оваа варијанта од типот на градинки за возрасни кај нас во Феникс постои одамна, но досега не сме ја рекламирале туку сме им ја кажувале како опција само доколку некој праша. Ова засега не е честа пракса, но се користи. Сепак, приоритет ни било згрижување на стари лица, а сега ни е како нов проект кој што сакаме да го почнеме посериозно“, вели Андреј.
Сепак, кај нив ова не е услуга специјализирана за лица со деменција за кои би имало посебна програма, туку важи генерално, за стари лица, доколку им треба друштво или се осамени да седат дома сами додека останатите членови на семејството се на работа, а имаат и опција со преспивање или доколку некој има потреба да се донесе родителот на ден или два, на недела дена, но најчесто од 8 наутро до 16 часот.
„За лицата во домот се грижат социјални работници, психолози и физиотерапевти, на дневно ниво. За сите што се сместени кај нас моментално и за луѓето што доаѓаат од надвор, од 10 до 12 часот секој ден имаме некои активности. Дали гледаме филмови, дали цртаат заедно со некој уметник-гостин, дали пее некој хор, или изработуваат нешто рачно или ги носиме надвор на прошетки, до црква, по манастири, на излети, постојано правиме активности. Гледаме максимално да ги вклучиме сите, за сите да направиме еден ист концепт и добро ни оди досега.
Секој ден од 9-10 часот наутро прават групни вежби, но мора да се биде внимателен, бидејќи доколку некој не сака да соработува, не настојуваме. Има стари луѓе, изнемоштени и сега некој да ги тера да вежбаат, а не сакаат, само ќе им се направи одбивност“, објаснува Андреј.
Во тимот, повеќето вработени се млади, а меѓу нив, од неодамна, односно, последните 7 месеци е и симпатичната Емилија Маркоска, дипломиран психолог. За овие 7 месеци таа веќе ги запознала сите жители во домот, но си има и посебни другари. Нормално е, вели, со некој ќе се зближиш повеќе, со некој помалку, зависи и од карактерите, но сите го добиваат потребното внимание и третман. Можеби затоа што е и самиот нов во домот и сѐ уште не е целосно прилагоден, голем другар ѝ е и дедо Петре Кипрески или како што го вика Емилија – Петраки.
Дедо Петраки е од Егејска Македонија, поточно од Лерин и со децата-бегалци од 10-12 години живеел во Романија, во Синаја.
„Царот на Романија таму направил палата и таму живеел, а јас како дете трипати сум влегол таму. Таму одевме и во школо. Јас бев малку поголем од другите и бидејќи потекнувам од Преспа, дома зборувавме само македонски, па ме одредија да ги подучувам другите деца. Во Скопје дојдов во 1957 година, работев во Пивара. Пред 3 години почина жена ми. Имам две ќерки и две внучиња, внукот има 12, а внуката-15-16 години“, раскажува тој.
Во домот е од почетокот на оваа година и сѐ уште не е целосно прилагоден, а особено не може да се прилагоди на храната, бидејќи, вели, никој не знае да готви како неговата сопруга.
Овде, вели, нашол некој со кого можел да игра шах, ама веќе го немало, па во моментов нема добар соиграч.
„Тука има само старци над 70 години. Јас би сакал да играм со некого пинг-понг или шах, ама немам со кого“, вели дедо Петраки кој за себе кажува дек има 80 и некоја, ама не сака да каже точно колку. Андреј и Мето се понудија некогаш да му прават друштво и да одиграат со него некоја партија шах или пинг-понг.
Емилија која е особено посветена на оние како дедо Петраки, кои сѐ уште не се најдобро прилагодени на животот во домот, досега немала искуство од работење во дом за стари, но има доста искуство со стари луѓе, поточно, со сопствените баба и дедо.
„Баба ми имаше деменција и тоа ми беше првпат да се соочам со ова иако теоретски знаев сѐ. Но, по искуството со баба ми, која за жал веќе почина, имам и практично искуство.
Со луѓето со развиена деменција е малку потешка комуникацијата затоа што не се свесни, ама ако работите со нив секојдневно и знаете како да се поставите, тоа добро функционира. Јас сите корисници ги гледам како свое семејство, гледам да сум расположена, а кога понекогаш доаѓам од дома нервозна, тие веднаш забележуваат и ми даваат позитивна енергија. Многу се поврзуваат со нас и сакаат да нѐ гледаат среќни, па ние се трудиме да бидеме такви и да им посветиме внимание. Оние што се свесни секогаш сакаат муабет за сѐ и сешто, сакаат да споделат што гледале на ТВ, што прочитале, зборуваат за нив, не распрашуваат за нас, едноставно како со свои.
За тие со деменција имаме посебни моторички игри кои се поедноставни, како на пример, да редат коцки по боја или да распределуваат форми на купче. Сепак, најважно е тие да чувствуваат дека имаме љубов кон нив, а ние да имаме доволно трпение. Велат дека децата даваат многу љубов, ама неизмерна е и љубовта што ја даваат старите луѓе, верувајте“, вели Емилија.
Петраки си замина на ручек, а ние се поздравивме и си заминавме. Госпоѓата од почетокот на текстот веќе беше нахранета и веројатно во мислите повторно беше со сопругот и со својот татко, а останатите, некои како и таа, во минатото и со спомените, а останатите, сѐ уште ведри, позитивни и благодарни што имаат со кого да си седнат под сенката на убавата тераса и да си муабетат онака, лека-полека, пензионерски.